Слово на Н. В. Митрополит Тимотеј на денот на Св. Партениј Лампсакиски

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!

„Услиши ја, Господи, молитвата моја и почуј ја молбата моја; Не биди безгласен како моите солзи, зашто сум туѓ во Тебе и придојден, како сите мои предци“ (Пс. 38, 12)

Драги браќа и сестри,

Преку овие зборови, старозаветниот цар и пророк нè поучува дека сите ние сме патници во овој свет и живот. Сите ние патуваме кон нашата вистинска татковина. Според тоа, секој странец должен е да го знае патот по кој треба да оди. Но, и покрај тоа, исто така, потребно му е да има и водич, односно раководител кој ќе го води по вистинскиот пат за да не се заблуди и да не се оддалечи од својот определен од. За нас, православните верници, таков раководител е нашиот небесен Патеводител. За нас, за таков се јавува Самиот наш Спасител Господ Исус Христос. Он ни го покажува патот кон вечното спасение. Он, тој пат ни го осветлува со Своето божествено слово кое нè поучува како правилно да одиме кон царството небесно. Самиот Господ Христос вели: „Јас Сум светлина на светот, кој врви по Мене, нема да оди во темнина, а ќе има светлина во животот“ (Јн. 8, 12). Он е нашата светлина. Он е нашиот светилник. Според зборовите на псалмопејачот: „Твоето слово е светилник на нозете мои и светлина за патеката моја“ (Пс. 118, 105).

Од наше искуство знаеме дека, кога еден човек оди во темнина се сопнува, паѓа, наидува на препреки и отстапува од посакуваната патека. Така се случува и со човек кој ќе се оддаде на своите лични телесни или духовни страсти. Почнува да се управува според сопствените слабости и наклоности, па отстапува од патот и принципите коишто водат кон царството Божјо. Додека, пак, човек којшто живее според заповедите Божји, и за кого истите се јавуваат како светила на патот, тој знае каде оди и дека врви по правиот, вистинскиот пат. По патот што води кон вечниот живот. Никакви препреки, ниту бури во житејното море, тој пат не можат да го оддалечат и да го однесат во пропаст. Само по тој пат се оди со сигурни нозе кон царството небесно.

Изодувајќи го долгиот пат, на човекот потребно му е време и простор и за одмор. Односно, да ги одмори своите телесни сили, како би можел да го продолжи своето патешествие. За нас христијаните, местото каде што се одмараме и црпиме духовни сили, одејќи кон нашата вистинска татковина, се јавуваат нашите свети цркви и манастири. Тука ние доаѓаме со сите наши слабости, грешки, суети, обременувања, тешкотии и разни измачувања од овој земен живот. Тука добиваме духовна храна, пред сè, да ја нахраниме нашата душа. Како што телото има потреба од материјална нахрана, така и нашата душа има потреба од духовно нахранување. А тоа духовно хранење е соединувањето со Господа Христа, преку јадење на Неговото Тело и пиење на Неговата Крв, односно преку светата Причест.

Можеби некој ќе постави прашање, а кои се тоа денови кога ние треба да правиме починка и зацврстување на нашиот од кон вечноста. Светата Црква тоа го определува многу јасно и гласно. Пред сè, тоа се воскресните и празничните денови. Денови кога ние, христијаните, повикани сме да ги посетуваме нашите светилишта. Светилиштата каде што нашите обременувања и грижи од овој свет ќе ги замениме со духовна храна. Таков празник денес прославуваме. Тоа е денот посветен на свети Партениј Лампсакиски. Ден посветен на оној кој го изодил својот овоземен пат, служејќи ѝ на Црквата и на Бога како сеоддаен архиереј, трудејќи се да го слови словото Божјо и да го утврдува своето стадо во вистинската Христова вера. За таа негова ревност и подвиг, Бог го обдарил со извонредни успеси. Уште додека бил во земната Црква, со благодатта Божја, го искорнал многубоштвото во неговата епархија, обратувајќи ги сите кон Вистинскиот Господ, кон Исуса Христа.

И ние што го одиме нашиот пат кон царството небесно, да се угледаме на овој Божји угодник. Та со нашата вера да нè отстапуваме од раководното начело на словото Божјо коешто ќе ни го осветлува патот, а истовремено и ќе нè води низ житејното море. Така ќе можеме да ги надвладееме сите бранови и заплискувања и ќе испловиме на сигурно тло. Па таму стигнувајќи да го наследиме царството Божјо, односно нашата вистинска татковина.

Ја користам оваа прилика, на игуменот на оваа света обител, архимандритот Партениј, да му го честитаме именденот посакувајќи му крепки телесни и духовни сили. Та да може да ги совладува сите животни искушенија, како на личен план, така да биде од помош на братството и сестринството коишто ги раководи. А на тој пат, помошници да му бидат св. Јован Крстител и св. Партениј Лампсакиски. Амин!