Слово на Неговото Високопреосвештенство, Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, изговорено на духовната Академија во храмот „Света Софија“ во Охрид, по повод 1000-годишнината од основањето на Охридската архиепископија

Неговото Високопреосвештенство, Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј

 

Почитувани,

Во историјата на православната Црква и православната екумена, малубројни се црквите кои оставиле таков силен печат во времето и историјата, како што тоа го има втиснато и остварено Охридската архиепископија.

Самиот настан – 1000 години Охридска архиепископија веќе одѕвонува во времето, но и во вечноста. Тие 1000 години длабоко се проникнати во историјата на Балканот, но најмногу во историјата на македонскиот народ. Тоа се 1000 години, исполнети со црковна традиција, вера, пастирска светост и богоугодие, со Христодаруваната небесна милост излеана над овој народ и црква.

Историјата на Охридската архиепископија е историја на десет вековна духовна и црковна самостојност, независност и автокефалност, заснована на Светиклиментовите црковни традиции, на тие духовни извори на благодатната сила, од кои македонскиот народ со векови се напојувал и укрепувал.

Но, не само тоа. Основањето на Охридската архиепископија пред илјада години со сите атрибути на самостојна и автокефална црква без сомнение спаѓа меѓу неколкуте настани за кои длабоко сум убеден дека може да го понесат епитетот на еден светско-историски настан. Времето и вековите изминати, кои нѐ делат од овој чин, со сета своја историска полнота, уште повеќе го изоструваат и потврдуваат ова мислење.

Текот на историјата на православната Црква покажа дека самостојноста, односно автокефалноста на една црква, е всушност и една од битните и најзначајните специфичности и одлики на источната Екумена и помесните цркви, кои заеднички и соборно општат во таа заедница. Големиот познавач на црковното право и каноните, Никодим Милаш, своевремено ќе напише: „Вселенската, екуменска црква и треба да се состои од повеќе помесни цркви, бидејќи уште апостолите, поаѓајќи да го проповедаат Божјото Слово – Евангелието, основале такви цркви кои самостојно делувале”. На тие историски основи, проникната со духот и благодата на Евангелието, опстојувала и Охридската архиепископија,  денес возобновена во лицето на Македонската православна црква.

Кога говориме за историскиот континуитет на Охридската архиепископија и рефлексите на современите црковни настани, може да се навраќаме и кон една историска ретроспектива низ која би се согледале важните настани, кои ги детерминирале и оцртале историските текови што ја овенчале со венец на Екуменска слава.

Тоа е така, бидејќи христијанството на македонските простори е засведочено уште во првите векови по Христа, преку дејноста на светиот апостол Павле и неговите соработници,  како и подоцнежните проповедници, како што бил светиот Еразмо, кој во Лихнид проповеда кон крајот на III век. Црковните традиции на предсловенскиот Лихнид, ќе бидат обновени кон крајот на IX век со доаѓањето на св. Климент и неговиот собрат св. Наум.

Во текот на наредниот век, кога Самуил ја создава својата држава и почнува да го шири своето царство, црковната организација ја поставува на веќе востановени традиции, но во согласност со потребите на неговата државна политика.

Самуиловата држава, воено и политички победена во 1018 год., ќе престане да постои, но црквата и црковните традиции опстојуваат и продолжуваат. Василиј II, колку и да бил суров и немилосрден во борбите со Самуил, толку визионерски и далекосежно постапува кога Самуиловата црква и нејзината диецеза ги издвојува во нова црковна организација во ранг на архиепископија, со статус на автокефална црква, која е потполно независна од останатите помесни цркви и Цариградската патријаршија. Василиј самиот го поставува првиот архиепископ Јован, Словен од Дебарско.

Истиот Василиј II, за да ја потврди автокефалноста на Охридската архиепископија и да ја утврди нејзината положба и територијалната организација, издава три грамоти со кои што  ги уредува правата на Архиепископијата и бројот на епископиите и митрополиите во нејзиниот состав. Токму врз легитимитетот  и силата на овие повелби, Охридската архиепископија ќе го шири и зајакнува своето влијание на широките простори на Балканот низ наредните векови.

Со првата грамота на Василиј II, Архиепископијата ја сочинувале 17 епископии со свои епархии и епископски седишта. Простирајќи се на југ од Епир и Тесалија до Дунав, Срем и Видин на север и балканските планини на исток, Охридската архиепископија уште со самото основање претставувала моќна и влијателна црква во православната екумена.

Уште од самиот почеток на својата историја и постоење, Охридската архиепископија е претставувана како наследничка на Јустинијана Прима. Учениот епископ Михаил Деволски, во драгоцените дополненија на Историјата на Јован Скилица, на самиот почеток од XII век, пишува: „Василиј II ја направи Архиепископијата автокефална, како што беше во времето на царот Роман Лакапин, откако дозна за наредбите на царот Јустинијан, која тој ја нарекува татковина и која тогаш го имала Кастелион за епископ”.

Овие преференци, заедно со вештината и умешноста на архиепископите, придонесувале Охридската архиепископија да ги надживее сите државни и политички творби, во кои била упатена низ историјата и во кои навлегувала. Охридската автокефалија, иако не можела да ги избегнува потресите до кои доаѓало со промената на државните управи, секогаш го бранела својот статус на стара црковна институција во рамките на христијанската заедница и ги истакнувала правните основи на своето постоење.

Низ историјата, меѓу охридските архиепископи имало учени богослови, како Леон „прв од ромеите”, кој ќе биде еден од главните протагонисти во големата шизма што ќе се случи во 1054 год. меѓу Цариградската и Римската црква. Архиепископот Леон е познат и како ктитор на фрескоживописот во катедралната црква „Св. Софија” во Охрид.

Имало и филозофи и книжевници, како што е архиепископот Теофилакт Охридски, чии коментари и толкувањата на евангелијата ќе бидат широко прифатени од христијанската црква. Меѓу архиепископите имало и  номофилакси – исклучителни познавачи на каноните и црковното право, како што бил Димитриј Хоматијан. Овој учен и благоверен архиереј е всушност најдобриот каноничар на своето време. Тој бил енергичен и авторитативен во одбрана на интересите на Архиепископијата.

Меѓу неговите наследници имало и проповедници и исповедници, меѓу кои особено се истакнува знаменитиот Константин Кавасила. Неговото делување во Охрид оставило длабока трага и спомен. Охридската средина многу рано ќе го канонизира и негови сликани портрети како на знаменит архиереј среќаваме веќе кон крајот на XIII век. Во време на неговиот наследник Теодор Керамеас, императорот Михаило VIII Палеолог, во 1272 год., ја издава познатата простагма со која ги потврдува сите права и привилегии на Охридската архиепископија, повикувајќи се притоа на трите основачки грамоти на Василиј II. Михаил Палеолог со простагмата уште еднаш ја истакнува целосната црковна и духовна супрематија на Охридската архиепископија, над, според него, неканонски изделените, Пеќка и Трновска црква. 

Охридската црква имала и ревносни ктитори како Григориј I, кој ја имал апсолутната поддршка на Андроник II, кој во 1312 год. на Архиепископијата ѝ ја издава познатата простагма со која се потврдуваат правата и привилегиите од времето на Михаил VIII и се зајакнува материјалната состојба на Архиепископијата. Григориј I, во 1313/14 год., ја гради големата припрата со галеријата од западната страна на катедралната црква „Св. Софија” и нарачува балдахин, а од страна на царот Адроник II, Григориј I добива и плаштаница, извезена во сребро и злато, која служела за литургиските потреби на архиепископската катедрала, како и двете престолни икони на Христос и Богородица Душеспасителка.  По него, изворите го бележат Антим Метохит, чие архиерејство е прекинато со Душановото освојување на Охрид во 1334 год.

Охридската црква меѓу архиереите имала и надарени дипломати, меѓу кои особено се истакнувале Јован и неговиот наследник Матеј, кој во изворите го среќаваме во првата деценија на XV век (околу 1410 г.). Тие двајца покажале големо чувство за дипломатија, успевајќи да ги регулираат односите со Високата Порта.

Охридската архиепископија е прва од христијанските автокефални цркви која ќе потпадне под Османлиска власт, но и прва, и за долго време единствена црква на Балканот, која ќе продолжи со својата дејност легализирајќи го својот правен статус во Османлиската империја.

Нивните наследници од средината на XV век, архиепископот Никола, Захариј и Доротеј, ќе бидат достојни продолжувачи на политиката на Архиепископијата, проширувајќи ја сферата на делувањето многу подалеку од матичните области, односно ги ставаат под своја јуриздикција и епархиите на укинатата Пеќка Патријаршија. Архиепископот Доротеј е важен по неговата коресподенција со молдавскиот војвода Стефан Велики околу ракополагањето на поглаварите на Молдавската црква, тогаш под јуриздикција на Охридската архиепископија.

Оваа стратегиска определба за јакнење и ширење на влијанието во однос на црковна политика ја следи и архиепископот Прохор, сигурно еден од најголемите поглавари на Охридската архиепископија од времето на Османлискиот период. Овој енергичен архиереј, кој со катедрата на архиепископијата ќе управува меѓу 1525-1550 год., ќе биде и најзаслужен за големиот подем на Архиепископијата, не само во доменот на црковната политика, туку и во доменот на уметноста и книжевноста. Прохор жестоко ќе се спротивстави на обидите на епископот Павле Смедеревски да отцепи одредени епархии од Архиепископијата, кои порано припаѓале на Пеќската патријаршија. Во овие настојувања тој ја имал поддршката на синодот на Архиепископијата, како и поддршката на цариградскиот патријарх. Прохор ќе биде присутен и на Света Гора, и тоа како ктитор и приложник, најмногу во манастирот Дохијар и во Кареја.

За сѐ уште големата моќ и влијание на Охридската архиепископија и по смртта на Прохор, говори фактот што Охридскиот поглавар Пајсиј, во 1565 год., ќе претседава на Соборот во Цариград, свикан против патријархот Јоасаф II, како и Гаврил кој во 1582 година учествува на Соборот во Цариград против грегоријанскиот календар. Но, меѓу архиереите имало и маченици. Архиепископот Ваарлам дури и маченички ќе страда во Велес во 1598 год.

Втората четвртина и третата четвртина на XVII век, за време на архиепископите Аврамиј, Мелетиј и Харитон се бележат и најинтензивните врски на Архиепископијата и рускиот царски дом во Москва. 

Времето на нивните наследници веќе го најавува времето на сѐ посилното влијание и претензиите на Цариградската патријаршија кон Охридската архиепископија. Токму периодот на крајот на XVII век и првите децении на XVIII век ќе поминат во оваа сѐ поизразена борба и антагонизам, но во оваа фаза сѐ уште надвладува влијанието на автохтоната странка, која како свој голем експонент го има архиепископот Зосима. Негова заслуга е што со својот авторитет и влијание ќе придонесе во 1718 год., непосредно пред својата смрт, на архиепископскиот трон да дојде тогаш најголемиот експонент на автохтоната странка Јоасаф.  Токму времето на архиепископот Јоасаф во историја останува како последниот голем црковен и културен подем на Охридската архиепископија. Овој енергичен архиереј, со голема поддршка на москополците ќе остави еден особен белег на ова време сѐ до средината на XVIII век. Јоасаф во Охрид ја гради новата архиепископска палата во дворот на катедралната црква „Св. Богородица Перивлепта”. Под негово покровителство, како и на манастирот „Св. Наум”, во Москополе работи познатата Москополска печатница.

По неговата смрт, автохтоната странка, значително ослабната, ќе ја загуби борбата со фанариотите и целата состојба ќе кулминира во 1767 год., кога последниот охридски архиепископ Арсениј ќе биде принуден да се повлече од тронот на Охридската архиепископија, со што всушност и таа престанува да постои, а нејзините епархии ќе потпаднат под власта на Цариградската патријаршија. Во 1776 год., Охрид и Преспа биле соединети во една нова епархија, со тоа што митрополитот се титулирал како Преспански, и покрај тоа што владиката живеел во Охрид. Оваа одлука на Цариградската патријаршија се спроведувала сѐ до Балканските војни, кога е направена нова епархиска распределба.

Долгите вековни традиции и споменот на Архиепископијата бил длабоко врежан во традицијата на македонскиот народ, кој, благодарение на Охридската архиепископија, опстанал низ вековите со сите свои црковни, културни и етнички  посебности. И во времето по 1767 год., македонскиот народ, предводен од граѓанството и своите првенци, перманентно ќе настојува и ќе се заложува за обнова на Охридската архиепископија. Тоа најдобро се согледува во времето на XIX век, кога на овие простори имаме и фанариотска и цариградска црковна ерархија, сѐ до Балканските војни. Старите традиции и желбата за своја автокефална црква – Св. Климентова Охридска архиепископија, повторно оживува за време на Втората светска војна, кога доаѓа до организирање на свештенството преку црковните собори во Издеглавје, а подоцна и во рамките на Асномските тела. Тоа особено се истакнува по војната, во 1945/46 год., кога многу јасно се отфрла дотогашната црковна управа и се настојува на формирање на самостојна Македонска православна црква. Овие настојувања ќе бидат јасно изложени и во црковните акти на Првиот црковно-народен собор во 1946 год., на Вториот во 1958 год., кога и всушност се прогласува автономна црква. Секако дека најзначаен е Третиот црковно-народен собор, во 1967 година, кога се обновува автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква.

Минатата година одбележавме 50 години од возобновената автокефалност, горди на сѐ она што е постигнато во тој период. Од три епархии, денес имаме дванаесет. Отворени се просветни институции, во кои заврши голем број на образован кадар, а од незабележително монаштво пред педесет години, денеска имаме над двесте монаси и монахињи. Целосно се издадени богослужбените книги на македонски јазик. Возобновени се многу храмови, манастири и црковни градби, со што се оправдува и возобновувањето на Охридската архиепископија, во лицето на Македонската православна црква, како автокефална и независна. Да ни биде вековита и заедно да прославуваме уште многу јубилеи.