Слово на Неговото Блаженство, Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан, изговорено на духовната Академија во храмот „Света Софија“ во Охрид, по повод 1000-годишнината од основањето на Охридската архиепископија

Неговото Блаженство, Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан

 

Нѐ собра исклучителен настан: одбележувањето на 1000-годишниот јубилеј на Охридската архиепископија; нѐ собра настан со кој би се гордеел секој народ и секоја помесна Црква, настан што ја потврдува нашата вековна вистина, настан на кој се потпираат и нашето минато, и нашата сегашност и нашата иднина.

Токму Охрид, овој Светиклиментов и Самоилов град, оваа славна наша престолнина, како и овој свет катедрален храм, древнава „Света Софија“, нашата охридска и македонска светиња над светиите, со овие избледени фрески од напластените векови, од доживеаните времиња и преживеаните невремиња, се живи хроничари за сѐ што било и поминало и низ градските порти и под овој свод и низ овие свети двери.

Оваа наша Охридска архиепископија е сведок дека вистината секогаш е посилна од невистината, правдата од неправдата и љубовта од омразата. Па што сѐ не доживеа оваа наша древна Црква од падот на царството и државата, од освојувањата и владеењата и од истоверни и од друговерни, од уривањата и грабежите, од палењата и пустошењата… Но духот на оваа наша славна Архиепископија беше тоа што му даваше утеха на нашиот народ и го крепеше да опстои. Под нејзина закрила ги зачувавме и душата и верата, и од неа црпевме морални и духовни сили. Таа ни беше единствената поткрепа и надеж во ропствата, единствен излез од беспаќата и патоказ кон вечноста.

Историјата на Охридската Црква е историја на (осум) вековна духовна независност, на духовна сувереност на Македонија… Автономниот дух на Македонија не е нов, туку е рожба на нејзиниот историски живот…, вели Иван Снегаров, познатиот црковен историчар, родум од Охрид, во своето дело „За Охридската Архиепископија“, објавено во Софија меѓу двете светски војни, па продолжува: Македонија има право и е способна за политичка самостојност, кога веќе можела толку (осум) векови да опстојува како независна духовна организација, и како што некогаш била основа за духовно обединување на балканските народи, така и сега таа може, од јаболко на меѓубалкански раздор, да прерасне во алка за општобалканско братство…[1]

 

Почитувани,

Историјата на Охридската архиепископија одела заедно со историјата на нашиот народ. Слободата на Архиепископијата била и слобода за народот. Како што тоа некогаш било, за жал – така е и денес: кој ја признавал  Црквата, го признавал и народот и кој ја негирал Црквата, го негирал и нашиот народ и сѐ што е наше македонско.

Но знаел нашиот народ дека само народ со минато, може да биде народ со иднина! Знаел дека нема вечни владари и трајни империи, туку дека има само народи кои вечно бдеат и ја чуваат својата историја. Ние денес, загледувајќи се во нашето минато, прилика е да се потсетиме и да се помолиме за личностите од минатото и за нивните заслуги и дела, трудејќи се достојно да се вложиме себеси и да ги насочиме своите обврски и задачи кон сегашниве и идните потреби на нашиот народ и Црква. Душеполезно и спасоносно би било да живееме по она евангелското, што било најглавно во мисијата на нашата древна Црква: љубовта кон Бога и љубовта кон луѓето. Само така ќе им се оддолжиме и ќе покажеме достојна почит кон духовниците и паството, кон сите коишто низ вековите наназад ѝ служеле и нејзе ѝ припаѓале, кон оние коишто некогаш дочекаа славни времиња, кон оние коишто трпеле искушенија, коишто ја доживеале забраната на нејзината дејност, како и кон оние коишто ја бранеле од неправдите и се бореле за нејзино возобновување и, конечно, кон оние коишто во лицето на Македонската православна црква го доживеаја и помогнаа во нејзиното воскресение.

Нека ни е честит 1000-годишниот јубилеј на Охридската архиепископија! Нека ни е вечна Црквата Охридска и Македонска! Амин.


[1] Иван Снегаров, „Предговор“ во Историја на Охридската архиепископија – Патријаршија II, София 1932.