2247

Светлината на Светилата незаодни

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено на Светата Литургија во скитот на Свети Кирил и Методиј во с. Битуше, по повод нивниот спомен

Денес, мили мои, чувме од Светото Евангелие како Господ наш Исус Христос ги советува апостолите, а преку нив и сите нас, велејќи им: Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен! (Матеј 5,16) На што всушност нѐ поучува Спасителот? Он ги повикува Христијаните да творат дела на Божествената светлината и преку тоа да го посведочат на земјата нашиот Отец, Кој е на небесата. Зашто само преку творењето добро, преку делата на светлината, нашиот живот станува проповед за Отецот на љубовта и на светлината. Еден од најчестите определувачки поими за Бога е светлината. Бог е светлина. Во светилниот на утрената од празникот Педесетница пееме: „Светлина е Отецот, светлина е Синот, светлина е и Светиот Дух…“. А ние? Зар би можеле да се наречеме и ние светлина? Се разбира, во никој случај. Меѓутоа, што повеќе се приближуваме до светлината на љубовта Негова, предавајќи Му се целосно Нему и трудејќи се во подвигот на делата на љубовта, тогаш несомнено и ние ќе бидеме озарени од Неговата светлина, ќе можеме да се наречеме ученици, носители на Светлината, коишто ќе ја шират неа во овој потемнат од гревот свет.

Денес го славиме споменот на двајца Рамноапостоли, коишто засветлиле со таа Божествена светлина среде славјанските народи и станале за нас светила незаодни, коишто ќе светат меѓу народите додека трае светот. Тие се достојните двајца ученици на Христос – Светлината и Љубовта – Светите отци наши Кирил и Методиј. Од нивните житија дознаваме прилично многу нешта за нив. Потекнувале од благороден род, нивното воспитание било особено благочестиво – богољубивите им родителите уште од младини ги воспитувале во христијанската вера. Нивното, пак, образование било највисоко за тоа време. Сепак, тие не сакале да градат светска слава, но возљубиле нешто друго, многу повозвишено. Светиот Методиј се одликувал со големо познавање од областа на правото и воените вештини. Бил толку добар правник, што во еден период бил поставен, од страна на византиските власти, за управник на една од словенските области. Но световната власт и можности не го привлекле неговото христокопнежно срце. По извесно време заминал за монах во манастирот Полихрон на планината Олимп во Витинија, каде што подоцна постанал и игумен, одбивајќи го претходно архиерејското достоинство. Брат му Константин, пак, бил човек на словото – философ и библиотекар на големата патријаршиска библиотека во Света Софија. Кога царските големци посакале да го оженат, тој богомудро им одговорил: „Јас веќе се оженив за горната философија, за Премудроста, за Словото Божјо“. И тој подобно на брата си копнеел да стане монах. Оставил сѐ што е земно, не сакал да гради кариера овде на земјата. Едноставно знаел дека сѐ овдешно е минливо, а само Христос е вечен. Затоа и ревнувал да ја усвои Неговата наука, се погрижил за спасението на својата душа и борејќи се за тоа, спасил и спасува многубројни други души. Има една интересна случка од неговото житие, кога тој бил сѐ уште дете. Во тоа време децата на богатите родители се забавувале со лов со соколи. При еден таков лов, по Божја промисла дувнал силен ветер и му го однесол соколот на малиот Константин. Цели два дена детето тагувало и плачело и ништо не јадело. Меѓутоа, воспитано од своите родители во мудроста Христова, тој се замислил над суетата на овој живот и си рекол: „Таков ли е овој живот, та место радост во него има жалост? Од овој ден ќе тргнам по друг пат, подобар од овој, а деновите свои нема да ги трошам во метежот на овој живот“. И така, тој навистина целиот свој живот го поминал во заедништво со Христа. Дури ни во царскиот двор не се осквернил со ништо, туку неговиот поглед бил вперен кон небесната философија. Подоцна, како што сите знаеме, тој и неговиот брат биле испратени од великиот и свет патријарх Фотиј Цариградски и императорот Михаил, како јагниња меѓу волци, помеѓу нашите предци Славјаните, кои во тоа време биле нецивилизирани, диви, неоформени. Бидејќи без науката на Евангелието, без Оној Кој дојде да го пресоздаде светот обезличен од гревот, луѓето навистина се како неоформени, немаат форма, немаат облик на внатрешниот човек. Токму затоа, светите наши Рамноапостоли, овие невечерни Светилници на нашата духовна култура и писменост, науката општо ја нарекле образование. Следствено, образован е оној којшто го има образот на Словото Божјо во себе. И затоа приличело, откако го извршиле макотрпното дело со изнаоѓањето на глаголицата, првите зборови што ги превеле од светото Евангелие да бидат: Во почетокот беше Словото и Словото беше во Бога и Бог беше Словото (Јован 1,1). Им покажале на светот и на целото човештво дека вистински образован човек е само оној којшто го прифатил Евангелието за свој живот, којшто го знае и живее за Божјото Откровение. Таквиот човек дејствително претставува образ и подобие Божјо. Да, првите страници од Светото Писмо ни кажуваат дека човекот е создаден според Божјиот образ и подобие (Битие 1,26), но гревот ја нарушил таа првобитна сродност на човекот со Бога. Образот Божји потемнел во човекот, додека неговото богоподобие било сосема нарушено. За да си го вратиме Божественото подобие, потребно е да се образуваме на правилен начин, или како што вели великиот Павле, да се облечеме во новиот човек, создаден според Бога во вистинска праведност и светост (Ефес. 4,24), онака како што сака нашиот Спасител Христос, Кој дојде да го пресоздаде и спаси човекот.

Погледнете каков мрак е светот без Светлината – Христос! Колку необразован е човекот, па колку и науки од овој свет да стекнал; нека има и десетици академски дипломи, со највисоки оценки – сето тоа ќе е само бакар што ѕвони, или кимвал што ѕвечи (1. Кор. 13,1), доколку, пред сѐ, не Го спознае вистинското Божјо Откровение, единствената богооткриена вера: предвечниот Отец и од Него испратениот совечен Му Син и единосуштниот Свет Дух, Кој од Отецот исходи…

Да се молиме на нашите Првоучители, Светите рамноапостолни Кирил и Методиј, кои во својот живот ја примиле светлината Христова и ја просветлиле со неа речиси цела Европа и пошироко. Биле силни во верата, гиганти на духот! „Кој ли, пак, ќе може да ви искаже достојна похвала?“ – прашува во недоумение нивниот ученик Свети Климент Охридски. „Откако со своите стапки ја минавте сета поднебесна земја, вие го осветивте целиот свет“. Впрочем, сите ние сме повикани да бидеме носители на Божествената светлина. Делото на Светите Браќа не е нешто што се случило и завршило во историјата. Гледајќи го духовното необразование во нас и околу нас, треба и ние, преку молитвата, созерцанието и делата на љубовта, да го продолжиме нивниот подвиг на богообразување на нашите души, а со тоа и на душите на ближните.

Нека Светите Кирил и Методиј ни помагаат да се надградуваме себе си во верата и во Христовото свето Евангелие. Да ни помогнат да го изградиме овој храм и да му испратат небесен благослов на нашите ктитори – благочестивото семејство Џиковски, кои се тука, помеѓу нас. И минатата година, кога ја отслуживме првата Литургија овде, кажав, а и сега ќе повторам: иако овие луѓе не се од богатите и од најбогатите во Македонија, сепак, со голема вера и љубов се трудат да го подигнат овој храм на светите наши Рамноапостоли. Нивното дело нека ни биде пример на сите нас!

Би сакал на крајот да им се заблагодарам и на членовите на хорот „Свети Нектариј Битолски“ од Битола, коишто со својата молитвена псалмодија ни го збогатија ова денешно наше торжество!

Молитвите и благословот на Светите Кирил и Методиј да бидат со сите вас!