Похвално слово за светите и преславни учители на словенскиот народ

ПОХВАЛНО СЛОВО ЗА СВЕТИТЕ И ПРЕСЛАВНИ УЧИТЕЛИ НА СЛОВЕНСКИОТ НАРОД, КОИ МУ СОЗДАДОА ПИСМЕНОСТ И КОИ ГО ПРЕВЕДОА НОВИОТ И СТАРИОТ ЗАВЕТ НА НЕГОВИОТ ЈАЗИК, ОДНОСНО ЗАБЛАЖЕНИОТ КИРИЛ И ЗА ПАНОНСКИОТ АРХИЕПИСКОП МЕТОДИЈ

Светите рамноапостолни отци наши, Кирил и Методиј

Благослови, отче!

Откако нашиот Бог и Спасител Исус Христос, поради Своето големо и неискажливо човекољубие [1], се смилува над човечкиот род, бидејќи не можеше да поднесе Неговото создание да биде држано од ѓаволската измама, Он доброволно се понижи Себе[2] и се воплоти од Светиот Дух и од Пречистата и Славна Богородица и Приснодева Марија[3], се јави на земјата и со луѓето поживеа.[4] Откако стана по изглед еднаков со нашето тело, Он го осуди гревот со Своето тело, та оние што умираат преку Адама, да оживеат преку Исуса Христа.[5] Зашто Он е нашиот мир, Кој од двата народа направи еден и ја разруши непријателската преграда; откако со Крстот го уништи непријателството.[6] Христос стана првенец меѓу умрените[7], и Самиот Он го упати човечкиот род по патот на нераспадливоста. Откако се вознесе на небесата, Он седна од десната страна на престолот на величието во висините.[8] Господ му даде на човечкиот род заповед за испитување, и во последните времиња ќе дојде да им суди на живите и на мртвите и, како праведен Судија, ќе даде секому според неговите дела.[9] Зашто Бог не ја сака смртта на грешникот, туку да се покае и да биде жив, бидејќи секој човек е многу склон кон злото. Милостивиот Бог не го остави Своето создание, и не го заборави делото на Своите раце, туку секоја година и во секое време избира мажи и им ги покажува на луѓето нивните дела и подвизи, та откако ќе се уподобат на нив, да достигнат вечен живот. А по нив ги избра пророците, по пророците – апостолите, по апостолите – мачениците, праведниците и учителите. Тоа се случи и во наше време. Зашто тие (пророците) велеа: „Слепи ќе прогледаат, глуви ќе го слушаат словото на Писмото, и сите ќе почнат да говорат на разни јазици за Божјите величија”.[10]

Во градот, пак, Солун имаше еден маж, по име Лав, човек непорочен, праведен и Го почитуваше Бога. Тој се воздржуваше од секакво зло и ги исполнуваше сите Божји заповеди како Јов,[11] живеејќи во кроткост и набожност. Тој имаше седум деца како Јов.[12] За него и пророкот вели: „Блажен е оној човек кој се бои од Бога, и кој ги почитува Неговите заповеди. Неговото потомство ќе биде силно на земјата. Родот на праведните ќе биде благословен. Слава и богатство ќе има во неговиот дом, а неговата правда останува во веки веков“.[13]

Од тој корен засветлија две извонредни светлозарни фиданки, носејќи на себе од Бога благословен плод. Тие живееја непорочно уште од младоста и Премудроста ја направија своја сестра,[14] и со неа ги украсиј а и душата и умот. Тие се натпреваруваа еден со друг во љубовта и во верата, цветајќи постојано преку мудроста како благомирисни цветови.

По раѓање блажениот Константин беше помлад, а по ум и по добродетели леташе високо, како орел, со духовните крилја. Откако си го просветли разумот со богозарната светлина, тој стана избран сад на Светиот Дух[15] и светејќи им на сите со философското учење, се покажа како неисцрпна ризница. Како извор што ја исполнува целата вселена, тој ги напои жедните за словото Божјо, како што рече самиот Господ Бог наш Исус Христос: „Кој верува во Мене, како што вели Писмото, од неговата утроба ќе потечат реки од жива вода“,[16] односно – даровите на Животворниот Дух. И, навистина, Светиот Дух бликна во него, се излеа низ неговите усни, и духовно со сладост ја развесели целата вселена, сеејќи го словото сред секој народ, според неговиот разум, зашто нему му беше даден духовниот дар да говори јазици, како и на апостолот (Павле).[17]

А неговиот постар брат, преблажениот Методиј, од рана младост почна да прима високи светски чинови. Цветајќи со мудрост како благомирисен цвет, тој беше сакан од сите владетели. Во своите беседи тој се покажуваше како Соломон,[18]  изнесувајќи прекрасни мудри изреки, поуки и мисли од нивата на своето срце, а во службата им угодуваше на сите. Како да има крилја, тој се појавуваше неочекувано, а во војната беше страшен како Самсон,[19] Гедеон[20] и Исус Навин[21]. Затоа тој прими војводски чин, но во него остана малку време. Кога тој разбра дека овој многуметежен свет минува неполезно како сенка, но и нешто повеќе – тој го прими словото Господово во своето срце како стрела, како што е кажано: „Каква полза е за човек да го придобие целиот свет, а и наштети на својата душа?“[22] Откако земното го замени со небесното, отфрлајќи од себе со презир сè што е привремено, тој се устреми кон вечното.

Методиј отиде на Олимп,[23] и таму прими монашко потстрижување (црна риза), очекувајќи да ја прими белата и нераспадлива ангелска облека. На сите им се покоруваше со послушание и смирение, во бдеење и молитва, во подвиг и служење, во строго постење, во постојана трезвеност, во духовно очистување, во плач од умиление, испуштајќи од очите извори од солзи како река, и со нив го миеше целото свое тело. Тој никако не знаеше за телесна почивка, туку секоја ноќ стоеше, од заоѓањето до изгревот на сонцето, не давајќи им сон на своите очи, ниту дремка на своите веѓи, поучувајќи се со псалми,[24] славословија и духовни песни,[25] и стремејќи се, низ подвиг, да го достигне животот на светите отци. Едни од нив тој ги надминуваше со кроткост и тихување (молчание – исихија), а други со пост и бдеење, и молитва, а особено со смирение. И така, Методиј стана познат меѓу сите отци, подобен на великиот Арсениј,[26] на Антониј[27] и на Сава,[28] остварувајќи го во себе животот на сите нив.

А милостивиот Бог, кога виде дека Методиј го минува животот во толку голем труд, подејствува врз срцата на браќата (монаси), кои, гледајќи го неговиот необичен подвиг во службата Божја, се чудеа меѓу себе и Го славеа Бога, Кој одозгора им дава благодат на оние што се трудат заради Него. Кога патријархот слушна за неговиот подвиг, го убедуваа Методија да го постават за митрополит на почесно место. Но бидејќи не можеа да го убедат за тоа, го поставија за игумен во манастирот, наречен Полихрон, во кој живееја седумдесет отци. Штом го прими ова, Методиј живееше како бестелесен, постојано во молитви, станувајќи сè за сите, за да ги придобие сите.[29]

За ваквите луѓе зборуваат пофално и светите книги (Светото писмо),[30] велејќи: „Тие ќе ја побараат премудроста на древните и ќе живеат во пророштвата; ќе ги пазат кажувањата на познатите мажи и ќе се задлабочуваат во тенките обрати на изразите; ќе служат меѓу велможи и ќе се јавуваат пред управители; ќе патуваат по земјата на туѓи народи; ќе бидат искушани во добро и зло меѓу луѓето; своите срца рано наутро ќе Му ги предаваат на Господа, Ко) ги создал. И пред Севишниот ќе се помолат и ќе ги отворат своите усти за молитва, и ќе се помолат за своите гревови. Ако, пак, великиот Бог посака, тие ќе се исполнат со дух на разум. Господ ќе излее слово и мудрост од нив, и во молитва ќе Го прослават Господа, зашто Он ќе ја открие нивната проповед и нивното учење. И ќе со пофалат во законот на Господовиот завет. Мнозина ќе го фалат нивното знаење. За векови тоа нема да биде уништено и нема да отстапи од нив, и нивното име ќе живее од поколение во поколение. Народите ќе раскажуваат за нивната мудрост, а Црквата ќе објавува за нив похвала.”

Тие беа крепки помошници и неподвижни столбови, втемелени врз цврстиот камен на верата. Тие го следеа примерот на праотците и патријарсите со верата и со подвигот, и самите ги завршија нивните дела и подвизи. Тие беа како великиот патријарх Авраам,[31] прародител на Христа. Со вера Авраам стана преселник и придојден во туѓа земја,[32] и беше наречен пријател Божји.[33] Откако го прими од Бога заветот за обрезанието, поради неговата вера беше наречен татко на многу народи.

А овие свети и преславни отци и учители, откако се украсија со истата вера, извршија исто и такви дела. Зашто и тие беа преселници од својата татковина и придојдени на туѓа земја. Тие примија закон од Бога не за своето племе, како Авраам, туку за еден народ кој не разликуваше десна рака од лева, па на што ќе се набиеше, на тоа му робуваше и им се клањаше како на Бога: се клањаа на созданието наместо на Создателот.[34] Тие двајцата примија завет не за обрезание, како Авраам,[35] туку завет за крштение за прошка на гревовите.[36] Тој завет, извршен и предаден од Самиот Господ наш Исус Христос, останува вечно.

Светиот благоверен кнез Ростислав Моравски ги дочекува со слава Светите Просветители

Тие беа како Мојсеј и Аарон меѓу Божјите свештеници.[37] Мојсеј беше наречен бог за фараонот.[38] Откако го казни Египет со различни маки,[39] тој ги изведе Божјите луѓе од ропството, дење насочуван од облачен столб, а ноќе од огнен столб.[40] Мојсеј го раздели морето и ги преведе по суво во пустината, а противниците ги потопи во морската бездна.[41] Во безводната пустина ги напои (со вода), откако го расече каменот,[42] и ги насити со ангелски леб.[43] А кога го прими Законот од Бога, со прстот Божји напишан врз камени плочи,[44] Мојсеј го предаде на народот за пазење и за послушание.

И овие двајца преблажени и богоугодни мажи со ништо не се покажаа помали од нив (Мојсеј и Аарон). Напоени од истиот Божји Дух одозгора, удостоени со двојна благодат, тие ги изведоа луѓето од многумрачното ѓаволско море, го потопија мислениот фараон (односно ѓаволот) и ја уништија сета сила негова. Откако се вооружија со вера и со силата на Крстот, тие го изведоа народот не во пустината, туку го насочија кон светлината на богопознанието. Тие не извадија вода од камен (како Мојсеј и Аарон), туку со вера ги напоија жедните за словото Божјо. Тие извадија вода не од бесчувствен камен како оние, туку за спасение на верните им ја дадоа истечената крв и вода од пречистите ребра на нашиот Господ Исус Христос[45] како вечна храна и бескраен живот. Тие го нахранија народот не со ангелски леб, туку за прошка на гревовите им го дадоа самото тело на нашиот Господ Исус Христос.

Првата страна од Евангелието според Јован од Зографско евангелие напишано на глаголица.

Тие го преведоа двојно[46] законот Божји, го предадоа на нов народ, откако му создадоа писмо (азбука). Она што беше скриено за мудрите и разумните, во последно време преку нив двајцата им беше откриено на децата.[47] Законот беше напишан не на камени плочи, туку врз телесните плочи на срцата.[48] Тој беше изговорен не преку облак, ниту преку магла и бура,[49] туку е создаден и предаден од Самиот Господ Исус Христос. Тие беа служители не на сенката,[50] туку беа проповедници на вистината. Тие ги поросуваа и очистуваа осквернетите не со попрскување со крв од јунци и јарци, заради очистување на телото,[51] туку преку светото крштение го осветуваа не само телото, ами ја запалија духовната свеќа во нивата на срцата на сите. Тие не беа проповедници или служители на заклана жртва, туку станаа проповедници и слуги на бескрвната, мирна и духовна служба.[52] Тие беа сотрудници на апостолите, бидејќи беа избрани за истото дело. Откако на своите плеќи го зедоа Крстот разумно, тие ја обиколија целата вселена, исполнувајќи ги со своето учење оние места, во кои апостолите не беа стигнале или поради долгиот пат, или поради многуте други блиски страни во кои, распрснати како сончеви зраци, го просветлија целиот свет[53] со светлината на богопознанието.

Тие (двајцата) врвеа по нивните стапки и напоени со истиот Дух од Бога, станаа проповедници и нови апостоли на истото слово, не полагајќи го своето дело на туѓа основа,[54] туку пронајдоа нови букви и ги пригодија на нов јазик. Тие подоцна засветлија како утринска ѕвезда која, примајќи ја својата светлина од сонцето, се покажува посветла од сите ѕвезди. И како што наемните работници во лозјето, кои ја поднесоа тежината на денот и на жегата, беа удостоени за еднаква награда со оние што дошле во единаесеттиот час,[55] така Божјата благодат посака во последно време, за истото дело, да ги открие овие двајца нови проповедници и светилници на целата вселена, кои, откако ги препашаа добро своите бедра[56] со добриот подвиг и со верата, поминаа како сонцето, просветлувајќи ги темните места со своите стапки, со духовниот оган палејќи секаква паганска и еретичка магла, не штедејќи ја ни душата ни телото свое, но секогаш подготвени да ја испијат чашата[57] Христова за правата вера.

Меѓу Сарацените и Хазарите тие се покажаа непобедливи. И како што Давид[58] некогаш го победи иноплеменикот и ја порази неговата горделивост, предобразувајќи ја Света Троица со трите камчиња и откако му ја отсече главата со својот сопствен меч, прими пофалба од десетици илјади Израилеви синовитака и овие двајца отци, служители и проповедници на Триипостасниот[59] Бог, кога се најдоа во собранијата на Сарацените и на Евреите, со своите сопствени книги и јазик и со духовниот меч[60] ги сосекоа Мухамедовите заблуди и еврејската злоба, ги уништија како плевел и ги изгореа со духовната благодат, а го посеаја словото Господово како пченица во нивата на срцето и ги насладија сите (луѓе) со медоточни зборови. Тие јасно Го исповедаа трибеспочетниот Бог и покажаа дека Отецот, Синот и Светиот Дух сјаат еднакво во една суштина. Така ги уловија (противниците) како риби со словесната мрежа[61] и крстија чесни луѓе меѓу Хазарите до двесте души, освен жените и децата, и примија тројна похвала од целата Црква.

Оттаму отидоа во западните страни, благовестејќи го словото Божјо среде нов народ. И откако го преведоа целиот црковен закон од грчки (јазик), тие им го предадоа на нивниот јазик. Тие ја срушија и уништија заблудата на тријазичниците[62] и ја исфрлија како плевел од пченицата, а на Црквата и предадоа чисто и светлообразно жито.[63] Во западните панонски и моравски страни тие болснаа како сонце, го растераа гревовниот мрак, народот го просветлија со писменост, и целосно ги научија учениците на црковниот ред.

Заради исполнување на својата служба, тие тргнаа на пат за Рим, за да се поклонат на апостолскиот престол, носејќи го со себе духовниот плод за посветување. Кога апостоликот Адријан[64] слушнал за тоа, излезе да ги пресретне далеку пред градот Рим и ги прими како Божји ангели. Тој го одобри со љубов нивното учење и го ракоположи во свештенство блажениот Методиј, како и неговите ученици.

Се наближи времето да се упокои пресветиот и преблажен отец наш и учител Константин Философ. Кога ја виде пораката од Бога за својот покој (смрт), се облече во црни ризи,[65] го претскажа денот на своето упокојување и поживеа уште педесет и пет дена, радувајќи се и славејќи Го Бога. И така тој почина во Господа во 6377 година[66] и им се придружи на своите отци, на пророците и апостолите, на мачениците и на сите свети. И го погребаа во црквата на свети Климент,[67] каде што почнаа да се извршуваат многу исцеленија на неговиот гроб: веднаш слепи почнаа да прогледуваат, болни да оздравуваат, бесови да излегуваат (од луѓето). Кога го видоа тоа, Римјаните почнаа уште повеќе да се приврзуваат кон неговата светост.

Откако го посветија пречесниот и благочестив Методиј за архиепископ во Панонија, на престолот на свети апостол Андроник, еден од седумдесетте апостоли, го испратија во словенските страни да го поучува нивниот народ, откако го напишаа ова послание до кнезовите на таа земја – Ростислав, Светополк и Коцел:[68] „Адријан епископ, слуга на сите Божји слуги,[69] до Ростислав, Светополк и Коцел.

Слава на Бога во висините, и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“[70]

Штом слушнавме за вас, за духовните радости што ги имате за вашето спасение, ви го испраќаме нашиот брат, чесниот Методиј, посветен за архиепископ на вашите страни, како што вие побаравте од нас, за да ве поучува, преведувајќи ги светите книги на вашиот јазик, како што е речено: „Фалете Го Господа, сите народи, прославувајте Го, сите луѓе;[71] и секо) јазик нека исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бога Отецот, амин!“[72] И во Евангелието Господ рече, испраќајќи ги Своите ученици: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас во сите денови до свршетокот на светот. Амин“.[73]

Живопис на Светите Браќа во Бигорскиот Манастир

 

Кога (Методиј) дојде во Моравија, сите луѓе излегоа да го пречекаат со радост и го примија како Божји ангел. И очите на слепите им се отворија, и ушите на глувите им се отнаа, и јазиците на немите мир благовестеа.[74] И со оние исти усти, со кои порано му принесувале жртви на сататната крај изворите и со кои хулеле на Бога на сите места, со нив сега нивните деца Му принесуваат на Бога духовни и бескрвни служби за целиот свет.[75] И во секое место се прославува името Божјо на новиот јазик, на којшто се јави Методиј како нов проповедник и нов апостол. Откако изгреа како сонце, тој ја растера маглата на незнаењето и ги просветли срцата на сите со светлината на богопознанието, со својата кроткост, сладост и љубов привлекувајќи ги сите кон себе; патот го заврши, верата ја запази,[76] црквите ги украси со духовни песни и славословија, и така почина во Господа во 6394 година од создавањето на целиот свет[77] и им се придружи на своите отци, на патријарсите Авраам, Исаак и Јаков, откако им се уподоби на сите и го зеде врз себе нивниот образ, станувајќи рамен на едни, помал од други, а трети надминувајќи ги со својата сила, дејност и подвиг, откако засветли како сонце со своите просветителски зборови и поуки. Размислувајќи за неговите медоточни зборови, нема со што да ги споредиме неговите духовни сладости.

Поради тоа, какви пофалби да ви оддадеме вам двајцата, кои толку многу се трудевте во источните, западните и северните страни, не барајќи го она што е привремено и распадливо, туку вечно и бесконечно? Откако храбро го зедовте на рамо Крстот Господов,[78] со него вие ја расчистивте и разоравте со трње обраснатата и од гревот запустена земја, го посеавте духовното семе и на Црквата и принесовте чисто жито – духовното учење со кое вие, светители, сјаете како светила во целиот свет, и ]а протеравте демонската сила и секаква ерес. Вие станавте големи столбови на Христовата Црква, небесни луѓе и земни ангели, откако во тело постигнавте бестелесен живот. Блажена е, навистина, утробата што ве носела,[79] и онаа која ве доела вас – двата многуплодни класа, со коишто ги нахранивте гладните народи, и жедните ги напоивте со живоносна напивка, откако на сите им дадовте изобилно неисцрпна храна.

Кој ли, пак, ќе може да ви искаже достојна похвала? Откако со своите стапки ја минавте сета поднебесна земја, вие го осветивте целиот свет.

Благословен е вашиот јазик, со којшто насеавте духовни зборови за спасение на безброен народ. Откако примивте од Бога боговдахновен дар, насекаде го растеравте мракот на незнаењето, самите вие давајќи им пример на сите и излевајќи духовна сладост од усните.

Вие се јавивте како разрушители на секакво паганство, непријатели на еретиците, изгонители на бесовите, светлина на помрачените, учители на младите, излевајќи духовна наслада. Вие сте изобилна храна за гладните, непресушен извор за жедните, дарители на изобилна облека за необлечените, помошници на сираците, гостопримливи кон странците, посетители на болните, утешители на ожалостените, заштитници на гонетите, помошници на вдовиците и сираците, дарители на светлина за слепите, голема котва за оние што се бранувани по животното море, бедем и покров на оние што приоѓаат кон вас, противници на Јудеите, исповедници на Света Троица, извршители на Божјата промисла, служители на Божјото величество, извори на Божји зборови, неподвижни столбови на Христовата Црква, печат на правдата,[80] штит на верата, шлем на спасението[81], клас многуплоден, лоза медоточна. Вашите зборови се восочни пити со мед, со кои вие ја насладивте целата вселена. Вие сте како скапоцен бисер и од вас се излеваат ризници Господови. Вие сте живеалиште на Божјата промисла, избрани садови на Светиот Дух, кои го пронесовте името Христово по целата земја.[82] Откако го понесовте Крстот на себе, го презревте она што е привремено, а ги примивте вечните наслади.

Преподобни и вистински пастири, молете се непрестајно и срдечно за вашето избрано стадо, прогонувајќи ги нашите страдања и избавувајќи нè од беди и неволи. Просветлете ги очите на нашите срца и поткрепете го нашиот ум, за да ги следиме достојно вашите стапки. Земајќи ги на себе нашите слабости,[83] дајте ни сила одозгора, та, откако ќе поживееме достојно во Христа, да бидеме наследници на вашите подвизи и проповедници на правата вера што сте ни ја предале, та сите едногласно да Го прославиме Трисветиот Бог – Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков. Амин.

 


[1] сп. Тит 3,4.
[2] Фил.2,7-8.[3] Според Символот на верата.[4] Варух 3, 38.[5] сп. Рим. 8, 3.[6] 1 Кор. 15, 22.[7] 1 Кор. 15, 20. Кол. 1,18.[8] Евр. 1, 3.[9] Мт. 16, 27.[10] Ис. 35, 5. Мт. 11,5.[11] Јов 1, 1.

[12] Во Јов 1, 2 се вели дека Јов имал седум сина и три ќерки.

[13] Пс. 111,1-3.

[14] Изреки 7, 4.

[15] сп. Дела 9,15,17.

[16] Јн. 7, 38.

[17] 1 Кор. 12, 10; 14, 18.

[18] Соломон – еврејски цар, кој владеел од 970-930 год. пред Христа. Тој е автор на библиската книга Мудри изреки (Паримии) и др.

[19] Самсон – еврејски херој и судија. Тој ги победил Филистејците (в. Суд. 13-16).

[20] Гедеон – еврејски судија. Тој ги победил Мадијамците (в. Суд. 6-8).

[21] Исус Навин – еврејски водач по смртта на Мојсеј (13 век пред Христа).

[22] Мт. 16, 26. Мк. 8, 36-37.

[23] Олимп – планина во Мала Азија, на брегот на Мраморно Море, спроти Цариград (Истанбул), во 9-от век големо монашко средиште. Таму се наоѓал и манастирот Полихрон, каде што престојувале и светите браќа Кирил и Методиј и се подготвувале за Моравската мисија.

[24] Пс. 131, 4. Изреки 6,4.

[25] Ефес. 5,19. Кол. 3,16.

[26] Свети Арсениј Велики (354-445), еден од основачите на христијанското монаштво; се подвизувал во Либиската Пустина.

[27] Свети Антониј Велики (250-356), роден во Кома, Горен Египет, основач на отшелничкото монаштво.

[28] Свети Сава Осветен (439-532), основач на голем манастир во Ерусалим.

[29] 1 Кор. 9, 22.

[30] Авторот на ова похвално слово слободно прераскажува делови од книгата Премудрост на Исус, син Сирахов, глава 39, дт. 1-2, 4-8, 10-13.

[31] Авраам – родоначалник на Израилците (17 век пред Христа – в. 1 Мојс. гл. 11,26-гл. 25).

[32] 1 Мојс. 12, 1. Дела 7, 3. Евр. 11, 8.

[33] Ис. 41, 8. Јк. 2, 23.

[34] Рим. 1, 25.

[35] 1 Мојс. 17, 10.

[36]Лк. 3, 3. Дела 2, 38. Символ на верата, чл. 10.

[37] Пс. 98, 6.

[38] 2 Мојс. 7, 1.

[39] 2 Мојс. гл. 7-12.

[40] 2 Мојс. 13, 21. Пс. 77, 14.

[41] 2 Мојс. 14,21-22, 28-29.

[42] 2 Мојс. 17,6. Пс. 77,15.

[43] 2 Мојс. 16, 4, 14-15. Пс. 77, 24-25; манна – храна што Бог им ја давал на Евреите додека лутале во пустината, по излегувањето од Египет.

[44] 2 Мојс. 31, 18. 5 Мој 9, 10.

[45] Јн. 19, 34. Мт. 26, 26, 28. Мк. 14, 22, 24. Лк. 19, 20; односно светата Причесна.

[46] Двајцата браќа (Кирил и Методиј) заедно го превеле Светото писмо, односно на нов јазик (за нов народ) и со ново писмо (букви), како што е појаснето во самото слово.

[47] Мт. 11, 25. Лк. 10, 21; сп. Пс. 8, 3.

[48] 2 Кор. 3, 3. Евр. 8, 10. Ез. 11, 19.

[49] 2 Мојс. 19, 16, 18. Евр. 12, 18.

[50] Старозаветниот Мојсеев закон се именува сенка на идните новозаветни христијански блага (сп. Евр. 10, 1).

[51] сп. Евр. 9, 13.

[52]Односно проповедници на Господ Исус Христос како единствен Спасител на светот. Бескрвна служба е Литургијата, на која православните христијани се причестуваат со телото и крвта на Господ Исус Христос, кои на верните им се даваат под вид на леб и вино.

[53] сп. Мк. 16,15, 20.

[54] Рим. 15,20

[55] Мт. 20, 1-16. Единаесеттиот час кај древните Евреи одговара приближно на 17 часот или еден час пред зајдисонце.

[56] сп. Лк. 12, 35. 1 Петр. 1, 13. Ефес. 6, 14.

[57] Односно да претрпат страдања заради Христа: Мт. 20, 22-23. Мк. 10, 38- 39.

[58] Давид (10 века пред Христа) бил од Витлеем, еврејски цар. Како дете пасел овци. Потоа бил свирач на цитра во дворецот на царот Саул. По смртта на Саул бил избран за јудејски цар. Во двобој, со камен од прачка го убил многу поголемиот од него Голијат (1 Цар. 17, 40-50).

[59]  Триипостасен – Триличносен, кој се јавува во три лица. Бог е еден по суштина, во три ипостаси или лица – Отец, Син и Свет Дух.

[60] Односно Божјото Слово (Ефес. 6, 17).

[61] сп. Мт. 4, 18-19. Мк. 1, 16-17.

[62] Тријазичници – поддржувачи на мислењето дека само еврејскиот, грчкиот и латинскиот јазик се свети јазици и дека само на овие јазици може да се извршува богослужба. Оваа заблуда (ерес) била насочена особено против оние народи кои сакале богослужбата да ја слушаат на својот мајчин разборлив јазик. Оваа заблуда била и е сериозна пречка за вистинска евангелизација на народите.

[63] сп. Мт. 3, 12; 13, 30.

[64] Папата Адријан II раководел со Римската Црква од 867-872 г.

[65] Константин Философ (свети Кирил) примил велика схима, голем ангелски образ – врши степен на монаштво со ветување за строг монашки живот. Од неговото Житие дознаваме дека тој примил монаштво (мала схима) многу порано).

[66] 6377 год. од создавањето на светот, односно во 869 год. од раѓањето на Господ ИсусХристос (6377-5508 = 869).

[67]  Свети Климент бил третиот епископ римски, по Лин и Анаклет. Според житието на свети Кирил Философ и други сведоштва, то) бил испратен во заточеништво на Херсон (Крим) поради неговото проповедање и ширење на христијанската вера, и таму пострадал маченички (му бил врзан камен на вратот и фрлен во Црно Море). Неговите свети мошти ги открил свети Кирил и ги пренесл во Рим. Свети Климент Охридски напишал похвално слово за него.

[68] Ростислав – моравски кнез (846-870); Коцел – панонски кнез (861-874); Светополк – син од братот на Ростислав, моравски кнез (870-894).

[69] Оваа титула на римските епископи на латински јазик гласи: Servus servorum Dei = Слуга на Божјите слуги.

[70] Лк. 2, 14.

[71] Пс. 116, 1.

[72] Рим. 15, П.Фил.2, 11.

[73] Мт. 28,19-20.

[74] сп. Ис. 35,5-6.

[75] сп. Златоустова литургија, прва молитва на верните.

[76] 2 Тим. 4, 7.

[77] Според житието на свети Методиј (гл. 17), тој починал во 6393 г. од создавањето на светот, односно во 885 год. по Раѓањето Христово (6393 – 5508 = 885).

[78] сп. Мт. 16, 24. Мк. 8, 34; 10, 21. Ак. 9, 23, како и многу црковни песни.

[79] сп. Лк. 11, 27.

[80] Рим.4, 11.

[81] Ефес. 6,16-17.

[82] сп. Дела 9, 15, 17.

[83] Ис. 53,4.