Слово на Неговото Високопреподобие Архимандрит Нектариј на промоцијата на зборникот „Бигорски Манастир – 20 години возобновено монаштво“

Усекновение на чесната глава на Св. Јован Претеча и Крстител

Ваше Блаженство,

Ваши Високопреосвештенства,

Многупочитуван оче Партение,

Браќа монаси и монахињи,

Драги отци и почитувани гости,

Вечерва сме овде заедно да Го прославиме Бога во Неговото величествено дело. Славиме, еве, 20 години од возобновувањето на монаштвото во оваа Света Обител, посветена на најголемиот Пророк, Претеча и Крстител, Јован, кој се роди само за тоа, со прст да Го покаже Јагнето Божјо, Кое ги зеде врз себе гревовите на светот.

Овој Манастир, како и сите стародревни цркви и манастири на подрачјето на Македонија, ја памети своја долга и тешка историја. Ги памети своите страдања, своите уништувања, а еве, и својата обнова. Сведоци на обновата на овој Манастир и неговото братство сме и ние овде денеска собраните. Денес сакаме да Му кажеме на Бога едно големо ‘благодарам’, за тоа што е со нас, за тоа што не нè напуштил во времињата кога можеби ни се чинеше дека сме оставени и заборавени.

Бог ја води Својата Црква и ветил дека ниту вратите на пеколот нема да ја надвладеат. За ова ни треба само вера; всушност, од верата и довербата во Божјото водство е започната обновата на овој Манастир како градба, со надеж и за обновата на неговото монашко братство. Фала Му на Бога, овој Манастир навистина оживеа преку повикот, трудот и подвигот на неговиот игумен, многупочитуваниот Архимандрит, отец Партениј. Зарем тоа не е доказ дека Бог нè љуби и дека Неговиот Свет Дух бдее над овој наш македонски народ; дека нема да го остави без духовни учители и пастири.

И покрај овој факт, многу наши соседи и браќа по вера не сакаат да прогледаат и упорно ги затвораат вратите за христијанско прифаќање на нашиот народ и нашата Црква во заедница со сите православни народи. Зошто е тоа така, одговорот го дал големиот поет на овие краишта, Анте Поповски, во поемата Адам и Ева, кога преку устата на Каин, од нивно име, ја прашува Ева: „Мајко Ево, зошто го роди Авела, кога веќе го имаше Каина?“

Но, иако сите врати околу нас се затворени, има една врата над нас, што води кон Бога, кон Царството Божјо, и таа никогаш не е затворена. Монасите од овој Манастир, а и сите монаси, добро знаат дека забрана за молитва кон својот Бог и Создател, не постои. Вистинскиот монах е апостол, кој не се симнал од планината Тавор, туку останал таму, послушен на возљубениот Син на Отецот Небесен.

Просторот во кој душата во скромност, понизност, послушност, покорност и молитва, го наоѓа својот мир и живее во богомислие, растејќи и исполнувајќи се со Божјата благодат и Неговата радост, не може да се сокрие од погледите на луѓето. Таа радост од Божјата близина неминовно се пренесува и на заедничкиот живот во братството, но и на реката народ којашто секојдневно, веќе две децении доаѓа во овој Манастир. Тие прекрасни моменти на озареност од доживувањата во самотијата со својот Бог, даваат енергија која нè движи и ни дава сила за служење на Бога и на луѓето.

Верувам дека и самите сте уверени колку на луѓето им значи духовниот разговор со игуменот и братството од овој Манастир, а особено светата исповед којашто им го растоварува духовниот оклоп, па тие си заминуваат среќни и мирни во своите домови. Затоа, иако Македонската Православна Црква не е признаена од другите помесни православни Цркви, Бигорската Света Обител е признаена од сите православни.

Прославувајќи го овој ваш јубилеј, драги отци, да Му заблагодариме на Бога за сето добро што ни го направил досега, и да Го молиме да не се умориме, служејќи Му и помагајќи им на паднатите и заталканите.

Како вистински апостоли и благовесници Христови, му требаме на нашиот македонски народ; бидете сигурни во тоа. Амин!

Честит јубилеј и на многаја лета!