Слово на Проф. д-р Ратомир Грозданоски протоѓакон,на промоцијата на Зборникот „Бигорски Манастир – 20 години возобновено монаштво“
Усекновение на чесната глава на Св. Јован Претеча
Ваше Блаженство, Ваши Високопреосвештенства и Преосвештенство,драг игумене на Бигорската обител г. Партениј, со бигорското братство и со сестринството од Рајчица, Ваши Високопреподобија и преподобија, Ваши екселенции, почитувани пратеници, министри и градоначалници, академици и професори, медиуми и уметници, чесни отци и драги браќа и сестри,
Честит празник.
За многу години и на помош да ни е свети Јован Претеча и Крстител Господов.
Се вели дека свети Јован не направил ниту едно чудо. Не чудете се, ова е точно и така е запишано во Евангелието, како што рекле неговите современици: „Јован не направи ниедно чудо“ (Јован 10,41). Најчудниот човек не направил ниедно чудо, иако бил во сè чуден. Бил како ангел во тело, па така и е насликан на иконите. Цел живот бил в пустина – пустиножител уште од дете. Бил учител и имал ученици, а немал ниту еден ден школо и дури, некои од неговите ученици станале Христови апостоли. Бил пророк и претходник – непосреден гласник за Спасителот. Бил роднина и Крстител Господов. И најпосле, маченик кому му ја отсекле главата. Но ете, еден таков човек – праведник и свет, не бил чудотворец. Зошто не направил ниедно чудо? Бог знае, но и без тоа луѓето за Јована мислеле дека е тој Спасителот на светот, па Божјата промисла го оставила неговото чудотворење за негова посмртна дејност. Затоа се многубројни неговите чудотворства оттогаш до денес, секаде и кај нас, а особено во Бигорскиот манастир и пред неговата чудотворна икона, каде што и сега стануваат чуда при современите исцеленија од душевни и од телесни страданија, од зависности, заблудености, детомразија, братоомразија, отстапништва, па враќања и обраќања во верата.
А, најголемото чудо овде е она што се случува во Бигорски за последниве 20 години. Тоа е запишано во овој Зборник што го промовираме вечерва, а Зборникот зборува за светоста и за светлозрачноста на оваа Светиња и за овдешното, богоугодно дело на спасението.
Книгата содржински е диптих – дитомиа, бидејќи содржи два лика, две физиономии, две икони споени, од кои првата ја отсликува светоста и светоделото во Бигорскиот манастир сега, а втората, има прилози за уметноста, историјата и за метосите на Бигорски. Овој прв дел е содржина за сегашниот светолик на оваа Светиња, а е искажан со боговдахновениот израз и со милиот исказ на овдешните монаси и монахињи, запишан на 303 страници, како „Монашки сказанија“. Тоа се слатки четива, лесно читливи, убаво искажани и запишани со голема јаснотија, со висока книжевна и литературна вредност, со богат израз, со чистота на јазикот и збогатени со бројни украси и поетичност. Овде е искажана душата на манастирот и на монаштвото. Овде е видно пулсирањето на монашкото срце во едното манастирско тело – во Телото Господово – Црквата. Овде е изразена духовната радост и сладост. Овде е видно блаженството на душата. Како да читаш од текстовите на светите отци, од книгите на „златниот период“ во христијанството, од делата во IV век. Чиниш го пишувале тогашните отци, за тамошни места, од дамнешното свето време. Како да е пишувано за некое монаштво, некое братство и сестринство во продуховената Византија. А, ете, тоа е сега и овде, во Македонија – во библиска Македонија. Тоа е наше и за нас, овде е и овдешно. Нам ни е од Бога дадено ова свето дело од богуоддадените монаси и монахињи. Оваа света придобивка е наша, е за нас, од наши луѓе и во наше време. Слава на Бога!
Ова четиво ни го опишува животот, маките, страданијата, мачеништвата на нашите современици – монасите и монахињите и потресните настани за манастирите Бигорски и Рајчица, од затекнатото пред 20 години, до доживеаното при нивното возобновување. Од мрачните времиња, кога беше „се надвиснал црн облак над манастирот“, како што вели Високопреосвештениот митрополит Тимотеј, во Воведот, до светлозрачноста од новиот сјај на Светињата. А, за постигнатото, и тој, како надлежен архиереј, му оддава признание на подвигот и делото на архимандритот Партениј. Овде е опишано сè од петокраката до крстот и од какографијата до иконографијата. Од тажната приказна што чепка по болното минато и од смртта на новомаченичката Иконија, преку костурницата и расфрланите коски на преподобните монаси, па плаштаницата како покривало на буре со вар и чудниот пат на игуменскиот крст, до „првите ластовици на духовната пролет“ – до доаѓањето на отец Партениј во 1995-та и отец Иларион, сегашниот Митрополит Брегалнички.1 А пролетта е Воскресение – Велигден. Така е евангелски: Голгота е страдание, мачење и распетие, но Голгота е и Воскресение!
И оттогаш, па до сега, со сите маки, препреки, подвизи и искушенија, до огнената стихија на пожарот чии јазици голтнаа сè, за 20 лета Господови, Бигорски стана „благодатен и духоносен центар – светилник и вруток на духовноста“, како што вели игуменот Партениј, во Предисловието.
Возобновувањето на Бигорски е двојно – двоприродно, како Христа – тое е Христоподобно, Богочовечко: Божјо и човечко, материјално и духовно. Се возобнови манастирот, а се возобнови и монаштвото. Засветлеа новоградбите со својот сјај, од руина – до рај, а повеќе засветлеа монасите и монахињите, богослужбите и молитвите, бденијата и литиите, исповеданијата и исцеленијата. Прекрасно е сè што стана овде и тоа толку брзо и преубаво, што збунува и зачудува. Сè: од молкот на пустошот – до камбаните; од празната тишина – до тихованието; од врева и жагор – до монашкиот шепот и молитвата; од празно, без луѓе – до полно со монаси и со илјадници поклоници.
Замирисаа бигорските кивоти со благоуханите мошти2 : и од зачуваните и од новодонесените. Блесна и чудотворната икона на свети Јована Крстителот во својот сјај. И храмот, тој дом Божји, сега личи на дом за Царот небесен, со царска убавина и со рајско благоухание. Тој е центарот – средиштето – срцето со кое живее монаштвото и затоа храмот е во средина на манастирот. А од него се разлева милозвучното, молитвено пеење – од монашките усти до Божјите уши. Богослужбата овде е ангелоподобно, постојано славење на Бога!
Расте братството и сестринството. Бигорски и Рајчица се нашата прекрасна духовна градина. Цветна и расцутена, плодородна и благородна, благомирисна и богоугодна. Погледнете ги овие цветови на Духот Божји и видете ја оваа убост на Црквата и радост за народот наш македонски.3 Спознајте го нивниот богуомилен лик и богољубиво срце. Ете такви се плодовите на светоста и на богооддаденоста. Таков е монашкиот ред – таков е тој ангелски род! Таков е боголикот на човекот – тоа е нашето богоуподобување. Човечкиот иконолик е отсликан во богообразот на монахот! Ете, таков е обожениот човек. (А, пак, паднатиот човек каков е, сите знаеме, но не признаваме и не се каеме!). Овие земни ангели, а небесни луѓе се нашите постојани молитвени застапници пред Бога. Тие се во постојана молитва, богомислие и покајание. Расцуте и замириса бигорската духовна градина на животот во Бога и со Бога. Се множат и поклониците. Доаѓаат душите богобарателки да се насладат од небесниот нектар и да го претвкусат блаженството на рајот.
Ова е како некое друго царство и како да не е од овој свет. Да, тоа е дел од Божјото царство, според зборовите на Господовата молитва Оче наш: – „Да дојде царството Твое, да биде волјата твоја, како на небото, така и на земјата“ (Матеј 6,10). Тоа е царството на волјата Божја, оти замонашувањето е давање на својата волја на Бога и соединување на својата со Божјата волја. Затоа, со право, над влезниот портал во Рајчица може да стојат зборовите: „Да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата“.4 Таму е царството на Божјата волја, царството на љубовта кон Бога и кон ближниот – царството на мирот во себе, со себе, со луѓето, со Бога и со созданијата. Таму е рајот.5
А Рајчица се возобнови во виорот на војната (2001-та). Ами, така и му личи на воинот свети Ѓорѓи – во војната се покажува силен и победоносец. Кога се уриваше државата, кога се напаѓаше Црквата, кога сè се рушеше, Рајчица се градеше. Се градеше конак, од темел нов. А со него, се градеше верата на македонскиот народ – верата во Бога и во правдата Божја и вистината. Се градеше љубовта троедна, како: богољубие, братољубие и родољубие. О, колку е таму прекрасно и убаво! Полнота цела. Уф! Јас не знам како да ги изнафалам. Зборовите се малку – Господова нека е пофалбата!
И во Бигорски и во Рајчица, сè што е направено е неискажливо убаво, велелепно и надубаво. Очигледно е, и јасно е сè. Како што се вели: „Какви птици сме ние, такво и гнездото ни е.“6
Не, не треба да набројувам што е сè обновено, доградено, изградено, надградено, тоа е сè видно – се гледа и го гледаме сите, а кај Бога и во Зборников е запишано, оти овде се гради и историјата на македонскиот народ и Црква, а тоа Му е мило на Бога. Затоа, Господ даде можност и оваа генерација од македонскиот народ во Бигорски да се вгради и да го изгради. А, за убавината на направеното, најдобро кажа Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, велејќи: „Ме обзема чувство на восхит, зашто ретко каде, а можеби и никаде на друго место, не се надградило така Божјото и човечкото, она што Бог-Творецот му подарил на ова место и она што човекот-мајстор го подигнал на овој простор. Овде, навистина царува убавото и совршеното“7
Бигорски ја доживува најголемата преродба во своето илјадалетие. Стана симбол на обновеното монаштво и еве, денес е манастир со најмногу монаси, а Рајчица – со монахињи. А тие, сецело Му се дадоа на Бога и на својот народ. „Го оставија светот, но не ги оставија луѓето“. Се осамија в манастир, за да ги доближат луѓето до Бога Верата им ја доближија и на младите. Како? Затоа што поучуваат за верата со дела, а делата привлекуваат. Нивната вера е потврдена со живот. Ги отворија вратите на манастирите и вратите на своите души. Престојот кај нив, за луѓето стана откритие на таинството на духовноста и светоста. Затоа, духовно го издигнуваат овој народ со Светиклиментовско просвештение.
Бигорски е нашето духовно срце на сегашното монаштво во Македонија, кое чука здраво и богумило. Овде има најмногу монаси и најмногу свети мошти, најмногу бденија и најмногу богослуженија, најмногу поклоници и најмногу црквољупци и најпосле: најмногу нахранети луѓе – и духовно и телесно.
Затоа, Бигорски треба сега да се прифати и да се прогласи за Престолнина на монаштвото во Македонија. „Град што се наоѓа на врв планина“ (Матеј 5,14). Монашки небесен град – Уранополис Македонски.
И сето ова, до последново денес што го правиме е боговдахновено, богодадено и создадено од умудрениот, скромен и тивок игумен на Бигорскиот манастир, Високопреподобниот архимандрит г. Партениј.8 Сакам со зборови да го сплетам најубавиот венец на пофалба за богољубивиот архимандрит Партениј, но и зборовите и јас сме недостојни и немоќни да ја изразиме сета пофалба. Тоа нека го прават ангелите пред Бога постојано, место јас еднаш овде. Бигорското благолепие до таму стасува. Оваа светогорска убост го надминува земното и ни го доближува небесното.
Неимарскиот дух на отец Партениј е богоугоден дар Божји. Треба да си богоумудрен за да го видиш тоа што треба да го изѕидаш. Такво видение има тој како визија, како богооткриена слика што му ја дал Бог на премудриот Соломон за храмот Ерусалимски (3. Цар. 5 и 6 глава). За ова ни сведочат светите градби во Рајчица и Бигорски. А, еве и еден очигледен пример за тоа: Источниот Палат на Бигорскиот манастир, архимандритот Партениј го видел насликан зад портретот на игуменот Арсениј. Обично, секој го гледа ликот на портретот и нашите очи застануваат тука, но нему му е дадено да види и понатаму и да ја прозре таа Палата.
Неговото неимарство е двојно: градителство материјално и градителство духовно. Градење однадвор и градење однатре. Возобновен манастир и возобновено монаштво. Тој е носителот на оваа преродба. А, на оние што помогнаа, најтопло им се заблагодари и ги дарува со орден од Бигорски. Затоа, очекувам, и државата и Црквата да го одликуваат Партенија со орден. Вакви биле личностите во историјата, кои ги гледаме закитени со ордени и со одличија. Партениј е нашата „радост и венец за пофалба“ (1.Сол. 2,19). А тој е богопослушен и затоа нему Бог му дава нови доброделанија, та не знаеме од утре со што ќе ни ги радува душите.
Го препорачувам овој дел од Зборникот за читање како ново, современо Добротољубие. Ќе ви биде наслада за душата и поткрепа духовна на сите. Читајте го!
Книгава е како испратена покана до сите, за да дојдат овде и да го видат бигорското благолепие!
Од сето мое срце и душа, му честитам на Неговото Високопреподобие игуменот Партениј, за сите овие чудотворни дела, успеси и постигнувања, остварени заедно со неговите сопатници кон царството небесно – монасите и монахињите, кои остануваат забележани во оваа Книга овде, но и кај Бога, во „Книгата на животот“ (Откр. 20,15; 22,19). Напредувајте во доброто и во богоусовршувањето, на многаја лета! Благодарам.
1 Бигорски даде тројца владици во сегашно време: митрополитите Тимотеј, Иларион и Јосиф Тетовски, а четвртиот само што не бил, бидејќи архимандритот Партениј е прв во списокот на кандидати за архиереи. Во минатото, пак, многумина биле со високи достоинства, од Цариград до царскиот дворец во Русија, бидејќи еден бил и Цариградски патријарх (Григориј), а друг (Анатолиј) учител и воспитувач на царското семејство и духовник на Рускиот цар Николај I Романов, а значајните имиња, како Партениј Зографски и другите, остануваат светли обележја на нашата македонска историја, култура, писменост и црковност.
2 Бев со учениците од Богословија во посета на манастирите низ Западна Македонија, во осумдесеттите години од минатиот век, па ни наплатија влезници и во Бигорски и во Свети Наум Охридски. Но, човекот што објаснуваше овде, за двата кивоти и за светите мошти во нив, подбивно рече дека во ковчезиве има некои коски, од кои луѓето чепкаат, оти има уште такви што веруваат дека тоа ќе им помогне, – заборавајќи дека ние сме богослови и теолози, ама тој, по навика, тоа што им го кажува на сите и нам ни го изрецитира.
3 Монасите и монахињите во Бигорски и Рајчица се со солидно образование и меѓу нив има: богослови, теолози, лекари, социолози, филолози, магистри и доктори.
4 Бидејќи во Бигорски веќе се запишани пред влезот зборовите: „Благословен е Кој доаѓа во името Господово!“ (Јован 12,13; Матеј 21,9; Марко11,9; Псал. 117,26).
5 А ние не знаевме за Рајчица – бевме народ што го загубил рајот, народ што не знае за рајот, а игуменот од Бигорскиот манастир му ја возобнови Рајчица и му го откри рајот на овој народ… Го изгради одново, го уреди, го украси и ги отвори дверите на Рајчица, а низ нив до рајот, со душегрижливоста на монахињите.
6 Сте виделе гнездо на врабец, којшто се прпелка по земја, во калта и во прашината, а свил гнездо низ грмушките во трњата? Целото е расфрлани сламки, тревки и гранки, кои стрчат насекаде и висат надолу или се паднати долу. А гнездото на ластовичката какво е? – Сместено на најубавото место, беспрекорно изградено, архитектонски совршено, естетски оправдано, чисто и прецизно, високо воздигнато, кон небото устремено, лично и прелично, убаво и преубаво. Ете, такво е и манастирското гнездо на Бигорски и на Рајчица. Според „птиците“ и „гнездото“. „Какви птици сме ние, такво и гнездото ни е.“
7 Цитирано во Зборников на стр. 294, а преземено од: Нова Македонија, 24.07.1999.
8 Го познавам Партениј од неговата младост, како што апостол Павле го познавал Тимотеја уште на млади години (Дела 14, 16-20; 16,1-3; 1. Тим. 4,12; 2. Тим. 2,22; 1,5; 3,11). Му бев професор и класен раководител пет години во Богословијата, а тој ми беше омилен ученик. Потоа, и професор на Факултетот, а и негов ментор. Сврзани сме со врските на љубовта, истомислието и добротољубието.