Да не беше Пресветата, не ќе ја имавме ни Црквата, ни Светиите, ни спасението

Слово на Неговото Високопреподобие Архимандрит г. Антипа, Старец на карејската ќелија на Света Ана на Светата Гора Атонска, за празникот Воведение на Пресвета Богородица, изговорено на крајот од сеноќното бдение во Манастирот Пречиста Кичевска, на 4 декември 2023 лето Господово


На сето она што убаво и душеполезно го кажа нашиот Преосвештен и Свет Епископ г. Партениј, по негова желба, ќе додадам уште само неколку свои едноставни размисли.

Пред таинството и величието на Богородица, вистина е дека занемија дури и Светиите и големите ретори на Црквата. Како што во буквална смисла велиме: им се врза јазикот пред величието на Пресветата. Затоа и ние, со многу смирение, ќе кажеме, како што спомнав на почетокот, само неколку едноставни размисли.

Да не беше Пресветата, мои браќа и сестри, немаше да го дознаеме таинството на Света Троица, немаше да знаеме Кој е вистинскиот Бог.

Да не беше Пресветата, Бог немаше да дојде на Земјата, за да стане човек.

Да не беше Пресветата, ќе беше осуетено од века одлученото таинство на Вочовечувањето на Словото Божјо.

Да не беше Пресветата, немаше да го имаме раѓањето на Богочовекот, немаше да го имаме Неговото учење, Неговите чуда, Неговото Распнување, и главно – Неговото Воскресение.

Да не беше Пресветата, немаше да ги имаме праведниците и пророците од Стариот Завет, кои за Неа пророкуваа, но не ќе ги имавме ни Светите Апостоли.

Да не беше Пресветата, немаше да слезе Светиот Дух, а не ќе ја имавме ни Црквата.

Да не беше Пресветата, не ќе имавме Светии.

Со еден збор: да не беше Пресветата, ниеден не ќе се спасеше.

Светите Отци ја поистоветуваат Богородица со Црквата: Пресветата е Црквата, оти Таа девет месеци во својата пречиста утроба Го носеше Оној Кој е Творец на сѐ.

Светиот Григориј Палама вели дека сета твар, сето создавање се случи заради Пресветата. Истиот Светител уште вели дека Бог сите дарови на луѓето и на Ангелите ги дава преку Богородица. И уште, вековите ја подготвуваа Неа, Госпоѓата Богородица, односно, кажано со најпрости зборови, Бог чекаше да се најде најчистиот човек на Земјата, кој ќе му ја позајми својата плот. И повторно, Свети Григориј Палама рече дека семоќниот Бог сè може да направи, ама не може да се соедини со нечистиот човек. Пред раѓањето на нашата Пресвета, не се најде ниеден човек, ниту пак, потоа, откако таа замина од светот, се најде толку чист како Пресветата. Во величанијата за Неа пееме дека е повозвишена од Ангелите и почиста од сончевите зраци. Затоа сите Светии повикуваат дека без Пресветата нема ниеден кој ќе се спасил. Светиот Герман, Патријарх Константинополски, во едно свое слово упатено кон Пресветата вели: „Нема таков кој се спасил, а да не е преку Тебе, Богородице! Никој не се исполнува со Светиот Дух без Тебе“. И Светиот Јован Дамаскин, тој голем теолог кој има напишано прочуени слова за Пресветата, вели: „Што може да биде послатко од Мајката Божја?!“

Но дозволете ми да преминам, не на денешниот настан, Воведението, бидејќи за тоа зборуваше Преосвештениот, но да се осврнам малку на животот на Пресветата по Вознесението Христово, согласно со преданието. Веројатно имате забележано дека Пресветата наша живееше покрај Христа наш нечујно и молчаливо. Преданието на нашата Црква вели дека по Вознесението Христово, Пресветата била поткрепата и утехата на Апостолите. Иако немаше потреба, Таа живеела како аскет, со воздржание и со молитва непрестајна. И како што вели преданието, се грижела за сиромашните, за гладните и – се вели – „се молеше непрестајно, за да ја поткрепи првата Црква“. Веројатно некои од вас имате појдено во Ерусалим – тие што не сте биле, Бог да ве удостои да појдете – во таканаречената Мала Галилеја на Елеонската (Маслиновата) Гора. Таму ги покажуваат вдлабнатините во мермерот што ги направиле нозете на Пресветата од тоа што постојано се молела на колена. Таму денешните божигропци не го покажуваат тоа многу денес, но векови наназад го споменува Светиот Андреј Ерусалимски, Архиепископот Критски, и зборува за тие вдлабнатини коишто постоеле и во негово време, а се направиле од коленичењето на Пресветата наша. Во првата Црква нашата Пресвета секогаш останува да биде молчалива, иако можела како Мајка Божја да го има првиот збор. Сепак, ги следи Апостолите, кои се состанаа и го одржаа познатиот Прв апостолски собор, на којшто за претседател го поставиле, не Петар, не Јован, за кои велеле дека се столбови на Црквата, туку Светиот Јаков, првиот Епископ Ерусалимски. Го кажувам ова, за со тоа да посочам дека Пресветата наша е првиот, par excellence учител за црковен етос, којшто, за жал, недостасува во нешево време. Покажала почит, апсолутна почит, па ако дозволите – и послушание кон првата Црква.

Пред да ви кажам уште два збора, дозволете ми од сета душа да му се заблагодарам на Преосвештениот Епископ Антаниски и наш свет Старец г. Партениј, кој ја имаше таа доброта да ме покани од Света Гора да дојдам, да бидам со вас вчера и денес. Сакам да ѝ се заблагодарам и на старицата и на сестрите за гостопримството и на сите отци, а и на сите вас, што со желба го слушате нашето смирено слово. Она што ќе ви го кажам сега, сакам да го запазите, да си го забележите и да се потсетувате. Ви го велам како светогорец, помилуван од Бога да живеам редица години на таа свештена карпа:

– Колку повеќе ја љубиме Богородица, толку посигурно е нашето спасение. Колку повеќе    ѝ служиме на Богородица со љубов и почит (се разбира, ние на Бога Му служиме, но по икономија би можеле да го кажеме истото и за Мајката Божја), толку посигурно е дека ќе се соединиме со Синот нејзин. Ви го посакувам тоа од сета душа.

Амин!