Обраќање на Неговото Високопреосвештенство Митрополит Брегалнички г. Иларион, по повод јубилејниот триесетти именден на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, на Божествената Евхаристија во Бигорски, на споменот на Свети Партениј Лампсакиски, на 7/20 февруари 2025 лето Господово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, амин!
Возљубен во Господа, драг брате и сослужителу, Епископе г. Партение,
Возљубени во Господа, преподобни монаси и монахињи,
Народе Божи, деца Божи, духовни чеда на вашиот Старец, епископот г. Партениј,
Денеска во ова древно Светилиште, во оваа древна Света Обител, каде што сите ние се радуваме и Го славиме Господа; каде што присуството на благодатта го чувствуваме во нашите души; каде што се радуваме, славиме и го празнуваме споменот посветен на Светиот Партениј Епископот Лампсакиски, но воедно и именденот на вашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, како и неговиот личен јубилеј – триесет години од неговото замонашување, односно триесет години откако го доби името на овој голем светител Божји, чијшто живот беше пример за живот во Воскреснатиот Христос нашиот Бог, – ја користам оваа благословена прилика, бидејќи доаѓам со благослов на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва, г. г. Стефан – Старецот на македонската Црква и на македонскиот народ, да пренесам благослов, да посакам многу здравје, долг живот, добар подвиг и уште многу имендени во радост, мир и спокој, и вашиот Старец г. Партениј да ги прослави со Господа, со Светителите и заедно со сите вас, неговите духовни чеда. Исто така и јас лично од срце му го честитам именденот, посакувајќи му крепко здравје, долгоденствие и радост, победа над сите искушенија и мир во Господа.
Плодот на неговите молитви, на неговата љубов што сите вас силно ве љуби и закрилува – сте сите вие собрани на Божествената Литургија. Зашто тој сите вас ве родил духовно, ве собрал, односно ве држи до Христа и ве зближи со Него, за да Го спознаете милостивиот и човекољубив Бог, да Го славите, да живеете со Него и Он да живее во вас, како што вели апостолот Павле: „Не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене“ (Гал. 2,20). Така и вашиот духовен отец, вашиот Старец ве стори да бидете пријатели на Христа и да Го носите Него во себе, преку соединувањето со Телото и Крвта Негови. Затоа, секогаш благодарете му, љубете го, молете се за него, оти навистина оваа негова жртва е голема, зашто само така ќе може неговиот благослов да ве избави од злото и да ве привлече кон Христа, во животот вечен со Него, во Неговиот мир и спокој.
Уште еднаш му посакуваме многу здравје, долг живот и многу прославени имендени. На многаја и благаја лета, Преосветен Владико!
Во продолжение, од благодарност заради присуството и молитвите, нашиот Старец му подари на дедо Иларион прекрасна архиерејска митра извезена од рацете на нашите сестри од Рачица, посветувајќи му ја со следниве зборови:
„Би сакал уште еднаш од срце да му заблагодарам на Високопреосветениот Митрополит г. Иларион, што денеска беше со нас во нашиот заеднички манастир, бидејќи јубилејот – 30 години возобновено монаштво овде – е заеднички и со него. Ние овде заедно почнавме. Навистина, тој го прими монашкиот чин во Манастирот на Свети Наум една година претходно, но кога блаженоупокоениот владика Тимотеј ме повика тука, дедо Иларион дојде заедно со мене и така заеднички го започнавме монашкиот живот овде. Затоа, во оваа свечена прилика, сакам да му ја подарам оваа митра – како знак на нашата духовна поврзаност и заеднички подвиг – и кога ќе ја носи, да се сеќава на нашиот и негов Бигорски Манастир, на братството, и да се моли за сите нас“.
Во одговор на оваа подарена љубов, дедо Иларион со силна трогнатост ја искажа својата голема благодарност:
„Од сè срце Ви благодарам за подарокот! Јас и кога ќе ја носам и кога нема да ја носам на мене, постојано ќе се сеќавам на Вас – а, впрочем, тоа секогаш и го правам, бидејќи Вашата љубов е преголема, молитвите Ви се чудотворни. Господ секогаш ми дава сила по Вашите молитви, ми помага да се смирувам и ме учи како да го љубам народот, учејќи се од Вашата љубов, која прави жртва за целиот народ Божји. Ви благодарам уште еднаш најдлабоко“.