Возвратно обраќање на Преосветениот Епископ Дремвицки г. Давид, на Вечерната богослужба за Крстовден, на 14/27 септември 2023 лето Господово
Највозљубени во Христа, Високопреосвештен Митрополите на Имврос и Тенедос г. Кирил,
Богољубезнејши и Преосвештен Епископе Антаниски и Игумене на Свештената Бигорска Обител г. Партениј,
Високопреподобна Игуменијо Касијана,
Најскапоцени преподобни монаси,
Возљубен народе Божји,
На почетокот од ова кратко обраќање, како негов викарен Епископ, ви ги пренесувам благословот и поздравите на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима и Митрополит Скопски г. г. Стефан, и ве уверувам во неговите свети и горешти молитви за ваше крепко здравје и за постојано преумножување на секое добро во вашите животи.
Ја споделувам истата радост со Преосвештениот Епископ Партениј, што денес тука е присутен Високопреосвештениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил, којшто ни доаѓа од Великата Црква Христова, од распнатата Константинополска Патријаршија, којашто секогаш е верен сведок на Воскресението Христово и од којашто на мнозина им блеснала светлината на Светото Евангелие. Денес сме заедно со него на оваа Вечерна богослужба, којашто трогателно, молитвено блеска со црковно благолепие. А утре, Високопреосвештениот Митрополит г. Кирил, со Божја помош, ќе началствува на Светата Евхаристија и ќе Му принесе дарови на Бога, за потоа, осветените дарови, Телото и Крвта Христови да ни ги подели нам, за наше обожение. Да ни ги подели како φάρμακον αθανασίας, како што велат Отците на Црквата, односно како лек за бесмртност. Оваа вечерна богослужба и Литургијата на којашто, со Божја помош, утре ќе се причестиме, сведочат за единството на нашата помесна Црква, за единството и соборноста коишто, како што на сите многу добро ви е познато, не се само некаков непотребен надворешен украс за Црквата, туку се самата суштина на Црквата, без коишто Црквата и не би можела да се именува како Црква. И затоа сите сме должни, со саможртвена љубов токму овие соборност и единство да ги чуваме како зеница во окото.
Му благодарам на Епископот Антаниски г. Партениј за поканата и на Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј за благословот денес да учествувам заедно со вас на оваа торжествена Вечерна богослужба, и, со Божја помош, утре на божественото тајноводство по повод големиот празник – Воздвижение на Чесниот Крст.
Возљубени, вам ви е познато дека за веруваштиот православен човек Крстот претставува негово искуство, претставува негова утеха, негова радост, и ако сакате, според зборовите на Старецот Емилијан Симонопетриски, го претставува севкупниот негов крстовоскресен живот. Следствено, со слободата на деца Божји, којашто ја живееме во Православието, не во буквална смисла, туку во една поетска, метафорична смисла, во оваа прилика именката крст би можеле да ја преведеме со изразот саможртвена љубов, распната љубов. Затоа Црквата, издигнувајќи го Крстот во суштина ја издигнува саможртвената љубов, како критериум според којшто човекот ќе го вреднува своето постоење. Доколку саможртвената љубов е иманентна одлика на човековата егзистенција, тогаш, според зборовите на Светиот Григориј Богослов, таквиот човек е ζώον θεούμενον – ние, би го превеле слободно како обожено постоење. Доколку, пак, човекот не ја препознава во Крстот саможртвената љубов, туку во него гледа лудост и проклетство, тогаш, според зборовите на истиот Светител, таквиот човек е ανθρωποειδές ζώον, односно, човеколико животно.
Значи, издигнувајќи го Крстот како автентичен начин на постоење, во суштина Црквата со силата на Крстот, сите искушенија и сите пречки во животот, ги претвора, би рекол, во божествени дарови, во духовни залихи, бидејќи на сите ни е јасно дека без искушенија во животот човекот не може да расте и да напредува според мерката на растот во Христа. Со други зборови речено, не постои друг пат, возљубени, до воскресението, освен патот којшто води преку крстот, преку саможртвената љубов.
Возљубени во Господа, нема да должам повеќе. Ако ми дозволите, ќе привршам со една анегдота. И, си ја земам таа слобода, бидејќи Православието е и радост. Мнозина благодатни Старци денес се согласуваат дека православен човек може да се нарече само оној којшто е радосен, којшто е радосно постоење. Имено, за што станува збор? Размислувам сега во мигов да го заокружам ова мое обраќање на десет минути за заедно да се осветиме. Зошто? Потсетувам, ова е шега. Имав прилика во животот да поминам време покрај благодатниот Старец, блаженопочившиот Патријарх Павле, и тој кориситеше една луцидна изрека и карактеристично велеше вака: „Оној свештеник којшто во храмот беседи до десет минути, тој е свет човек. А оној свештеник којшто во храмот беседи над десет минути, па и видливо подолго, тогаш оние што го слушаат се свети луѓе“.
Завршувам. Најскапоцени, највозљубени, Високопреосвештен Митрополите на Имврос и Тенедос, г. Кирил, Преосвештен Епископе Антаниски г. Партениј, Високопреподобна Игуменијо Касијана, најскапоцени монаси, највозљубени во Господа, ви благодарам за љубовта којашто штедро ја покажувате. Му благодарам особено на Преосвештениот Антаниски г. Партениј за зборовите коишто ги изговори, а сигурно не ги заслужувам. Ви благодарам, значи, на сите вас, за саможртвената љубов којашто постојано ја покажувате и на тој начин дејствително го празнувањето Воздвижението на Чесниот Крст, не само денес, туку и низ текот на севкупниот ваш живот.
Прегрнувајќи го Крстот како начин на постоење и преку него победувајќи ги сите искушенија, односно ползувајќи ги за наш раст како литургиски битија, значи преку Крстот, сите овде заедно да се покажеме воскреснати деца на воскреснатиот Христос, во Бога Отца, преку несоздадената благодат на Духот Свети, сега и секогаш и во вековите на вековите. За многу и благи лета празникот на Воздвижението на Чесниот Животворен Крст.
Амин!