+ В А Р Т О Л О М Е Ј
ПО МИЛОСТА БОЖЈА
АРХИЕПИСКОП НА КОНСТАНТИНОПОЛ – НОВ РИМ
И ВСЕЛЕНСКИ ПАТРИЈАРХ
ДО СЕТА ПОЛНОТА НА ЦРКВАТА,
НЕКА ИМА БЛАГОДАТ И МИР
ОД НАШИОТ СПАСИТЕЛ И ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС,
А ОД НАС МОЛИТВИ, БЛАГОСЛОВИ И ПРОШКА
* * *
Сечесни браќа Јерарси и благословени чеда во Господа,
Повторно влегуваме, според благоволението и благодатта на добродавецот Бог, во Светата и Велика Четириесетница – благословениот период на пост и покајание, на духовна будност и на сопатување со Господ, Кој оди кон доброволно страдање, за да можеме да стигнеме да Му се поклониме на Неговото светлоносно Воскресение и да се удостоиме преку него со нашето „преминување“ од земното кон „она што око не видело и уво не чуло, и што во срце човечко не дошло“ (1 Кор. 2, 9).
Во древната Црква, Светата и Велика Четириесетница била период на подготовка на огласените за Светото Крштение, кое се извршувало за време на Божествената Литургија на Воскресението. Ова врска со Светото Крштение се сочувала и преку разбирањето и доживувањето на Великата Четириесетница како посебно време на покајание, кое се карактеризира како „обнова на Крштението“ и како „второ Крштение“, како „завет со Бога за втор живот“, односно повторно оживување на даровите на Светото Крштение и ветување кон Бога за почеток на нов животен пат. Богослуженијата и химнологијата во овој период го поврзуваат тој духовен подвиг на верните со очекувањето на Пасхата Господова, преку кое четириесетдневниот пост се исполнува со благоуханието на пасхалната радост.
Светата и Велика Четириесетница е можност за осознавање на длабочината и на богатството на нашата вера како „лична средба со Христа“. Со право се нагласува дека Христијанството е „во најголема мера лично“, без тоа да значи дека е „индивидуалистичко“. Верните „Го среќаваат, Го препознаваат и Го љубат Единиот и Ист Христос“, Кој „прв и единствен го покажа вистинскиот и совршен човек“ (Св. Николај Кавасила). Он ги повикува сите кон спасение, и секој човек лично, така што одговорот на секој поединец, секогаш „вкоренет во заедничката вера“, истовремено да биде „неповторливо единствен“.
Се присетуваме на прекрасните зборови на Светиот Апостол Павле: „Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме возљуби и Себе се предаде за мене“ (Гал. 2, 20). Тука зборовите: „во мене“, „ме“ и „за мене“ не се кажани во спротивност со: „во нас“, „нас“ и „за нас“, што се однесуваат на нашето „заедничко спасение“. Апостолот на слободата, длабоко благодарен за небесните дарови на своето духовно возобновување во Христа, „го присвојува за себе она што е заедничко“, како „за него лично“ да се воплотило, да било распнато и да воскреснало од мртвите предвечното Слово Божјо.
Доживувањето на верата наша е „единствено“ и „длабоко лично“ како христодарувана слобода, а во исто време е „суштински црковно“, искуство на „заедничка слобода“. Оваа највистинска слобода во Христа се изразува како љубов и дејствителна помош кон конкретниот ближен, како што е опишано во параболата за „Добриот Самарјанин“ (Лука 10,30-37) и во извадокот за Страшниот суд (Матеј 25,31-46), но и како почит и грижа за целото творение и како евхаристиски однос кон него. Слободата во Христа има личносен и холистички карактер, кој особено се открива за време на Светата и Велика Четириесетница во начинот на разбирање на подвижништвото и на постот. Христијанската слобода, како егзистенцијална автентичност и полнота, не подразбира мрачно подвижништво, ниту живот лишен од благодат и од радост, „како Христос никогаш да не дошол“. И уште, постот не е само „воздржување од јадење“, туку и „оддалечување од гревот“, борба против самољубието, љубовно излегување од себе кон ближниот во потреба, „горење на срцето заради целото творение“. Холистичкиот карактер на духовноста се храни од искуството на Великата Четириесетница како патување кон Пасхата и како предвкус на „славното ослободување на чедата Божји“ (Рим. 8,21).
Молејќи Го нашиот Спасител Исус Христос, да нè удостои сите нас во подвиг, покајание, проштавање, молитва и божествена слобода да ја претрчаме стазата на Светата и Велика Четириесетница, ќе завршиме со зборовите на нашиот духовен отец, блаженоупокоениот Митрополит Халкидонски Мелитон, изречени на Божествената Литургија во Неделата на Простувањето во 1970 година, во митрополитскиот храм во Атина: „Влегуваме во Светата Четириесетница и на нејзиниот крај нè очекува видението, чудото и доживувањето на Воскресението — највозвишеното искуство на Православната Црква. Да тргнеме кон ова видение и доживување, не како оние што не простиле или на кои не им било простено, не само со пост од месо и од масло, не во лицемерие, туку во божествена слобода, во дух и вистина, во духот на вистината, во вистината на духот“.
Света и Велика Четириесетница 2025
† Константинополскиот
огнен молитвеник за сите вас