Патријаршиско и синодско послание издадено по повод одбележувањето на 1400-годишнината од стоечкото пеење на Акатистот, за спасението на Цариград од опсадата на Аварите и Персијците
ВСЕЛЕНСКА ПАТРИЈАРШИЈА
+ В А Р Т О Л О М Е Ј
по милоста Божја Архиепископ
на Константинопол – Новиот Рим
и Вселенски Патријарх
до сета полнота на Црквата
благодат и мир откај Бога
„На Тебе, Војвотко Победоносна,
Градот Твој, избавен од беди,
Ти вознесува победни и благодарствени песни, Богородице!“
Оваа година се исполнуваат илјада и четиристотини години откако, во чест на Пресвета Богородица, во црквите свечено бил испеан, и тоа додека сите верни стоеле исправени, Кондакот што денес насекаде е познат како „Акатист“ – возвишена и победоносна поема, која со единствено богатство на словесна убавина, историски и богословски, се однесува на тајната на Воплотениот Божји Домострој и на единствениот удел на Пречистата Богомајка во него.
Верните, кои преку овој Кондак ѝ се молат на Пресветата, побожно ја поздравуваат со непрестајно повторување на првиот поздрав што Архангел Гавриил, благовесникот на благодатта и на радоста, ѝ го упатил на Благодатната – зборот „Радувај се“, преку кој се открива „тајната од вековите“ и се составува „почетокот на нашето спасение“. Повторувањето на зборот „Радувај се“ во оваа химна, сто четириесет и четири пати упатено кон Себлажената Дева, очигледно носи и мистична смисла. Тоа упатува на сто четириесет и четирите илјади чисти Светии од Откровението, кои со харфи ја пеат „новата песна“ пред Престолот Божји и „одат по Јагнето каде и да појде“[1]. Така и народот Божји, очистуван и според етосот и според догмата, до крај посветен на воплотениот Бог Слово и нераскинливо соединет со Него, го воспева спасителниот Божји Домострој, а во исто време со духовни песни и химни ја поздравува Преславната Мајка на Господа и Мајка на Црквата, и нејзината крепка заштита на нејзината благочестивата полнота.

Воведот на Кондакот, неговиот Пролог, бил од почеток познатото: „Заповеданото таинствено примајќи го во разумот…“, кое се однесува исклучиво на Благовештението на Пресвета Богородица. Тоа јасно покажува дека целата оваа химна најтесно ѝ припаѓа на тој голем празник, чијашто служба на „Поздравите“ и денес претставува красен и доброцветен претпразничен и попразничен венец. Подоцна бил востановена нова воведна химна: „На Тебе, Војвотко Победоносна“, со цел за да се изрази благодарноста на признателниот народ кон Онаа „преку Која се издигнуваат трофеи“ и „преку Која непријателите паѓаат“.
Спасението на Градот и на целото Царство од страшната непријателска опсада на Аварите и Персијците, во време кога царот Ираклиј со војската бил отсутен, борејќи се далеку за повторното враќање на Чесниот Крст Христов, со право ѝ било припишано на крепката заштита и помош на Пресвета Богородица, на Која ктиторот, рамноапостолниот цар Константин Велики, благочестиво ѝ го посветил Новиот Рим. Примајќи ја срдечната, непрестајна и исполнета со болка молитва на клирот и народот, Богомајката не само што го окрепила духот на малкуте бранители, туку и извршила големо чудо: со налет на бурни ветрови потполно ја уништила флотата на опсадувачите, по што тие се разбегале во безредно бегство, и така Градот бил спасен. Затоа сосема достојно, „како избавен од беди“, Богородичниот Град ѝ ги вознел победните песни на Пресветата и оттогаш ја нарекол своја „Победоносна Војвотка“. И како таква, повторно и многупати ја призивал низ бурната историја на Родот, секогаш вкусувајќи ја сладоста на нејзината љубов и крепкоста на нејзиниот Покров.
Историскиот храм на Влахерна, каде што според древното предание секоја седмица се служело свештено бдение во чест на Богомајката, често и во присуство на самиот цар, во ноќта на 7 август 626 година, ги примил множествата на спасениот богољубив народ. Со длабока трогателност и со солзи на благодарност, тие ѝ принесувале поклонение и го пееле Кондакот, веќе со новиот пролог, како должно благодарење и како задолжително славословие кон Бога и кон Онаа „Која го има второто место по Светата Троица“[2] – според песнопојната муза на свети Андреј Критски: Ослободителката и Спасителката на Градот и на целата држава.
Од тој миг, „Акатистот“, ова пресветло ремек-дело на црковната поезија, овој неспоредлив споменик на хеленскиот збор и златоткаено дело на боговдахновено богословие, станал најомилената химна на нашиот литургиски живот, најслатка духовна наслада за христијаните. Одамна е преведен на многу јазици. Архиереи и свештеници го пеат со умиление; монасите секојдневно го читаат; верните, пак, често го произнесуваат во текот на целата година. Богословите ги анализираат неговите возвишени догматски длабочини; филолозите и книжевниците навлегуваат во прекрасните бездни на неговата изразна отменост и поетска величественост; поетите и живописците се вдахновуваат од неговите светли лирски изрази; иконописците изобразуваат прекрасни икони според многубројните сцени од неговата содржина; а познавачите на црковната музика го украсуваат со префинети свештени мелодии. Но, пред сѐ, „Акатистот“ секогаш останува богоугодна молитва на Црквата! Глас на благочестивото срце на христијаните! Славословие, благодарење, молба и умолување кон Оној Кој „заради нас луѓето и заради нашето спасение слезе од небесата, и се воплоти од Светиот Дух и Марија Дева, и се вочовечи“, а воедно и кон Онаа Која има мајчинска смелост пред Бога и Која секогаш, на многу начини и изобилно, ја излева својата крепка помош и покров врз благочестивиот Род на православните.
Акатистот го повикува секој верник да бдее и да остане исправен и непоколеблив, во смирение и молитва, пред големите предизвици на нашето време, во овие тешки денови на многубројни потреси и воени судири низ кои минува човештвото. Да се помолиме усрдно, Мајката на „ Мирот Божји“, поттикната од молитвеното принесување на нејзиниот „Акатист“ од сите верни, со умиление и побожност, повторно да покаже дека е „Победоносна Војвотка“ за секој онеправдан и загрозен, и крепок Покров над чедата на Црквата по сета екумена, дарувајќи му го на човечкиот род вистинскиот мир на својот Син, што „ го надминува секој ум “[3].
Во спасителното лето 2026,
во месец март (27)
Индикт трети
Константинополски Вартоломеј, молитвеник во Христа
+ Халкидонски Емануил, молитвеник во Христа
+ Карпатски и Касоски Амвросиј, молитвеник во Христа
+ Милетски Апостол, молитвеник во Христа
+ Прокониски Јосиф, молитвеник во Христа
+ Филаделфиски Мелитон, молитвеник во Христа
+ Колонејски Атанасиј, молитвеник во Христа
+ Икониски Теолепт, молитвеник во Христа
+ На Буенос Аирес Јосиф, молитвеник во Христа
+ Шведски и на цела Скандинавија Клеопа, молитвеник во Христа
+ Имвроски и Тенедоски Кирил, молитвеник во Христа
+ Денверски Константин, молитвеник во Христа
+ Анкирски Григориј, молитвеник во Христа
Дека е верен препис потврдува:
во Патријаршиите, на 23 март 2026 година
Главниот секретар на Светиот и Свештен Синод
Извор: ΦΩΣ ΦΑΝΑΡΙΟΥ
[1] сп. Откр. 14, 1–5.
[2] Богородичен, глас 5, на неделната Вечерна.
[3] Филип. 4, 7.











