Смртта на Праведниот носи од тага во радост

Слово на Неговото Високопреосвештенство Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, за празникот Усекновение на чесната глава на Свети Јован Крстител во Светата Бигорска Обител, на 29 август/11 септември 2023 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Денеска го прославуваме споменот на св. Јован Крстител, поточно неговото погубување со отсекување на неговата пречиста глава. Уште во Стариот завет, св. пр. Исаија има кажано: Праведниот умира и никој не се загрижува… (Ис. 57, 1). Оваа горка вистина постоела тогаш, постои и денеска. Оваа вистина се пројавува и во случајот со големиот пророк и Крстител на нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Нему му ја отсекле главата на роденденот на царот Ирод, според желбата на неговата прељубодејна жена. Го обезглавиле најголемиот меѓу родените од жена и ја донеле неговата глава на табла среде прославувачите. И никој не го примил тоа со жал во своето срце! Веселбата не прекратила поради ваквото постапување. Гостите не реагирале кон домаќинот за тоа што се случило, односно за тоа дека тој убил праведен човек, кого и сам го слушал и уважувал.

Но, не долго време по смртта на св. Јован Крстител, се извршува уште едно потешко злодело. Овој пат не за да се угоди на танчарка, која го возмутила умот на царот, туку да се угоди на толпа која римскиот проконзул ја презрел и не ја почитувал. Тој Го предал невиниот Христос на распнување. И повторно, никој не го примил тоа на срце! Велам никој, затоа што малата група на апостолите била потресена од распнувањето на својот Учител. Таа била капка во морето во споредба со непријателите Христови. Еве два примера, Христос и Неговиот Претеча, што ни зборуваат за тоа дека светот лежи во зло. Неправдата и престапувањето се случуваат без да бидат казнети, со општа попустливост, а дури и без сочувство. Што е уште полошо, во овие случаи престапувањето се извршува од цар и проконзул, т.е. од луѓе кои се поставуваат да го спроведуваат законот и правдата. Но, ако неправдата седнала на царскиот престол, а проконзулот, односно оној кој треба да дели правда, прави неправда, тогаш каде ќе се бара правда? Ете од каде доаѓа праведникот да страда и никој да не се грижи.

Уште еден старозаветен пророк Малахија има речено: Ете, гордите ние ги сметаме за подобри: напредуваат оние што вршат беззаконие, па, иако Го искушуваат Господа, си остануваат незасегнати (Малах. 3, 15). Како што гледаме, не се раѓаат такви мисли и не ги вознемируваат верниците кои доаѓаат кон Бога само во денешен ден. Уште кога луѓето не знаеле за Христа Спасителот, страдањето на праведниците и торжеството на нечестивите предизвикувало голема жал и мака во душата на праведниците. Подеднакво, како денеска така и тогаш, Господ ги утешувал во деновите на маки и жалости. Преку устите на пророците Он најавувал за доаѓањето на Спасителот и за идниот Суд, но и за Неговата награда. И затоа во книгата на пророкот Малахиј се вели: Но, оние кои се бојат од Бога, си велат еден на друг: Господ гледа и го пази тоа, и пред лицето Негово се пишува спомен книга за оние што се бојат од Бога и го почитуваат името Негово. И тие ќе бидат Мои, вели Господ Саваот, Моја сопственост во оној ден, што ќе го приготвам, и ќе ги милувам како што татко го милува синот свој, кој му служи. И тогаш повторно ќе ја видите разликата меѓу праведник и безбожник, меѓу оној кој Му служи на Бога и оној кој не Му служи (Малах. 3, 16-18).

Ние како христијани треба секогаш да бидеме бодри и да не паѓаме со духот, туку напротив, треба да се утешуваме во надежта на праведниот Суд Божји и на Неговата милост кон нас. Ние заедно жалосно и радосно го прославуваме овој денешен празник. Жалосно е што на денешен ден се извршило големо злодело и бил убиен праведен човек, а радосно што јасно ни се покажува дека неговиот крај, и покрај тоа што е жалосен, ќе се прославува од род во род додека постои светот и векот. Амин.