„Разноукрасена со Божествената слава, свештена и славна Дево, споменот твој ги собра за веселие сите верни“.
Најсвештени Браќа Архиереи и вие, останати најблагоговејни клирици,
Најпочитувани Архонти офикијалии,
Благословени поклоници на Пресветата во Понт,
Возљубени чеда во Господа,
Со истата радост и со оној трепет и со срдечна трогнатост како и во 2010 година, кога за прв пат по 1922 година беше отслужена Божествена Литургија овде, дојдовме и денес, како смирен поклоник на Благодатта на Богомајката. Со поглед вперен во нејзиното величие, ја искачивме лествицата на Онаа Која постана лествица, за вишниот Бог да слезе и да се воплоти на Земјата.
Празникот на Успението на Богородица моќно ги трогнува срцата на Ромеите, каде и да се. Пасхата во лето! Никаде на друго место не ќе го види некој Христоименитиот народ развеселен со струни и инструменти, по завршетокот на Божествената Литургија на петнаесетти август, околу храмот на Богородица, освен во ромејскиот свет. И тоа е така затоа што врската помеѓу Ромејството и Пресветата е врска најдлабоко црковна, онтолошка, срдечна, врска на чеда со нивната мајка. Мајка за Ромеите е нашата Богородица и таа поврзаност се пренесува од поколение на поколение. Со тоа доживување нѐ одгледаа сите нашите баби и мајки. Со името на Пресветата ги споделуваме нашите радости и таги, нашите опасности и надежи.
За Ромејот, да биде радосен на Успението на Богородица е исто што и да ја отвори вратата на Царството Небесно. Со својот исход од овосветското, нè пречекува Онаа Која веќе го воведува нашето спасение на небесата. Го отплаќа и Таа заедничкиот долг на животот – умира; но сепак, нејзиниот Син не ѝ дозволува на распадливоста да го допре телото коешто Му позајми тело и крв. Затоа нашето Ромејство од крај до крај на вселената денес се радува и игра. Одомашена е смртта за ромејската душа. Особено по смртта на Онаа Која бесмртноста во утробата ја износи, таа постана еден сладок сон – „тоа нешто стана сон“, како што вели Свештениот Златоуст.
Останува страшен, се разбира, мигот на грабнување на животот, но за оние кои веруваат во Христа смртта отстапува и се претвора во успение до Неговото Второ Пришествие. Одомашена е смртта за ромејската душа.
Соткаени се нејзините чеда со неа. Го љубат животот, но не се колебаат да го принесуваат за бесмртни идеали. Не се држат тврдоглаво за привремените нешта, но се радуваат на сѐ од Бога дарувано, имајќи ги за цел оние бескрајни добра на Неговата добрина. Одомашена е смртта за ромејската душа. Во мажественоста, во великодушноста, во нашата возвишена култура, во нашите свештени и свети нешта „смртта повеќе не владее“. Успение и во Христа преображение и напредок.
Сите овие нешта имаат непосредна врска и поврзаност со присуството на нашето Смирение денеска овде. Симболиката е повеќе од јасна. Дојдовме од Градот на Богородица во нејзиниот овдешен Паладиум. Од Цариград до Царскиот манастир. Од Константинопол до областите на Понтската управа. Константинополскиот, во еден славен Константинополски кораб. Патријархот, во една од своите веќе историски Патријаршиски Обители. И природно е да сме и да посакуваме да бидеме овде лично, како свештенослужител во еден ваков ден, бидејќи ние сме канонскиот Епископ и на ова светилиште, кое беше почестено со Патријаршиско и Ставропигијално достоинство од секогаш восфалуваните наши Претходници.
Впрочем и секое наше поклонение, секое наше свештено патешествие во Понт е устроено во рамките на нашата пастирска грижа за наследените завештанија под непосредна јурисдикција на Престолот Константинополски. Затоа и Богородичниот град наш низвременски, со толку љубов и внимание го прегрнува овој Богородичен дом и заради него и преку него го чува до последно споменот на одовде отселените нејзини чеда.
Доаѓаме и се враќаме овде, во светата гора на Мела, за да го прославиме Успението на Богородица заедно со сите Отци наши, заспани со надеж во воскресението. Доаѓаме, за да им пренесеме порака на живот. Доаѓаме, за да ги допреме делата на рацете нивни, да направиме трисагија за голите коски и да Го спростреме Духот Свети врз секоја плот. Доаѓаме, за повторно да се крстиме во реката Пикситин, реката на историјата на цивилизацијата и на срцата наши. Да ги обновиме нашите врски со минатото и да се помолиме за иднината. Да ги спомнеме имињата нивни. Да ги ставиме нивните имиња во Телото и Крвта Негови, на проскомидијата, да им речеме: „Христос Воскресе, Отци чесни, воскресна Христос и нема ниеден мртов во гробот“.
Доаѓаме до Понт евагриски, до смерната Госпоѓа Кападокија, до космополитската Мала Азија, до едноставната, благочестива и добродетелна Источна Тракија, заради причини на верата и на Родот. А верата наша е кротка, мирна, со гранче од маслина во устата, симбол за помирување кон четиристраниот свет, додека Родот наш, многу пострадан и многупати најден во катаклизма, како Арка ја има оваа вера на Православните, со којашто се поистовети на апсолутен и нераскинлив начин.
И така, доаѓаме заради причини на верата и на Родот кон оние кои нè научија и ни ги предадоа овие светињи на светињите, за да им речеме едно големо „благодарам“ за тоа што сме, да запалиме свеќа во нивен спомен, да се помолиме за упокојување на нивните души и да ветиме дека во нашите срца нивниот спомен ќе биде постојан и незаборавен.
Оваа љубов и чест кон праотците наши се враќа кон нас и ги чествува оние кои чествуваат и го карактеризира етосот и обичајот на нашето Ромејство. Оваа љубов и чест кон Ромејството на Понт ја видовме одамна, уште од неговата младост, во лицето на многу саканиот Драмски Митрополит Павле, кој неочекувано го заврши животот – на таа најмелодична човекообразна лира на понтското благочестие.
Гласот на братот Павле честопати се простираше над Трапезунт, го покриваше од Богородица покриваниот, ги осенуваше добросенчестите елки на татковината на неговите предци, стануваше суров за камењата на Мела секогаш кога ќе беа доведени до прашање одговорностите на нашиот Престол и кога ќе беше оцрнувано величието на Родот наш. Блаженоупокоениот Павле хиперболично ја љубеше Црквата и Ромејството, ако постои хипербола за љубовта кон нив.
Затоа, достојно и праведно е неговото размислување, како и словото за Понт, за Великата Црква, за Фанар, за ромејската душа, и затоа го спомнуваме особено денеска овде и се молиме нашиот Христос да го успокои и да ѝ подари на нашава епоха нови клирици со таа ревност и со истиот дух на чест и почит кон отците и кон онаа која нè одгледува сите нас, Константинополската Црква.
Браќа и чеда,
Земјата на великоименитиот Понт, облечена денес во хитонот на духовното ликување, го празнува како што доликува Преселувањето на Пресветата Богородица. Поинаку е да пее некој „Разноукрасена со Божествената слава“ во молчеливите жртвеници на Истокот при нас, а особено овде, во ова свето и со солзи почестено Трло; поинаку е затоа што овој нивен молк толку силно говори дека „Христос Воскресна!“.
Навистина: „Христос Воскресна“, блажени Ктитори и монаси! „Христос Воскресна“, множество некогашни празнувачи! „Христос Воскресна“ секогаш споменувани отци и браќа! А ти, најсакано Ромејство, понеси го цврсто омофорот на Пресветата наша и последувај ги нејзините чекори кон Преторијата, кон мачеништвото, кон Крстот, кон Симнувањето од Крстот и кон Гробот. Пред дури и да се раздени новиот ден, да чуеш заедно со неа: „Чиста Дево, радувај се! Твојот Син воскресна тридневен од Гробот“, и ти, и ти слатко наше Ромејство заедно со Него, заедно со Воскреснатиот Христос!
За многу и благословени години на сите!