Гордост и Смирение VIII дел – Степени на смирението

(Осми дел)

Степени на смирението

Како што гордоста има три степени, така и смирението има три степени. Но, степените на гордоста го искачуваат човекот нагоре за да го урнат, а степените на смирението слегуваат надолу, за да го издигнат човекот. Еве како тие три степени ги определува прекрасниот и свет старец Амвросиј Оптински:

Првиот степен на смирението еда се покоруваш на погорните од тебе и да не се издигаш над рамните. Да го насочиме малку повеќе вниманието врз овие зборови! Какво златно правило за општествениот ред претставуваат тие! Зарем врз нив не се гради секој општествен напредок и секое државно уредување! Тие го изразуваат истото она, за кое зборува светиот апостол Павле: „Секоја душа да им се потчинува на претпоставените власти… оној што се противи на власта, тој се противи на Божјата наредба“ (Рим. 13,1-2). Гордоста е бунт. Таа на никого не се покорува и со тоа се појавува како рушителка на друштвеното уредување. Спротивно, смирението уште во почетното пројавување се јавува како здрава основа, врз која се гради човечкиот соживот. Но, ние луѓето колку малку сме исполнети од сознанието за неопходност да достигнеме барем до тој степен на смирението! Колку многубројни се оние, кои се противат на властите: такви се непокорните ученици во училиштето, недисциплинираните граѓани во државата, непослушните христијани во Црквата. Секој кој, било во една или во друга форма, се противи на која и да било законска власт, се уште е далеку од какво и да било смирение.

Вториот степен на смирението еда се покоруваш и на рамните и да не се издигаш над помалите. Ако првиот степен, колку и да е задолжителен, не ни е сосема пријатен, тогаш вториот ни се чини дека е многу потежок. Како? Да се покоруваш на рамните на тебе? Нашето суштество, кое е навикнато да заповеда, да прима почести, пофалби, со сите сили се противи на таквото смирение. Гордоста не ни дозволува да им се покоруваме на рамните на себе. Самољубието ни забранува да се изедначиме со помалите од нас. Чувството за сопствено достоинство не нè тера да се потчинуваме, туку да заповедаме, да диригираме. Како ќе се потчинам на рамните со мене? Зарем не сум ли јас поумен од нив? Не сум ли подобар, понадарен? Ете така размислува секој еден од нас и со тоа докажува колку е далеку од вистинското смирение, и колку се уште е заплетен во мрежите на гордоста.

Третиот и најсовршен степен на смирението еда се покоруваш и на оние кои стојат пониско од тебе и да мислиш дека си ништо, дека си како едно од животните, недостоен за човечкото друштво. Токму ова за нас веќе претставува невозможност! Но, од светителите тоа било извршено во пракса. Тие сите се сметале за последни грешници, за најнедостојни помеѓу луѓето, но сето тоа за себе го мислеле потполно искрено. Ете, во Стариот Завет праведниот патријарх Авраам, кој бил удостоен дури и да разговара со Бога, себе си се нарекува „прав и пепел“ (1. Мој. 18, 27). Светиот пророк и цар Давид, кој ги напишал прекрасните псалми и имал пророчки дар, кој постанал дури и далечен праотец на Господа Исуса Христа по тело, во длабоко смирение за себе велел: „Јас сум црв, а не човек“ (Псал. 21, 7). А, пак, светиот апостол Павле, кој најмногу се потрудил од сите свети апостоли за распространувањето на Божјото Слово, се нарекува, за нас со непознато смирение, изрод, најмал од апостоли те, недостоен да се нарече апостол (1. Кор. 15, 8-10) и искрено себе си се смета за прв меѓу грешниците (1. Тим. 1, 15). А нашиот словенски светител, молитвеникот за сите нас, кој се прослави со необични подвизи, кој во пост и молитва беше подложен на жештини и студови во планината Рила, кој со своите солзи без престанок ги полеваше планинските камења, кој живееше рамноангелски живот, кој уште при живот вршеше прекрасни чудеса за помош на своите сонародници. на кого и до денес неговите мошти се нераспадливи и почиваат во Рилскиот манастир, откаде чудотвори и им помага на сите, кои со вера му се молат, тој ангел во човечко тело го започнува својот Завет кон манастирските браќа со следните зборови: „Јас, смирениот и грешниот Јован, кој не сум направил никакво добро на земјата, кога дојдов во таа Рилска пустина не најдов човек, туку само диви ѕверови и непроодни планини…“

Само во придружба на ова големо смирение сите светители можеле да бидат удостоени со големата Божја благодат. Благодатта се дава според мерката на смирението. Колку е подлабок садот на смирението, толку повеќе благодат во него се собира.

На врвот на смирението се стигнува преку слегување до длабочините на понижувањата. Тоа го покажува и Спасителот со зборовите: „Кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга“ (Матеј 20,27). Бог го љуби оној, кој се стреми да го достигне макар и првиот степен на смирението. Се разбира, поголема награда има за оној кој стои на вториот степен на смирението. Но, највисок во очите на Бога е оној, кој живее според третиот степен на смирението, односно оној, кој се смета за последен меѓу луѓето и се покорува на оние кои стојат пониско од него.

Прочуениот светител Теодосиј Печерски, игумен на Печерскиот манастир, кој уште додека бил жив, бил многу почитуван и сакан од сите како голем Божји угодник. Тој честопати одел во Киев при кнезот Изјаслав. Еднаш, зафатен со манастирски работи во дворецот на кнезот, го фатило мрак. Кнезот посакал да го задржи да преноќева кај него, но свети Теодосиј настојувал да се врати во манастирот. На крајот, кнезот заповедал да подготват една мала кочија и да му речат на еден од слугите да го одведе отецот Теодосиј до Печерскиот манастир. Кочијата тогаш била со едно седло. За кочијашот немало место, па така тој кога ќе се изморел јавал на коњите за да се одмори, и после тоа повторно со пешачење ја терал кочијата. Иста таква кочија била подготвена и за свети Теодосиј. Кога тој седнал во неа, слугата, незадоволен, наместо да одмора, требало цела ноќ да го води, за него непознатиот монах, и со гнев во душата почнал да ги тера коњите. Тие излегле од градот. Слугата го погледнал Теодосиј и, соблазнет од неговата проста облека, си помислил дека е некој најобичен калуѓер, па му рекол: Отче, ајде слези ти да ја тргаш кочијата, а јас ќе се качам да се повозам. Свети Теодосиј сосема смирено одговорил: “Во ред, чедо! Ќе биде!” И слегол. А слугата како господар се расположил во кочијата и наскоро заспал. Свети Теодосиј цела ноќ ја влечел кочијата и многу се измачил. Утрото, сите кои го сретнале свети Теодосиј – и велможите и селаните, со почит се поклониле на Божјиот служител, зашто го познавале. Слугата, кога го гледал тоа, се чудел. Тој не можел да сфати, зошто тие се поклонуваат на тој прост монах! Се приближиле до Печерскиот манастир. Таму се расчуло дека игуменот доаѓа од Киев. Целото братство излегло да го пресретне. Сите браќа, според обичајот, се поклониле до земја пред својот духовен татко и началник. Слугата западнал во ужас! Кој ли може да биде овој што сите монаси така го почитуваат? И откако разбрал дека тоа е игуменот, прочуениот Теодосиј, тој се растреперил од страв, зашто очекувал казна и одмазда. Но, свети Теодосиј, се упатил кротко кон него, дружељубиво го фатил за раката и го одвел во кујната, каде им заповедал убаво да го нахранат… Ете, каква незлобивост и смирение имал свети Теодосиј Печерски.

(Продолжува…)


Извадок од книгата: Архимандрит Серафим, Гордост и смирение, Брегалничка епархија, Штип 1995, 44-47