Дојдете возљубени, дојдете отци и браќа мои, вие избрано стадо на Отецот, воплотени воини Христови. Дојдете, деца, слушнете го ова за душите ви спасително слово. Дојдете да се зафатиме со трговијата, додека е уште ден. Дојдете да си го стекнеме вечниот живот, да го купиме спасението за душите. Наполнете си ги очите со солзи, и наскоро ќе ви се отворат очите на умот. Дојдете сите еднодушно, богати и сиромаси, началници и потчинети, синови и ќерки, и луѓе од секоја возраст, сите вие кои сакате да се избавите од вечното наказание и да станете наследници на небесното Царство. Заедно со Св. Давид да повикаме кон милостивиот и човекољубив Господ и да кажеме: Отвори ми ги очите и ќе ги видам чудесата на Твојот закон (Пс. 118). Просвети ми ги очите за да не заспијам со сон смртен (Пс. 12). Да викнеме, како што викнал слепиот: Помилуј ме, Господи, Сине на Бога Севишниот (Марко 10,47). Иако некои не запираат или ни велат да замолчиме, уште посилно да повикаме, и неуморно да повикуваме, сѐ додека Дарителот на светлина Христос не ни ги отвори очите на срцето. Пристапете кон Христа, Пристапете кон Него и ќе се просветите и лицата ваши нема да се посрамат (Пс. 33). Да се држиме за оваа прекрасна мисла, да го посакаме царството и рајот; и наскоро ќе почнете да ги занемарувате делата на овој век. Подвизувајте се во овој единаесетти час, брзајте за да не останете надвор од затворените врати. Вечерта е близу и Судијата доаѓа со голема слава да му даде секому според делата. Да се покаеме браќа додека има време.
Слушнете што вели Господ: Радост бива на небесата и за еден грешник кој се кае (Лука 15,10). Зошто се предаваш на безгрижност, грешнику? Зошто очајуваш? Ако на небото се радуваат кога се каеш, тогаш од што се боиш? Ангелите се радуваат, а ти се предаваш на униние! Архангелот проповеда покајание, а ти се плашиш! Пречистата и неразделно почитувана Троица те повикува, а ти воздивнуваш!