Бог сака сите да се спасат

Елате возљубени, и додека не настапил оној страшен ден, да се потопиме во морето на Божјите штедрости. Сам Бог ги поттикнува и кани сите, велејќи: Дојдете при мене сите изморени и обременети и јас ќе ве успокојам (Мат. 11,28). Сите ги кани Човекољубивиот, и Незлобливиот, Сострадалниот и Долготрпеливиот, кој сака сите луѓе да се спасат. Не ги поттикнува и повикува само Своите, туку вика кон сите: „Елате при мене сите, богат ли е некој, или сиромав; бидејќи кој доаѓа при мене, нема огладни (Јован 6,37). А кој е тој што доаѓа при мене? –Оној кој ги има заповедите мои и ги исполнува; кој го слуша словото мое и верува во Оној Кој ме пратил. Блажен е оној што го слуша и исполнува Неговото слово, а тешко на оној кој не се потчинува; зошто тоа слово ќе го осуди во последниот ден (Јован 12,48), според напишаното: Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог (Евр.10,31)!

Покај се, брате и не се препуштај на страв! Покај се, грешнику, надевајќи се смело и гледајќи кон безмерното човекољубие на Христа Кој рекол: Не сум дошол да ги повикам праведниците, туку грешниците, на покајание (Мат. 9.13). Покај се, за да не се посрамиш на Судот, каде со страв ќе стојат илјадници и илјадници ангели и архангели, кога тајното ќе стане јавно и ќе се отворат книгите на делата, кога луѓето ќе бидат одделени едни од други како овци од кози…

Тогаш ризниците ќе бидат отворени и праведниците ќе ги добијат. И блажени се гладните и измачените од жед; зашто таму ќе се наситат; а тешко на наситените, зашто таму ќе гладуват и жеднеат. Блажени се оние што плачат; зашто таму ќе се веселат и утешат; а тешко на оние што сега се смеат зашто таму непрестајно ќе плачат и воздивнуваат. Блажени се милостивите; зашто таму ќе бидат помилувани. Слушнете како се ублажуваат тие што се подвизуваат и колку несреќни ќе бидат мрзливите.

Размисли за сето ова и побрзај да се спасиш. Не гледај кон мрзливите и оние кои тонат во раскош, бидејќи тие ќе се исушат како трева (Пс. 36). Немојте да го засакате овој век; зашто тој поставува сопки пред тие што го сакаат и за кратко ги засладува, а во оној век ги испраќа голи. Слушај го Светото Писмо, внимавај на него и нема да бидеш измамен и нема да може да те сопне овој суетен и лукав свет. Слушнете како вели богословот Јован: не го сакајте светот и се што е во него… зашто сѐ што е во светот – похотата на телото, желбата на очите и гордоста на животот, не е од Отецот, туку од овој свет. А светот поминува и похотите негови, но оној што ја извршува волјата Божја, останува довека ( I Јован 2,15-17). А слушни како вели Господ: каква полза е за човекот ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости (Мат. 16,26). Грижливо и со страв пазете го словото Негово; зашто словото кое Он ни го кажа и на кое не научи, тоа ќе ни суди во последниот ден.

Господ не лаже никогаш, биди сигурен во тоа! Зашто Он е вистина. И кога знаеш дека Он е вистина, дека Неговото слово не е лажно, зошто остануваш во мрзливоста своја, несреќнику? Што чекаш? Што си мислиш? Кој ќе одговара за тебе? Зарем не знаеш дека секој сам за себе ќе дава одговор пред Бога? Не знаеш ли дека секој ќе си го пожнее она што го посеал и секој ќе го понесе сопственото си бреме? Додека сѐ уште  има време, симни го бремето од гревовите свои. Човекољубивиот Бог те повикува: дојдете при мене сите изморени и обременети. Сите ги повикува Он. Никој да не очајува. Никој не смее да каже: „Јас не сум згрешил“. Кој вели дека не згрешил, тој е слеп, оди на слепо и е најнесреќниот од сите луѓе. Зашто евангелистот Јован вели: ако кажеме дека немаме грев, се лажеме сами себе и вистината не е во нас, и го правиме Бога лажец ( I Јован 1,8;10). И кој ќе се роди чист од нечист? Ниеден ( Јов 14,4).