Ако имаш срце ќе се спасиш (II дел)

Според тоа, првото нешто што го придобиваме е црковното сознание – дека сме членови на Црквата и како такви го правиме она што го прави целото тело. Сите православни Христијани, во целата земја, на тој ден постат, значи постиме и ние, како членови на тоа тело. Не можеме да се двоиме од останатите, не можеме да ги правиме работите по свое, не може Божјиот народ да врви по еден пат, а ние да следиме друг. Црквата не е нешто неодредено, нешто апстрактно, туку тело од луѓе – или ѝ припаѓаш на Црквата или си надвор од неа. Ние ја сочинуваме Црквата кога сме во храмот, ја сочинуваме Црквата кога сме двајца или тројца собрани во името на Исус Христос, и ја сочинуваме Црквата кога сме обединети со останатата Црква.

Според тоа, да припаѓаме кон Црквата значи да припаѓаме кон тоа конкретно тело на Црквата кое се состои од епископи, презвитери, ѓакони, монаси, мирјани и сите заедно да го сочинуваме ова тело што го следи својот пат и живот. Сега е пост, Црквата пости, утре има Литургија, Црквата извршува Света Литургија, денес е празник, Црквата празнува. Многу е важно што сите православни Христијани ги празнуваме сите празници заедно, особено Пасхата која на сите ни е заедничка, додека порано не било така. Вселенските Собори го определиле тоа заедничко славење како неопходност, токму за да го имаме чувството дека сите припаѓаме кон телото на Црквата, кое е конкретно, а не апстрактно и духовно тело.

Откако во нас ќе почнеме да го негуваме ова црковно сознание, кое според мене е најважно, сите останати нешта имаат практична форма и преку подвигот на постот се претвораат во придобивки на личниот живот. Првото нешто што се стекнува е отсекувањето на волјата. Кога Црквата ти вели: „Слушај, денес нема да јадеш месо, нема да го јадеш тоа јадење, ќе јадеш друго“, а тебе можеби не ти се допаѓаат другите јадења, не ги сакаш, воопшто не ги претпочиташ тие што постот ги налага, па сепак ги јадеш зашто е пост. Постот ти допушта да го јадеш токму тоа, а не она другото, што сега ти се јаде. Значи, ја отсекуваш волјата. Што значи отсекувањето на волјата? Пред сѐ означува дека, ако во ова едноставно нешто ја отсечеш својата волја и во конкретниов случај ја прифатиш волјата на Црквата, потоа многу полесно ќе научиш да ја отсекуваш својата волја и своите желби во однос на твојот брак, сопругата, детето и особено во однос на Божјата волја. Кога нашата волја, која во основата е грев, себељубие и уште илјадници други нешта, се судира со Божјата волја, тогаш природно таа треба да биде отсечена, искоренета, да отстапи за да ја прими Божјата волја, која се изразува преку Божјите заповеди. Некој вели:

– Но, јас не разбирам зошто тоа е грев?

Не разбира. И знаете, навистина има некои постапки кои за Црквата се грев и не му е лесно на човек да разбере точно поради кои причини тие се грешни, или со други зборови, во што всушност се состои грешноста на таа конкретна постапка. Бидејќи сѐ уште е на почетокот,  духовно е незрел и нема голема расудливост, човекот треба да прифати дека за него е доволно тоа што Бог го определил нештото како грев. Кога Бог вели: „Не лажи, не кради, не прељубодејствувај, не посакувај ништо што е туѓо, не го изговарај напразно името Божјо, почитувај ги родителите“, дури и да не ја разбираш суштината на гревот, сепак, на почетокот треба да ја прифатиш како дадена, затоа што Бог ја кажува и определува како грев, пад и прекин на врската со Него. Тоа е исто како кога одиш на лекар и тој ти вели: „Немој да ја јадеш таа храна“. Тогаш ние не знаеме што се случува во нашиот организам доколку ја јадеме таа храна, не се разбираме од хемиските и сите останати процеси, кои се случуваат во нас и можат да ни наштетат. Доволно е што лекарот ни вели да не јадеме од таа храна. Подоцна, кога ќе стекнеме знаења од биологија, хемија и медицина, можеби и ќе ја разбереме научната причина поради која треба да ја избегнуваме таа конкретна храна. Исто се случува и со Божјите заповеди. Факт е дека на почетокот човек може и да не ги разбира. Затоа често, за време на исповед, луѓето прашуваат:

– А зошто тоа е грев кога никого не вознемирувам, никого не задевам, мене ми се допаѓа и на никого не му пречам?

И навистина човекот треба да добие одговор во што е суштината на гревот на таа негова постапка, но како ќе разбере оној што сега влегува во Црквата? За да се разбере тоа треба претходно да се знаат и други нешта. Затоа започнуваме со даденоста – Бог вели дека таа постапка е грев и не ја благословува. Почитувај го тоа и ќе видиш каде ќе те одведе, до каква блискост со Бога ќе те доведе. Подоцна, кога сепак, ќе паднеш и ја направиш таа постапка, прекинувајќи ја врската со Бога, ќе разбереш од опит во што се состои грешноста на постапката што те одделува од Бога, а ќе ја сфатиш и штетата од неа.

(Продолжува…)