Љубовта и радоста се состојат во служењето на другите

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за Петтата недела од Светата Четириесетница, изговорено во манастирската трпезарија 

Архимандрит Партениј

Симнете ја проповедта на вашиот уред


Возљубени чеда, браќа и сестри во Христа!

На денешната Божествена Литургија имавме можност да го слушнеме извадокот од Светото Евангелие, во кој се раскажува за последното искачување на Господ Исус Христос кон Ерусалим, каде што требаше да пострада и да воскресне. Одејќи по патот, Божествениот Учител им откривал на ученците за претстојните, големи и страшни настани, за предавството и осудата на Синот Човечки, за страданијата и потсмевањата со Него, за ужасната смрт и за Неговото тридневно Воскресение – најголемата тајна што ќе го промени светот и ќе му донесе спасение на човештвото. Меѓутоа, заслепени од човечката суета и страста на властољубието, двајца од Неговите ученици, Зеведеевите синови Јаков и Јован, не можеле да проникнат во длабочината на таа голема тајна.  Замислувајќи си дека сега нивниот Водач ќе крене востание и ќе стане нов цар на Израилот, побарале првенство во тоа замислено царство. Но, овие двајца не биле единствените што размислувале така. Евангелието ни вели дека кога останатите десет ученици разбрале за барањето на Јакова и Јована, вознегодувале против нив, од што би можело да се заклучи дека и тие посакувале нешто слично.

Кога по читањето на Евангелието влегов во олтарот, еден од браќата свештенослужители ми рече: „Цела историја се случува истото. Човекот бара првенство, сака другите да му служат, а никако да научи дека тој треба да служи“. И навистина, најголемите проблеми што светот ги има се последица токму на таа егоистична желба да бидеме први, да бидеме најубаво облечени, најдобро нахранети, најбогати, најмоќни, најпочитувани. Помислете само, доколку, на пример, благата со кои Господ штедро ја обдарил оваа планета праведно се распределат на сите, зарем нема да биде тоа доволно за никој да не е гладен, и не само да се задоволи гладта, туку и повеќе од тоа, сите да бидат задоволни и радосни? Но, ете, тој гревовен, себељубив начин на размислување, насекаде создава страшни проблеми и несреќи. Најнапред, во самите оние што им се предаваат на алчноста и властољубието, зашто човекот кој настојува секогаш да го има првото место, да му служат наместо да служи, има најголем немир во себеси. Никаде и во ништо не го пронаоѓа својот спокој. Таков е духовниот закон – себељубието е обратнопропорционално со мирот и радоста: колку повеќе човекот станува самољубив, толку понесреќен и понеспокоен бива. Тоа е апсолутно правило. Дури и во Едемската градина, каде човекот имал сѐ во изобилие, и најважно од сѐ – се наоѓал во непосредна заедница со Бога, Кој, патем, го создал за да му послужи со љубовта и радоста Своја, погоден од гордоста и самољубието, тој се лишил од таа благосостојба. Барајќи го предвреме она што во тој момент не му припаѓало, изгубил сѐ и паднал во крајна беда и несреќа. Лажната, себељубива мисла дека ќе стане еднаков со Бога – иако тој веќе бил бог по благодат – го претворила во едно бедно суштество.

Но, смирениот Господ не сакал да го заборави своето највозљубено создание. Започнал да го бара изгубениот човек уште од првиот миг по падот. Адаме, каде си? – со татковска љубов го повикал Бог Адама (Битие 3,9). Во таа потрага по изгубеното човештво, Бог најпосле станал и човек, воплотувајќи се од Пречистата Дева, за му послужи на човекот, за негово спасение. Не за да го погуби или казни, туку за да му послужи. Таква заповед ни оставил и нам. Пред Своето распнување, на Тајната Вечера, Тој им ги измил нозете на учениците и им рекол: Ако, пак, Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, тогаш и вие сте должни еден на друг да си ги миете нозете. Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас (Јован 13,14-15). Бог не ни оставил заповед да ја бараме исклучиво личната полза, туку пред сѐ доброто на ближниот. Големината на Христијанството се состои во служењето. Зошто? Затоа што тоа е љубов. А вистинската љубов е само онаа пожртвуваната. Таа секогаш гледа прво да му послужи на другиот, великодушна е, полна со добрина, не завидува, не се превознесува, не се гордее, не бара свое, не се срди, на сè се надева, сè поднесува… (сп. 1. Кор. 13,4-5).

Архимандрит Партениј

Па така, мили мои, да се биде Христијанин значи да се служи на другите, без разлика како тие гледаат на љубовта и дали веруваат во Бога, или пак, дали и самите тие се подготвени да ни послужат нам. За љубовта тоа нема значение. Секој Христијанин е повикан пожртвувано да му служи на ближниот, без да бара возврат, зашто во спротивно би се поништил законот на љубовта. Тука ќе напомнам дека според Христа првите се повикани најмногу да служат. А кои се првите? Во Црквата тоа се: епископите, свештениците, монасите и целокупниот клир, а во општеството – сите оние кои имаат некаква власт, кои заземаат одредена одговорна положба. Доколку првите се поучат евангелски да им служат на другите, тогаш нашето општество ќе биде многу поубаво и порадосно. Сепак, да не забораваме дека секој треба да почне од себеси, зашто доколку почнеме да се преокупираме со тоа зошто првите не служат како што треба и да ги осудуваме, тогаш ние нема да бидеме прави служители Христови. Неопходна е благословената самокритика, треба да си погледнеме длабоко во себеси и да се бориме против гордоста зацарена во нас. Несомнено, сите ние имаме гордост и самољубие и поради тоа најтешко од сѐ ни е да им служиме на другите. Затоа во православната аскетика како најпревосходна добродетел се смета смирението. „Смиреномудрието“, пишува големиот  учител на добродетелите, Преподобен Јован Лествичник, „е безимена благодат на душата, чиешто име им е познато само на оние што ја спознале од опит. Тоа е неискажливо богатство, Божјо наименование и дар. Зашто вели: Научете се, не од ангел, не од човек, ниту од писмо, туку  од Мене, т.е. од Моето пребивање, блесок и дејствие во вас, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и по мисла и по ум, и ќе најдете спокој од борбите и олеснување од помислите во душите ваши“. Не е лесен подвигот на смирението, но тоа е единствениот пат кон спасението, тоа е пробив кон внатрешниот вистински мир и неопислива радост. И Христос не е единствениот Кој ни го покажа тоа, туку за ова посведочиле и многубројните Неговите последователи во текот на овие две илјади години христијанска историја. Имаме на располагање една огромна војска на служители Христови коишто, поучени од Неговиот пример, смирено му послужиле на светот и го задолжиле со огромно духовно богатство.

Веќе се наоѓаме пред крајот на Светата Четириесетница. Таа завршува в петок, пред Лазарева Сабота и Цветници, а потоа ни останува уште Великата Седмица, кога си спомнуваме за сечесните и спасителни Страдања на нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Ве замолувам овие денови што ни преостануваат до Света Пасха да размислуваме повеќе за сето она што Господ го направил за нас. За тоа колку со љубов и смирение ни послужил и секојдневно ни служи, а ние, за жал, бидејќи огревовени, не можеме да го забележиме тоа. Бараме сѐ повеќе и повеќе, без да знаеме што вистински ни треба, оти бараме нешто што не ни припаѓа и кое може само да нѐ погуби, како што неразумната желба го погубила Адама во Рајот. Никако да се задоволиме од богатите дарови што Господ ги излева врз нас, туку сѐ нешто бараме отповеќе. А доколку се смириме, доколку искрено Бога Го возљубиме, верувајте дека ќе добиеме сѐ што ни е потребно. Не вели ли Тој во Евангелието: Барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сè ова ќе ви се придодаде (Матеј 6,33). Не просто ќе ни се даде, туку Бог и отповеќе ќе ни придаде, само ако се научиме на смирение и на служење едни на други.

Да ни даде Господ сили, духовни очи и просветление, да ги разбереме големите тајни на Неговото човекољубие и милост, та да Го примиме Него, премилостивиот, во срцата наши. Да Го примиме Господ на љубовта, на радоста, нашиот Христос, Кој премногу нѐ љуби и ни служи секојдневно. Да се поучиме од Него и да си служиме едни на други, и преку тоа служење да се соединиме меѓусебно во радоста на Неговото Воскресение! Барем овие две седмици кои ни преостануваат до Пасха, да се покажеме Негови вистински смирени ученици. Амин!