Митот на „белата камилавка“

 

Долги години не ми беше јасно зошто Московскиот патријарх при своите секојдневни појавувања носи една особена бела панакамилавка, но исто така и руските митрополити, како и претстојателите на други Православни цркви од северните земји, носат „бела панакамилавка“.

На прашањата што тогаш ги поставував на разни личности, ми беше даден одговорот дека кај Православните Словени се задржал обичајот архиереите кои доаѓаат од брачниот клир да носат бела панакамилавка, за разлика од епископите кои доаѓаат од монаштвото и така се задржало за сите претстојатели и истакнати митрополити.

Но, овој одговор не го задоволуваше моето љубопитство по ова прашање, така што побарав конкретни одговори.

Истражувајќи го повремено ова прашање, се уверив дека митот на „белата камилавка“ или „белата панакамилавка“ доаѓа од подалечното минато и се поврзува со теоријата дека Московската црква е „Третиот Рим“.

Зборот камелавка (καμελαύκιον) означува вид на покривало за главата, а пак, зборот калимавха (καλυμμαύχιον, вообичаениот збор во новогрчкиот јазик за свештеничката капа, заб. на прев.) е неологизам, кој доаѓа од зборот κάλυξ -υκος и од глаголот καλύπτω, што значи покривало, покров (речник Liddell-Scott). Се работи за покривало на главата на клириците и кога врз него се става паната (монашкиот кукол, заб. на прев.), тогаш се нарекува панакамилавка.

Осврнувајќи се на митот на таканаречената „бела панакамилавка“, предвид го имаме 8 век по Христа, теократските идеи на Карло Велики и на неговите наследници, кои дошле во судир со теократските идеи на папите. Од тој судир се појавиле „псевдоисидоровите едикти“ и „псевдоконстантиновото дарение“. Се работи за фалсификувани текстови, дело на фантазија, кои се напишани помеѓу 752 и 778 година и претставуваат една голема измама, со многу големи резултати.

Согласно псевдоконстантиновото дарение, кога Константин Велики си тргнал од Запад, на папата му го предал раководството на Западната римска империја, императорска власт, императорски почести и императорски инсигнии, односно порфира, црвени чевли, скиптар, круна и Латеранската палата. Фалсификатот на константиновото дарение го докажал Лаврентиј Валас (+1457) во 15-от век (Архимандрит Василиј Стефанидис). По оваа тема се напишани многу соодветни текстови, но овде ќе се осврнам само на три од нив.

За почеток, го прочитав опсежниот член на А. Остапов, протопрезвитер и професор на Московската духовна академија, во Религиозната и етичка енциклопедија (ΘΗΕ, 1966) за Руската црква, каде што се наведуваат соодветните наводи во врска со теоријата за Третиот Рим, а во врска со „белата митра“ на Московскиот.

Поточно пишува дека псковскиот монах Филотеј, во писмо испратено до Василиј Иванович, потенцира дека „стариот Рим отпадна во ереста на аполинаријанството. Агарјаните ги скршија вратите на вториот Рим со својата сила, но третиот Рим, современиот […] светли како сонце.“ Потоа владетелот потенцира дека „двата Рима паднаа, а третиот стои исправен и нема да има четврт“.

Во продолжение, Остапов во својот текст пишува: „Оваа теорија претставува основа на руската гордост, додека многу паралелни преданија покажуваат сличен дух, како преданието за Тихвинската икона, која, според соодветната легенда, била нацртана по наредба на Константинополскиот патријарх Герман и од него била испратена во Рим за време на иконоборството, а после сто и триесет години повторно се вратила во Константинопол, додека, пак, шеесет години пред падот на Константинопол, на чудесен начин преминала во Тихвин. Јасно е и преданието за белата митра, или панакамилавка, која претставува словенска варијанта на псевдоконстантиновото дарение. Белата митра, според преданието, му била дадена на папата Силвестер, но после аполинариската ерес, во која паднал царот Карло Велики и папата Формоз, на чудесен начин била пренесена во Константинопол, но папата Филотеј наредил да биде однесена во Новгород, велејќи: ‘Во третиот Рим, кој е Русија, ќе заблеска благодатта на Светиот Дух. Знај, о, Филотее, дека сите христијански империи доаѓаат до својот крај и се соединуваат помеѓу себе во единствената империја Руска […] Господ ќе го издигне рускиот цар над сите народи и многу цареви на другите народи ќе се потчинат на неговото императорство. Патријаршиската чест потоа ќе се пренесе од овој императорски град во руската земја за да се положи под нејзината власт и оваа земја ќе се нарече света Русија‘“.

Прашањето на „белата камилавка“ ја спомнува и о. Јован Мејендорф, во својот текст насловен „Постоел ли некогаш ‘Трет Рим‘? Забелешки за византиското наследство во Русија“, кој ја поврзува белата камилавка со теоријата за „Третиот Рим“.

Јован Мејендорф, имајќи го предвид ова, ја повторува новата варијанта на овие укази со митот  за „белата надкамилавка“. Тој пишува: „Околу годините на архиепископот Генадиј (1484-1509), во Новгород се појавила една чудна руска варијанта на Константиновото Дарение, митот за белата надкамилавка. Согласно овој мит, една бела надкамилавка (рус. клобук) му била подарена на папата Силвестер од страна на Константин Велики, после неговото крштение. Последниот православен папа, предвидувајќи го падот на Рим во ерес, ја пратил оваа надкамилавка на безбедно пазење на патријархот Филотеј Константинополски, кој конечно (предвидувајќи го во свое време предавството во Фиренца) ја испратил драгоцената реликвија на архиепископот Новгородски. Така, не само Москва, но и Твер и Новгород до еден степен полагале право да бидат наследници на ‘Рим‘ и центри на вистинската христијанска вера“.

По ова прашање значајни забелешки прави мојот колега од Богословскиот факултет во Солун, архимандрит Иринеј Делидимос, во воведот на „Синтагмата на Божествените и Свештени Канони“ од Г. Ралис и М. Потлис (изд. В. Ригопулос, Солун 2002).

На почетокот се осврнува на фалсификуваниот текст од 8-от век, т.н. „Константиново дарение“, кое го видовме претходно, за „светлата бела ‘фригиска’ капа“ и забележува дека оваа привилегија ја имал прифатено Валсамон, со забелешката дека слични императорски инсигнии требало да носи и Константинополскиот патријарх, зашто, согласно одлуката на Вториот вселенски собор, архиепископот Константинополски ги има истите привилегии со Римскиот папа. Но, како што забележува архимандрит Иринеј Делидимос, во православниот христијански Исток постоел силен духовен отпор „кој спречувал лизнување на Константинополската патријаршија во суетноста на светското величие. Патријарсите останале верни на апостолската едноставност и на аскетскиот идеал. Го победиле искушението и не го копирале императорскиот начин на живеење како средновековните Римски папи, кој, бездруго, силно го критикувале дури и врвни претставници на западното Христијанство, како познатиот монах и мистичен теолог Бернард од Клерво (1090-1153)“.

По ова, архимандрит Иринеј Делидимос пишува дека „’Константиновото дарение’ извршило големо влијание во православна Русија. Таму се појавила уште една измислица и ширење на мит, кој ја содржи вековната историја на ‘белата камилавка’, односно онаа бела ‘фригиска’ капа, која божем ја подарил Константин Велики на папата Силвестер“. Во продолжение пишува: „Изгледа дека по интронизацијата на Константинополскиот патријарх Јован Калека (февруари 1347), споменатото бело покривало завршило (можеби откупено од руски поклоници или трговци) во Новгород, тогашен центар на една голема, независна република во северна Русија. Секако е веројатно дека во тоа време, тогашниот архиепископ Новгородски Василиј (1330-1351) прв почнал да носи ‘бела камилавка’. Тоа оттогаш станало исклучителна привилегија на архиепископот Новгородски, додека архиепископот Макариј (1526-1542), откако бил избран за митрополит Московски (1542-1563), со себе ја пренел во Москва и оваа привилегија на ‘белата камилавка’. Подоцна, оваа промена ја заверил и рускиот синод во 1564“.

Оправдувањето на оваа привилегија станува преку две рецензии. Според првата рецензија, многу години после Силвестер папа Римски, „белата камилавка“ отишла од Рим во Константинопол, поради ереста на бесквасниците (аполинаризам), во која паднале императорот Карло и папата Формоз, и патријархот Константинополски ја испратил на архиепископот Новгородски Василиј. „Во втората рецензија на текстот, Русија се нарекува ‘трет Рим’, со претпоставка особено на престолнината Москва. На истиот начин, преку ‘белата камилавка’, Москва, која од 1589 е издигната во патријаршија, веќе се појавува како трет Рим, наследничка на паднатиот во ерес стар Рим и окупираниот од Турците Константинопол-Нов Рим. Средновековната папска идеологија се пресадила во православна Русија!“.

И завршува Архимандрит Иринеј:

„До денес Московскиот патријарх продолжува да носи ‘бела камилавка’ (познатото, карактеристично покривало на неговата глава). На истиот начин, папскиот мит за ‘Константиновото дарение’ продолжува да живее преку овој симбол во православна Русија! Спротивно на тоа, таа е заборавена во местото на нејзиното раѓање, во Рим, каде папата Павле VI (1963-1978) дури ја укина и употребата на папската тијара (митра, заб. на прев.), која претставува последен спомен на таа бела ‘фригиска’ капа од митот (на ‘белата камилавка’, според руската измислица).“

Сето ова покажува како апостолскиот живот, кој е основа на епископскиот дар, се секуларизира и се поврзува со светска власт и со светски начин на размислување. Секако, митот на „белата камилавка“ не е единствениот пример на секуларизација на епископскиот дар, но ова беше тема на конкретниов текст.

За крај, „редот“ кој треба да постои во Црквата треба да се толкува и да се основа на канонското право и да не се гледа, како што некои прават, како догма и да не се основа на митовите, кои полагаат право на светска власт.