„Во благопријатно време Те чув и во денот на спасението Ти помогнав“ (Иса. 49, 8), рече Бог преку Исаија. Затоа, добро ќе биде денеска на вашата љубов да ѝ се упатат апостолските зборови: „Еве, сега е времето благопријатно; ете, сега е денот на спасението. Да ги отфрлиме, пак, сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на светлината. Да одиме чесно како дење“ (2. Кор. 6, 2, Рим. 13, 12 – 13) – зашто ни се приближува сеќавањето за спасоносните Христови страдања, се приближува нова, голема и духовна Пасха, награда за бестрастието (т. е. палмова гранка), почеток на идниот век. Тоа го најави Лазар, кога излезе од оние кои се сокриени во адот; само со една заповед и еден збор од Бога, Кој има власт над животот и над смртта, оној што четири дена беше во гробот, стана од мртвите. И по наидувањето на божествениот Дух, децата и незлобивиот народ Го поздравуваат Оној, Кој избавува од смртта, ги изведува душите од адот и дарува вечен живот на душата и телото.
Ако некој сака живот и сака да види добри денови, Нека си го воздржува јазикот од зло и устата своја од лаги; нека се клони од зло и нека прави добро (Псалм 33, 13 – 14). Злото го претставуваат стомакоугодието, пијанството и распуштеноста. Зло – тоа е среброљубието, лакомството и неправедноста; зло, тоа е суетата, дрскоста и гордоста. Нека секој се клони од такви зла и нека прави добро. А што е добро? Тоа е – воздржание, љубов и смирение, зашто само ако ова го имаме, ние можеме достојно да Му соучествуваме на Јагнето Божјо, Кое е заклано заради нас и така да го примиме залогот на бесмртноста, кој треба да го сочуваме, со тврда надеж за ветеното ни наследство на небото. Можеби ќе речеш дека доброто тешко се постигнува, и дека потешко е да се прават добродетели, отколку зли дела. Јас не гледам така на тоа, зашто пијаниот сам по себе носи поголеми непријатности, отколку оној што се воздржува; и распуштениот повеќе од целомудрениот; и оној кој е гладен за богатства, од оној кој е задоволен со она што го има; и оној кој сака да стекне слава, од оној кој времето го поминува како непознат. Меѓутоа, бидејќи нашата љубов кон насладите, прави добродетелите да ни изгледаат потешки од вршењето на злите дела, потребно ни е да се воздржуваме: „Царството Небесно насила се зема, и силните го грабаат“ (Матеј, 11, 12).
За да можеме од своите души да ги отстраниме одбивните похоти и наместо нив да го воведеме поредокот на добродетелите, на сите нам – на угледните и на простите, на кнезовите и потчинетите, богатите и сиромашните – неопходни ни се разумноста и трезвеноста. И земјоделецот и кожарот, и кројачот и ткајачот, и воопшто, сите оние кои со својот труд и со своите раце добиваат за живот, навистина се блажени, само ако од своите души ги отстранат похотите за богатството, славата и насладувањето, зашто тие – се бедните по дух, на кои им припаѓа царството небесно, и затоа Господ за нив рекол: „Блажени се бедните по дух“. Бедни по дух, тоа се оние кои сиромаштијата ја поднесуваат скромно, без самоувереност и не барајќи наслада за душата или разумот, кои ја поднесуваат доброволно или, пак, без своја волја, но во добро расположение на духот. Оние кои се богати и кои се насладуваат, и кои се задоволуваат со минлива слава, и сите оние кои во душата примаат слични желби, се наоѓаат покрај уште пострашните страсти и паѓаат во поголеми, по многубројни и по гнасни ѓаволски заседи. Страста за богатење не го напушта оној кој се збогатил, туку уште повеќе се зголемува и бара повеќе отколку претходно. Такви се – и похотливиот, и лакомиот, и развратникот, и невоздржливиот, па нивните пороци, наместо да бидат отфрлени, стануваат сѐ полоши и полоши. Оние кои имаат власт и слава, покрај сето тоа имаат и моќ да создаваат поголеми неправди и беззаконија.
Затоа, оние кои имаат власт тешко се спасуваат, и на богатиот тешко му е да влезе во Царството Небесно. „Како можете вие да поверувате, кога примате слава еден од друг, а славата, што е од Единиот Бог, не ја барате?“ (Јован, 5, 44) вели Господ. Меѓутоа, нека не се вознемирува оној кој е богат и угледен бидејќи и тој може, ако сака да бара слава од Бога, да се воздржува и да престане со правењето гнасотии. И тој може да извршува големи и добри дела и да искорени големи злосторства, и тоа не само од себеси, туку и од многу други, ако тие самите не сакаат тоа да го направат. Таквиот може да постапува праведно и целомудрено, тој на многу начини може да го запре оној кој сака да живее развратно и неправедно; може, не само себеси да се направи покорен на Евангелието Христово и на Неговите зборови, туку и оние кои се дрски да ги покори на Црквата Христова и на оние кои управуваат со Неа во Христа, правејќи го тоа не само со силата и власта, кои ги примиле од Бога, туку и со својот сопствен пример во секое добро дело – пример за оние кои се помали од него, зашто потчинетите го подражаваат господарот.
На сите им е потребно страдање, труд и внимание, но не на сите во иста мера, бидејќи ова им е попотребно на оние кои се облечени во слава, богатство и власт, и кои се учени и поседуваат мудрост, ако сакаат да се спасат. Тоа се гледа од Евангелието Христово, кое е прочитано вчера и денес. Кога чудото над Лазар беше извршено и кога Христос потполно јасно пројави дека Он е Бог, народот тоа го прифати и поверува, додека некои кнезови, т. е. книжници и фарисеи, беа толку далеку од верата, што неразумно смислуваа зло против Него и, по своето безумство, сакаа на смрт да Го предадат Оној, Кој и со тоа што го рече и со тоа што го направи, се претстави Себеси како Господар над животот и смртта. Зар не би рекол секој, дека тие лесно можеа да разберат дека Он е еднаков на Отецот, тогаш кога ги подигна Своите очи кон небото и рече: „Оче, Ти благодарам оти Ме послуша; но ова го реков заради народот што стои наоколу, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил“ (Јован, 11, 41 – 42), т. е. за да знаат дека Он е едно со Бога и дека доаѓа од Отецот и дека Нему во ништо не Му се спротивставува, туку по волјата на Отецот – твори чудеса. Пред сите ги подигна очите Свои кон Отецот, и Му се обрати со тие зборови, за тие да разберат дека Он, Кој говори на земјата, Е рамен на најголемиот Отец, Кој Е на небесата. Советувањето претходеше, како на почетокот на создавањето, кога требаше човекот да се приведе во битие – така и сега, во чинот на пресоздавањето на човекот, во ликот на Лазар. Тогаш, имајќи намера да го создаде човекот, Отецот Му рече на Синот: Да создадеме човек, и Синот послуша, па така човекот дојде во живот. Овде, пак, кога Синот говореше, Отецот Го послуша, и така Лазар оживеа.
Ја гледате ли овде еднаквата чест и еднаквото почитување? Овие зборови, иако поради народот изговорени во облик на молитва, не беа зборови на молитва, туку на власт и господарење: „Лазаре, излези надвор!“ – и веднаш, четири дни мртвиот Лазар, застана пред Него жив; зар не беа едно заповедта на Живиот и молитвата на Животодавецот? Тој извика со силен глас, и тоа беше поради присутните, зашто можеше, не само тивко, туку и само со волјата Своја да го воскресне, и тоа оддалеку, додека се уште каменот лежеше на гробот. Он, пак, му пријде на гробот и им рече на присутните да го тргнат каменот, така што овие го почувствуваа здивот на распаѓањето и тогаш со силен глас Он го повика Лазара, го повика кај Себе, и токму тогаш го воскресна. И сето тоа – за тие да видат со сопствени очи – бидејќи беа крај гробот, за да можат со сопствениот нос да ја почувствуваат смрдеата на мртовецот, кој четири дена беше во гробот, и да почувствуваат со сопствениот допир – бидејќи со сопствени раце го допреа каменот, кој го тргнаа од гробот, потоа плаштаницата и убрусот на главата, кога ги одвиваа, како и за тоа лично да го чујат гласот Господов – кој допираше до ушите на сите присутни: низ сето тоа, тие спознаа и поверуваа дека Он е – Оној, Кој го вика она што не е, како да е (Рим. 4, 17), Кој носи сѐ со силата на зборот Свој и Кој во почетокот со еден Свој збор приведе сѐ од небитие во битие.
Така, после сѐ што се случи, незлобливиот народ поверува во Него, и тоа не само што молчејќи имаше вера, туку започна и со зборови и со дело да Го проповеда Неговото Божество. После воскресението на четиридневниот Лазар, Господ, наоѓајќи магаре кое претходно учениците го беа припремиле, како што вели евангелистот Матеј (21, 1), седна на него и влезе во Ерусалим, согласно со пророштвото на Захариј, кој рече: „Ликувај од радост ќерко Сионова, извикувај, ќерко ерусалимска; ете, Царот твој доаѓа при тебе, праведен и со спасителна сила, кроток, седнат на осле, рожба на ослицата“ (Зах. 9, 9). Пророкот со овие зборови, објави дека тој Цар за Кого е пророкувано, е единствениот вистински Цар на Сион. Царот твој, вели тој, не е страшен, ни лут, ниту води со Себе штитоносци и мечоносци, или, пак, пешадии и коњаници, ниту е алчен, ни Му е потребно да го послужуваат и да наредува, ниту Му требаат ропство и служење, кои се нечесни и погубни, туку знакот Негов е – смирение, сиромаштво и скромност, зашто Он доаѓа, седејќи на магаре, без да Го придружува големо мноштво луѓе. Со тоа Он е – Единствениот праведен Цар, Кој во праведност спасува; и Он е кроток, зашто има особена кротост, како што Самиот за Себеси вели: „поучете се од Мене, бидејќи Сум кроток и смирен по срце“ (Матеј, 11, 29).
Кога, значи, воскресна Лазар од мртвите, Царот, седејќи на магаре, влезе во Ерусалим. Сите луѓе – децата, возрасните, старците, простирајќи ја својата облека по патот и со палмови гранчиња во рацете, како символ на победата, брзаа да Му излезат во пресрет, како на Животодавец и како на Оној Кој смртта ја победи. Ничкум паднаа пред Него, а потоа одеа по Него, не само на влезот во градот, туку и во самото свето место, пеејќи на глас: „Осана на Синот Давидов, осана на висините.“ Пофалната песна „Осана“ Му се вознесува на Бога, зашто во превод таа значи: „Спаси Господи“. Додавајќи „на висините“, тие покажаа дека Он со песна се прославува не само на земјата и не само од страна на луѓето, туку и од страна на ангелите на небесата.
Пеејќи Му на овој начин, тие Го признаваат за Бог, спротивставувајќи му се, така, на изопачениот и богоборен план на книжниците и фарисеите, кои имаа намера да Го убијат. Тие за Него безумно зборуваа: „Што да правиме? Овој Човек прави многу чудеса. Ако Го оставиме така, сите ќе поверуваат во Него и ќе дојдат Римјаните, па ќе ни ја одземат и земјата и народот“ (Јован, 11, 47 – 48). А што вели народот: – „Благословен е Оној, Кој доаѓа во името Господово“, покажувајќи така дека Он Е Оној, Кој е од Бога и Отца и Кој дојде во името на Отецот, како што и Самиот Господ зборуваше за Себе: „Јас дојдов во името на Мојот Отец, излегов од Отца и дојдов во светот“ (Јован, 5, 43; 16, 28). Под зборовите: „Благословено е Царството на Отецот на нашиот Давид кое доаѓа“, се подразбира такво царство, во кое, според пророштвото, ќе поверуваат и многубошците, а особено Римјаните. Тој Цар не е само надежта на Израилот, туку и очекувањето на многубошците и Он, според пророштвото на Јаков, „го врзува за лоза оселот свој, и прлето на неговата ослица за дебела прачка“ (1. Мој. 49, 11).
Гранките на виновата лоза се учениците Господови, на кои Он им рече: „Јас Сум лозата, а вие сте прачките“ (Јован, 15, 5). Преку тие лози, Господ ги присоедини кон Себе прлињата на ослицата своја, т. е. Новиот Израил од незнабошците, кои станаа синови Авраамови по благодат. Ако тоа царство претставува надеж и за незнабошците – тогаш оние кои Го дочекаа Христа, како да рекоа – зошто, тогаш, ние кои веруваме во Него, да се плашиме од Римјаните?
Бидејќи беа, значи, како деца, не по умот, туку по незлобливоста, вдахновени од Духот Свет, тие на Господа Му принесоа совршена и најпотполна химна, сведочејќи дека Он, како Бог, го оживеа четиридневниот мртовец Лазар. Гледајќи ги таквите чудеса и тие деца кои Му пееја „Осана на Синот Давидов“, книжниците и фарисеите негодуваа и на Господа Му рекоа: „Слушаш ли што велат тие?“ (Матеј, 21, 16). Колку лесно можеше Господ да им рече: „Зарем е можно се уште да не гледате, да не слушате и не разбирате?“, зашто Он, Кој на достоен начин беше опеан, обраќајќи им се оние кои Го одрекуваа, можеше да им рече: „Да, на невидлив начин јас ги слушам оние кои за Мене расудуваат, исто така и оние кои Ми пеат, но и кога тие би замолкнале, камењата би проговориле. Вие, сѐ досега не го разбравте пророштвото: „Од устата на младенците и доенчињата си ја создал похвалата Своја“ (Псал. 8, 2). Беше тоа големо чудо, што и простите, и децата, и неуките на совршен начин богословствуваа за Бога Воплотениот заради нас, земајќи ја на својата уста ангелската химна. И како што ангелите на Рождеството Христово запеаја: „Слава на Бога на висините и на земјата мир“ (Лука, 2, 14), така сега овие, за време на Неговото влегување во Ерусалим запеаја соодветна химна, велејќи: „Осана на Синот Давидов, осана на висините“.
Браќа! Да бидеме и ние, и младите и старите, а исто така и кнезовите и потчинетите – во однос на злото – незлобиви како деца, та, бидејќи поткрепени од Бога, да добиеме награда и понесеме символ на победа, не само над одбивните похоти, туку и над невидливите и видливите непријатели, и со благодатта на Логосот да добиеме благовремена помош. Токму тоа младо магаре, на кое, заради нас, се удостои да седне Господ, беше праслика на народите кои Нему ќе Му се покорат, а меѓу кои се наоѓаме и ние, било да сме кнезови или потчинети.
Како што во Исуса Христа, како што вели божествениот апостол, нема ни машки ни женски пол, ни Елин ни Јудеец, туку сите се – едно, исто така во Него нема ни кнез ниту потчинет, туку сите ние – со верата во Него, по благодатта Негова – претставуваме едно. Наоѓајќи се во Телото Негово, во Црквата, ние имаме една глава – Христос; со благодатта на Сесветиот Дух, соединети сме со еден дух; сите примивме едно крштение; сите имаме една надеж; и Еден е нашиот Бог, над сите, и низ сѐ, и во сите нас. Да се љубиме, значи, еден со друг, и да се примиме еден со друг, и да се погрижиме еден за друг, бидејќи сме соединети еден со друг. Знакот по кој ќе не познаат дека сме Негови ученици е – љубовта, и наследството од Отецот, кое Он ни го остави, заминувајќи од овој свет е – љубовта. И последниот совет кој ни го даде, заминувајќи кај Отецот Свој, ја утврдува нашата меѓусебна љубов.
Да се погрижиме да го следиме советот од Отецот и да не го отфрлиме Неговото наследство, ниту знаменијата кои Он ни ги дарувал, за со тоа да не ги отфрлиме – ни синовството, ни благословот, ниту учеништвото со кое нѐ удостоил, и така да не ни се случи да отпаднеме од она, на кое се надеваме. И како што на патот за Ерусалим, во пресрет на Спасителовите Страдања, народот ја полагаше облеката своја пред Него, и не само народот, туку и кнезовите народни (зборувам за апостолите Господови), така и ние, кнезови и потчинети, да ги простреме одеждите кои ни се својствени, всушност – телото наше, покорувајќи ги неговите желби на духот, за да се удостоиме, не само да ги видиме и да се поклониме на Спасоносните Христови Страдања и на Светото Негово Воскресение, туку и да се насладуваме на соединувањето со Него. Зашто ако „сме сраснати со Него – вели апостолот, во еднаква смрт, ќе бидеме соучесници и во Воскресението“ (Рим. 6, 5), кое сите да го дочекаме со благодатта и човекољубието на Господ наш Исус Христос, Кому Му прилега секаква слава, чест и поклонение, со беспочетниот Негов Отец и Животворниот Негов Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин.