Благодатниот оган – Чудо на Христовиот гроб – III дел

(Трет дел)

 

Службата на слегувањето и чудото на Благодатниот оган

 

Во текот на долгиот период на историското бележење на чудото на Благодатниот оган, начинот на кој службата се одвивала претрпел една многу битна промена, која се однесува на присуството на Патријархот во внатрешноста на Гробот. Почнувајќи од крајот на XV век па до наше време службата се врши на точно одреден начин: Патријархот влегува сам во внатрешниот дел на светиот Гроб, од каде, застанат на колена, Му упатува на Христа посебна молитва за слегување на Огнот. Но пред еден милениум службата службата била доста различна. Според пишаните извори, во текот на првите векови во кои чудото било историски забележано, од IX до крајот на XV век, во мигот кога Благодатниот оган слегол од небото, во внатрешноста на Гробот немало никој. Влезот во храмот на Гробот Господов бивал запечатен со восок, во знак на сеќавање на запечатувањето на Гробот од страна на римската стража, а Патријархот останувал надвор од Кувуклијата, близу влезот, од каде ги превознесувал вообичаените молитви за слегувањето на Светиот оган.

Црквата на Светиот Гроб во Стариот град Ерусалим

Најстаро пишано сведоштво за ваков начин на богослужење среќаваме околу 920 г. (Аретино сведоштво), но и сите последователни сведоштва, сè до 1480 г., го потврдуваат истиот овој поредок.

Значи, низ период од скоро шест векови, во моментот кога небесната Светлина слегувала и кога се палело неугасливото кандило внатре во Гробот, светиот Гроб бил празен и запечатен!

Патријархот ги упатувал вообичаените молитви надвор од Гробот, пред очите на присутните верници. При слегувањето на светиот Оган од небото биле забележувани плавичастобели одблесоци насекаде низ просторот, додека во истиот миг се палело „незгасливото“ кандило и осветлувала внатрешноста на Гробот. Оваа светлина, како што произлегува од сведоштвата, веднаш била забележлива низ металните решетки што се наоѓале на влезот во светињата. Мракот во празната Кувуклија наеднаш се губел од Светлината што извирала од самиот камен Гроб. Тогаш муслиманскиот управител на градот, кој бил чувар на клучевите, го отклучувал Гробот за во него да влезе Патријархот и од кандилото да ги запали свеќите и да им го подели Огнот на верниците.

Влезот на Светиот гроб во 1681 година претставен на гравура од холандскиот уметник Корнелис де Брун (Реизен, Делфт 1698). Решетките на двете врати овозможуваат можност за директен визуелен контакт со светилката за бдението, која секогаш стои на надгробна плоча во внатрешноста на споменикот.

Ваквиот поредок, кој непрестајно се повторувал околу шест векови, не оставал многу простор за полемики околу вистинитоста на чудото. Затоа и муслиманските жители не само што учествувале во службата туку и си го носеле Огнот во своите домови.    

Од втората половина на XV век, некаде околу 1480 год. се сменил споменатиов поредок, па молитвата почнала да се изговара во внатрешниот дел на светиот Гроб од страна на православниот Патријарх, кој влегувал сам во Гробот, а во предворјето на Кувуклијата, како единствен сведок, присуствувал ерменскиот патријарх. Најстарото сведоштво за оваа промена кое датира од 1481 г., потекнува од францисканскиот монах Пол Волтер. Според него а и според сведоштвото на илјадници други луѓе, Благодатниот оган се распрснувал низ внатрешниот простор на храмот во облик на плаво-бели блесоци. Тој ги осветлувал деловите на храмот, лицата на луѓето и иконите на светителите, и палел некои од кандилата и некои свеќи на верниците.

Огнот може да прими разни облици. Често изгледа како целиот Пресвет Гроб да е обвиткан во пламен, или како од него да извира светлина, додека понекогаш се појавуваат огнени топки кои излегуваат од Кувуклијата и се движат по просторот. Околу 25 поклоници што биле присутни на службата во 1996 година посведочија дека тие огнени топки поминувале буквално веднаш над нивните глави, но, секако, не им предизвикале никакви изгореници. Многу од нив инстинктивно се веднеле за да ги избегнат топките.

Сепак треба да се напомене дека присуството на Благодатниот Оган не е подеднакво забележано од сите. Многу од присутните ниту забележуваат ниту доживуваат нешто, а и кај оние што го доживеале чудото има разлики во сведоштвата. Тоа не зависи само од јачината на нивната вера туку е и резултат на дејството на Божјата промисла која секого пооделно го удостојува да доживее нешто различно од другите.

Во втората рамка, се појавува сина бела светлина на влезот на Светиот Гроб, точно во Светата Сабота, 1994 година. Блескавото светло е снимено во 14:04 часот, додека патријархот Диодор бил во внатрешноста на споменикот. Светиот оган излегол од гробот и неговато ширење до верниците започнува 16 секунди подоцна. Сликите се три последователни рамки од аматерски видеокасети (достапни на интернет) направени од грчкиот свештеник-монах Антониос Стилијанакис, кој во тоа време бил детски психијатар. Секоја рамка има времетраење од 1/25 секунди.

 

Во денешно време, службата започнува утрото на Велика Сабота и се состои од следните фази:

А. Утрото на Велика Сабота се гасат сите кандила во храмот, а Христовиот Гроб се запечатува со пчелин восок.

Б. Точно на пладне во храмот влегува Ерусалимскиот Патријарх и започнува традиционалната света литија, која три пати го обиколува светиот Гроб.

В. По завршувањето на литијата Гробот се отпечатува и скевофилаксот (чуварот на светите предмети) го внесува во него згаснатото „неугасливо кандило“, кое ќе биде запалено од светиот Оган.

Г. Потоа Патријархот ја соблекува својата архиерејска одежда во знак на понизност и стравопочит кон Исус Христос и останува само во бел хитон. 

Земајќи четири снопа од по 33 свеќи, тој влегува во Гробот. Со него влегува и претставник на Ерменците, кој има право да се наоѓа во предворјето, од каде што го надгледува Патријархот.

Патријархот влегува сам во Гробот, и тука на колена, изговара посебна молитва упатена кон Исус Христос, со која бара од Него да го испрати Благодатниот Оган како дар, за благослов и осветување на народот. Речиси во истиот момент се појавува светиот Оган, и започнува да се распространува во храмот, додека истовремено се пали неугасливото кандило внатре во Гробот. Службата завршува со излегувањето на Патријархот и предавањето на Огнот на верниците.

Претсобје со Каменот на Ангелот. Го добил името од карпата што со која бил запечатен влезот на гробот, што ја потргнал ангелот. Делот од оваа карпа што останал е поставен на столбот прикажан во средината.

 

Неугасливото кандило на светиот Гроб за прв пат било запалено во 326 г., кога е откриен Христовиот Гроб и од тогаш е неизгасено полни 17 векови (Се гаси само утрото на Велика Сабота). Најстаро сведоштво за ова кандило наоѓаме во летописот на Етерија или Егерија, која го посетила Светиот Гроб некаде помеѓу 381 и 384 г.

Внатрешна преграда на Светиот гроб. Точно под мермерниот надгробен споменик е карпата на која било ставено телото Исусово.

(Продолжува…)

 
Превод од англиски јазик, сестринството од Рајчица