Милостив Господи, колку е голема љубовта Твоја кон мене грешниот.
Ми дарува да Те спознаам. Ми дарува да ја спознаам благодатта Твоја. Вкусете и ќе видите, колку е благ Господ (Псалм 33,9). Ми дарува да ја вкусам благодатта и милосрдието Твое, а душата моја ненаситно копнее кон Тебе дење и ноќе и не може да го заборави својот возљубен Создател, бидејќи Духот Божји дарува сила да Го љуби Возљубениот и душата не знае за ситост, туку копнее кон својот Отец небесен.
Блажена е душата што ги возљубила смирението и солзите, а ги замразила лошите помисли.
Блажена е душата која го љуби братот, затоа што нашиот брат – е нашиот живот.
Блажена е душата која го љуби братот: во неа живее Духот Господов и ѝ дарува мир и радост и таа плаче за целиот свет.
Мојата душа се сеќава на љубовта Господова. Се стопли срцето мое и душата се предаде на голем плач затоа што толку многу го натажив Господа, Возљубениот Создател свој. Но, Тој не си спомнува за гревовите мои, па затоа душата моја се предава на уште подлабок и поболен плач, бидејќи бара од Господа да ја помилува секоја душа и да ја земе во Своето Царство небесно.
Душата моја пролева солзи за целиот свет.
Не можам да не зборувам за луѓето кои до солзи ги љубам. Не можам да не зборувам, затоа што душата моја непрестајно тагува за народот Божји и плачејќи се моли за него. Не можам, а да не ви зборувам, браќа, за милоста Божја и за лукавствата на ѓаволот.
Поминаа 40 години откако благодатта на Светиот Дух ме научи да го љубам човекот и секое создание, откривајќи ми го лукавството на демонот кој преку лага го остварува своето зло во светот.
Верувајте ми, браќа. Пишувам пред лицето Божјо, што го позна душата моја преку Светиот Дух, по милоста Негова. Ако душата не го вкуси Светиот Дух, не може да Го знае Господа, ниту љубовта Негова.
Благ и милостив е Господ. Ние не би можеле за Него да кажеме нешто повеќе од она што е запишано во Светото Писмо, ако не нè научи Светиот Дух. Па сепак не се вознемирувај ако не ја чувствуваш во себе љубовта Божја. Само сеќавај се дека Господ е милостив и воздржувај се од грев и благодатта Божја ќе те научи.