Г олемите дарови секогаш се проследени со големи испитанија, пред и после нивното примање. Тоа е така бидејќи добриот Бог го познава нашиот болен нарцисизам, нашата склоност да узурпираме сѐ за наша полза. Затоа, заедно со дарот и харизмата, го допушта и испитанието. На тој начин нѐ држи во смирение, за да не се возгордее нашиот ум и нѐ потсетува дека харизмата е дар а не индивидуално достигнување.
Затоа и Светиот Апостол Павле кој имал големо искушение и Го молел Бога да му го тргне, слушнал одговор од небото кој гласел: ,,Доволна ти е Мојата благодат‘‘. Што значи тоа? Значи дека ја имаш благодатта и не барај да ти се тргнат сите проблеми во животот, бидејќи не ти е од полза. Пополезно за тебе е да постои сенката, бидејќи само така можеш поревносно да ја бараш светлината. Значи, тајната не е во отстранувањето на проблемите, туку во нивното преобразување. Но за тоа треба трпение и искрено срце. Да нема маски.
Замислете си, да немавме што да криеме, колку ќе бевме среќни? Се плашиме да не ги повредиме другите и себе си и не го кажуваме тоа што го чувствуваме, ги избегнуваме болните чувства, но така се разболуваме, бидејќи се принудуваме да го голтаме неизџвакано сето она што нѐ вознемирува. Но, нашиот основен страв е другите да не откријат какви вистински сме, а не какви што изгледа дека сме. Тоа е немир од откривањето на нашата суштественост.
Христос на Таворската планина на денот на Своето Преображение го пројави Своето вистинско лице и никој не сакаше да се тргне од Него. Навистина, ако го покажеме своето вистинско лице зад улогите и маските што ги носиме секој ден, колку луѓе ќе сакаат да останат со нас? Сигурни ли сте дека оние што сега се до нас, ќе останат? И знаете, она што нѐ плаши не е гревот, туку лицемерието. Грешникот, немоќниот и непрепознатлив човек е симпатичен, сакан, и многу пати светол во своите рани. Оној што нѐ одбива од себе е лажливецот и лицемерот. Тој, кој својот порок го нарекува добродетел и бара или директно им налага на сите да се поклонуваат на неговата лага.
Многу важна форма на љубов е да пројавуваш трпение кон времето и ритамот на другиот. Не сите созреваме на истиот начин, ниту во едно исто време. Најчесто во нашите односи со другите, едниот го испреварува другиот во душевен и духовен поглед.
Божјиот човек знае да чека. Не го негира доцнењето на другиот, не покажува со прст, не се прави учител, умен и способен. Бидејќи не е таков. Едноставно, неговото душевно и духовно созревање или просветление, станало побрзо во заедничката комуникација отколку кај неговиот другар. Научи се да љубиш, да очекуваш, да претрпуваш, да разбираш и најважно, да не го притискаш својот сопатник, своите деца, пријателите, во името на Бога. Христос за секој од нас има Свој начин и време. Слушнав еден убав израз од уметникот Арис Серветалис ,,Бог не е за сите, туку за секој поодделно…‘‘
Со други зборови, Бог не нѐ гледа како безлична маса или толпа, туку како уникатни и единствени личности. Така, Он создава за секој од нас една уникатна патека којашто можеме да ја изврвиме, дури и ако треба многу пати да се извалкаме или сопнеме на неа. Притоа, да не забораваме дека за да се научиме да одиме, некогаш требаше многу пати да паднеме…