Да трчаме за да Го сретнеме Христа – I дел

Ајде да се задлабочиме во една слика од Новиот Завет. Таму гледаме една жена, крвоточива, која била осудена и од религиозната средина во нејзината епоха, но и од медицинската наука. Таа брза да го сретне Христа, буквално паѓа зад Христос, започнува да ползи меѓу луѓето и се обидува да се допре со прсти, со уста, до крајот на облеката на Христос. Тоа е оној дел од неговиот хитон кој се влечел по земјата, во калта, во прашината. Тука има една многу мала нијанса која е и многу суштествена. Ако го проучиме Стариот Завет, ќе видиме дека самиот Бог ги советува Евреите на долниот дел на облеката да стават реси за да си спомнуваат за Божјиот закон. Нешто слично правиме и ние денес, носејќи крст, односно имаме на себе работи што ги гледаме и допираме, а кои не потсетуваат на Бога. Тој мал детаљ им напомнува на луѓето за Законот Божји. Кој е Божјиот Закон? Зборот звучи малку строго во нашите уши, но кога ќе утврдиме за што станува збор ќе сфатиме дека не постои нешто послатко и поубаво. Кој е Божјиот Закон? Тоа што го вели Господ – возљуби го твојот Бог и твојот ближен. Има ли нешто подобро? Поубаво? Тоа е суштината на животот на човекот и откривање на човекот. Еден писател напишал нешто од срце: Боже скрши ја глинената обвивка на моето срце, на мојата душа, за да се излее нејзината содржина во океанот на Твојата љубов. Колку убаво нешто. Така се открива човекот. 

Крвоточивата жена му се доближува на Христа и се допира до крајот на Неговата облека. Што допрела? Она место кое на крајот од облеката го символизирало Законот. Што, всушност, допрела со прстите на своето срце? И со што се „причестила“? На што се поклонила во оној миг? На верноста кон Бога и љубовта кон секој човек. И што направил тој настан? Ја исцелил нејзината рана. А јас не можам да сфатам дека допирајќи се верно до Христа и до љубовта кон ближниот не само што јас се исцелувам, туку и сите оние кои што се околу мене. Ако не започнеме од таа верност и љубов, ако никогаш не го вдишеме тој воздух, ќе отвораме рани и нема да ги затвораме. Во светата Литургија, во молитвата Бог ни ја дал таа благодат да се отворат нашите духовни и телесни „пори“, да се отвориме за другиот, да се распадне целиот наш индивдуализам и его. Има ли поголема револуција од ова? И еве сега ја гледаме оваа жена како се допира до Христа и раната ѝ се исцелува. 

Не дај Боже во овој миг да ме види некој човек, некој сад на Божјата благодат – што ќе види? Ќе ме види целиот во рани и нема да знае каде да ме допре, бидеји ранет, измачуван, истоштен, што можам да правам? Да ранувам, мачам, истоштувам, исцрпувам, угнетувам… 

Ајде да се вратиме одново на таа слика. Луѓето паѓале пред нозете Христови, до Христа, сакале да Го допрат, сакале во оној миг да земат нешто од Него, од Христа Кого го почитувале, од  Кого виделе чудеса, и Го возљубиле, и мнозина од нив му поверувале. Претставете си сега едно суштество кое ползи по земјата. Сигурно ја газеле. Тоа дали ја налутило? Дали се побунила? Не. Нам еден збор ќе ни кажат на улица и веднаш се навредуваме – а таа жена сигурно била газена од толпата. Но кога се допираш со верност кон Бога и со љубов кон секој човек, кога ги допираш со самиот свој живот и душа, зарем би можел да се побуниш, да се спротивстваиш или навредиш кога другите ќе те туркаат? Ние го немаме тој допир со верноста и љубовта.

Свети Јован Златоуст вели дека ако имаш љубов ќе станеш апостол, и тоа првоврховен. Христос го прашал Свети апостол Петар: „Ме љубиш ли? Те љубам. Ме љубиш ли? Те љубам. Ако Ме љубиш, ако Ми служиш, паси ги овците Мои.“ Ете како ќе ја изразиш својата љубов, ете како ќе ја изразиш својата верност. Знаете, понекогаш другиот е обвиткан со бодликава жица, како што сме и ние самите. Не можеш ни да му се доближиш, камо ли да го допреш. Од еден збор се навредува – како бодликава жица е. Можеме ли со својата љубов да го победиме тоа? Децата особено имаат многу бодликава жица околу себе си, бидејќи за жал не сме ги научиле да се отвораат за дугите. Ги научивме да се затворат, научиле не да љубат туку да се поклонуваат на себе самите, и така поставуваат бодликава жица околу себе си. На пример, двајца млади луѓе ќе се земат а бодликавата жица помеѓу нив е страшна, ниту се познаваат, ниту ќе се запознаат, ниту се љубат, ниту ќе се заљубат. 

Ќе ме прашате зошто се женат? Многу едноставно. Те сакам, ме сакаш, што ќе му ја мислам, зошто да не се оженам? Сфаќате? И од таа врска се раѓаат деца кои се затвораат и градат бедеми околу себе. Да можеме да ги видиме децата од внатре ќе видиме дека се потполно заградени. Но такви сме и ние: Не се доближуваме до другиот, туку се штитиме со бодликава жица околу нас.

 (Продолжува…)