Духовното раководство како служба на помирување меѓу човекот и Бог – III дел

Достигнувајќи го преку покајание слегувањето до врвот на превртената пирамида, духовниот отец станува едно со Христос и учесник во Неговата состојба. За време на Hеговиот живот во тело, Христос „едновремено ја живееше полнотата – недостижна за нас – и на страдањето и на торжествената победа: и смртта и Божествената слава“. На ист начин, пак, слугата Христов се оспособува за време на неговиот живот „да се радува со оние што се радуваат и да плаче со оние што плачат“ (Сf. Рим 12, 15). Оној што живее во покајание ја има оваа енергија во своето срце, а таа може да се претвори во радост или во тага; тој може да се радува со оние што се радуваат и да тагува со оние што се нажалени. Тоа е етосот на Новиот Завет. Инаку, како што обично велеше отец Софрониј, духовниот отец би требало да прави распоред за исповеди: „Денес, од осум до десет часот, ќе примам луѓе што се во мака, а од десет до дванаесет, луѓе што се радосни“. Духовниот отец што ја има оваа енергија во срцето може во истовреме и да се радува и да плаче со оние што страдаат. Христос ја зеде врз Себе смртта на човекот и таа беше проголтана од Неговиот Божествен живот (cf. 1 Кор 15, 54). На сличен начин, и духовниот отец, цврсто стоејќи во заедница со Христовата благодат, ја презема смртта што е во неговите браќа, а нив ги воздигнува во Божествениот живот (cf. 2 Кор 4, 12) во кој станал „учесник“ (2 Птр 1, 4). Св. Павле им вели на Коринтјаните: „смртта дејствува во нас, а животот – во вас“ (2 Кор 4, 12). Односно, апостолот ја зел врз себе смртта на своите чеда, предавајќи им го ним својот живот.

Бидејќи духовниот отец го знае патот до најниската точка на превртената пирамида, тој преминува од старите сфаќања, смислени од Луцифер „во напад на неговата гордост“, кон нов, „обратен“ пристап, од гледна точка на Евангелието. Господ ја претстави теоријата на ваквото видение преку Својот пример и преку Своето слово, кое ги возвишува понижените (cf. Лк 14, 11; 18, 14), а го смета за одвратност „она што меѓу луѓето се цени“ (Лк 16, 15). Во ова богословско видение, Христос се наоѓа во средиштето на сето создание, на кое му ја донесува сета полнота на Божеството. Како и во случајот на обратното гледиште во иконописот, каде ликот или претставениот настан изникнува од средиштето кон кое сè е свртено, така и во оваа теорија Христос станува точката кон која се устремени сите човечки значења и желби. Поинаку речено, духовниот отец настојува да им го всади на своите чеда истото гледиште, така што Христос да им стане средиште и секогаш да возрастува. Во светло на оваа теорија, лесно е да се разбере дека „последните ќе бидат први, а првите – последни“ (Мт 20, 16), дека „кој го мрази животот свој на овој свет, ќе го запази за вечен живот“ (Јн 12, 25) и дека телесната смрт не ја допира душата.

Во својата служба, духовниот отец настојува да им ја пренесе на верните теоријата за превртената пирамида, која единствено може да го поттикне срцето на покајание и на преобразба според истиот Дух што дејствува на врвот од превртената пирамида. Потем верните одлучно слегуваат „надолу“, а Христос станува тежиште на нивниот живот. Како што во православниот иконопис, иконописецот останува непознат, така и духовниот отец, засилувајќи ја сета своја благочестива ревност „да ги сврши душите и да ги претстави чисти пред Христос“ (cf. 2 Кор 11, 2), треба да остане непознат. Ослободен од страста завласт, тој се радува, како св. Јован Крстител, гледајќи како Христос „расте, а тој се смалува“ (cf. Jн 3, 30). За жал, денес гледаме загрижувачко настојување кај некои духовни отци да создадат свое царство, а тоа е, навистина, искривување на Евангелието.

(Продолжува…)