Ах, што да ви кажам сега? Да ви го кажам и тоа, макар што тоа е една од тајните на мојот живот, но заради вашата љубов, да речам, и бидејќи вие сте внучиња мои, ќе ви го кажам.
Егземата што ја имам, оваа рана што ја имам на ногата, ја имам од петнаесет години. Испробав разни лекови – ништо. Сега, откако остарев, уште повеќе се влоши работата. Седам на креветот, што го нарекувам „кревет на болката“. Зашто да седам како што седите вие, не можам. Ќе поседам малце, не можам, слегува крвта и раната ме боли повеќе, додека вака, на некој начин, ако ставам и една перница и ја поткренам ногата малку повисоко, крвта слегува долу и се олеснува болката. Е, ноќно време вака се обидувам да ја олеснам болката.
Меѓутоа, седејќи овде, ми се направи и циста на појасната коска. Кога си помислувате на тоа станува уште поужасно. Зашто е … голема болка! Како да седиш, бре дете мое? Како да седиш? На креветот седиш; ќе седнеш малку така, ќе седнеш малку надесно, малку налево. Трпение; се вртиш надесно. Надесно меките задни делови те болат, после половина час веќе те здоболува, започнува да те боди, да те предупредува дека ќе се отвори раната. Се вртиш налево. Повторно половина час како седиш налево, одново те боди, те боли, те предупредува: ќе се отвори раната. Така, оттука ќе се отвори раната, надесно ќе се отвори раната, налево ќе се отвори раната, а и кога на грб лежиш одново раната се навестува; е, тогаш како да седам јас? Се обидов да лежам со лицето напред, ама со лицето напред можеш ли да лежиш?
Трпение, трпение, трпение, трпение, додека еднаш не издржав повеќе и паднав во очајание! Само да се замислиш, очајанието е ужас, тоа е вкус од пеколот, вкус од геената, да речам. Како да го имам сега тоа овде – како да одам, да скокам, да излезам надвор, како да си заминам, како да излезам? Ме држеше шест до седум минути.
Среде болката, среде очајанието, среде безнадежноста во коишто се наоѓав, на моите собраќа не им кажав ништо. Чув еден слаб глас, да речам, како тивко ветре: „Таков те сака Бог“. Со тоа како да зедов една длабока воздишка; е, нека биде благословено, штом Бог ме сака таков, нека биде благословено; но дај ми и трпение, зашто сега јас не можам да издржам повеќе.
Што да правам, да излезам надвор и да направам операција? Сите ти велат: направи операција, операција да направиш. Но како да излезам? Ете, ќе влезам во автомобил, ќе отидам, но и во автомобилот нема ли да те тресе? И така, станувам обезнадежен и одам накај кандилцето на Богородица, а кандилцето на Богородица – и тоа е чудотворно. Зедов мало памуче и се вратив во собата. Првиот ден го помазав местото каде што е цистата на појасната коска, како и лево и десно од задните меки делови. Вториот ден повторно, а третиот ден сѐ исчезна. Направи чудо Богородица! Сега седам цели часови и не ме болат ниту задните меки делови, ниту цистата на појасната коска.
И ова е како едно уверение, да речеме, за тоа што го велат книгите на Старец Јосиф, – и првата, и вашата, и таа на Старец Ефрем Филотејски: трпение во жалостите. Трпение. Во целата книга се развива, да речам, мотото „трпение во жалостите“. И го зема тоа вашиот Старец и другиот игумен, и го развиваат во разни подробности.
Да, Покровот на Богородица секогаш постои, но ние не го гледаме. Го гледаме тогаш кога претстои да паднеме во хаосот, во бездната. Кога претстои да паднеме, тогаш го гледаме Покровот на Богородица, кој нѐ запазува да не паднеме во таа пропаст, да речам.
И не само тоа – кога болката престана, кога сите болки исчезнаа на третиот ден, најважното беше што во мене почна да кружи една радост, како некое известие дека Бог ми ја пројави Неговата голема љубов, неизмерната Негова љубов, со тоа што ми ја дал раната долу на ногата. И не можев да се наситам од благодарење, од славословија и пофалби кон Бога, што ми ја даде оваа рана. Како показател за Неговата љубов, Тој ми ја даде оваа рана на ногата. Не се заситував, ден и ноќ радувајќи се и славословејќи: „Твојата голема љубов во тоа се пројави; но како да Те славословам, како да Ти се заблагодарам, што да кажам?! Твојата љубов, Боже бескраен, вечен и бесконечен, кон мене, бедниот и нечистиот – мене ли ме возљуби? Но што виде во мене? Ја славам Славата, Го славам Милосрдниот и Милостивиот“, реков, но сега, во овој час не можам да кажам, не можам да искажам тоа што го велев тогаш. Три дена, и по три дена престана.
Затоа добро нешто се жалостите, добро нешто се маките, добро нешто се притесненијата, Бог знае зошто ги дава. Зашто преку жалостите и маките повеќе се доближуваме до Бога. „Господи, во неволја Те побараа“, се вели (Иса. 26,16). Преку жалостите се доближуваме. Ни ги одзема ли Бог жалостите? „Оној кој избегнува полезно искушение, тој го избегнува и вечниот живот“, велат отците. Така си е.
Затоа човек не треба да се обезнадежува, да паѓа во очај поради некаков неуспех. Зашто не знаеш каква е волјата Божја. Кога ќе ја спознаеш Божјата волја, покажуваш трпение, но Божјата волја не е секогаш слатка, таа е и горчлива, и горчлива е! „Да не ја испијам ли чашата?“ – вели. „Нема ли да испијам таа чаша, Петре?“ – вели. „Ќе ја испијам чашата!“ – и го нарекол сатана. И му рече на Петар: „Бегај од Мене, сатано! Зар да не ја испијам чашата што Ми ја даде Отецот?“ (Матеј 16,23; Јован 18,11). Така е. Да, ама преку Крстот дојде Воскресението. „Зашто, ете, преку Крстот дојде радост за целиот свет“, со посредство на Крстот.
Свети Јован Златоуст го фали Јов не за поранешниот му живот, додека бил милостив и милосрден, додека бил гостољубив, додека бил човек на молитвата. Не. Туку поради трпението што го покажал во големото испитание што му било дадено од Бога, поради трпението во искушението, во болеста негова. Таа негова болест била неговата егзема, целото тело го чешало и му се појавиле струпје и гној. За тоа трпение Јован Златоуст го пофалил повеќе Јова. Но „сте слушале за трпението на Јов” (Јаков 5,11).
Сум ви кажувал дека еднаш ми се приближи една Старица и ми рече:
– Сакам да се исповедам.
– Ама јас не исповедам калуѓери, та калуѓерки ли да исповедам?
– Не, сакам да си ги споделам помислите, вели.
– Е, ајде, кажи си ги помислите.
Откако ми ги раскажа своите маки – зашто секогаш за маките ќе каже, нема да ти раскаже за радостите – накрај ми вели: „Видов нешто како видение, како на едно ритче седеа Патријарсите Авраам, Исаак и Јаков. И им велам:
– Вие Патријарсите ли сте?
– Да, велат, Авраам, Исаак и Јаков.
– Може ли да дојдам и јас таму?
– Ела.
– Од каде да дојдам?
– Ете, оттаму, по патот.
– Не гледам никаков пат.
– Таму е, побарај го за да го најдеш.
– Ама не гледам пат.
– Побарај бре, благословена, побарај и ќе го најдеш.
– Но тој пат е петнаесет сантиметри, како да поминам? И полн е со диви грмушки и трње. Ќе си ја искинам облеката и ќе си ги раскрвавам нозете.
– Епа, и ние оттаму поминавме и дојдовме тука горе.
Ова нешто сака да ни каже дека преку жалостите, преку притесненијата, преку крв, човек може да се искачи на небото. Со безгрижност и удопство, со автомобил не одиме, отче, во Рајот. Ќе дадеш крв, за да примиш дух.
Исто и онаа Старица – нема да ѝ го спомнам името. Рак, операции, ова, она, тоа…, но во молитва таа ја виде Пресвета Богородица на нејзиниот трон. „Поминете преподобни“, рекла Пресветата. Сите преподобни поминале напред, како на парада, кон Богородица. „Поминете великомаченици“.
Таа стоела таму – Старица беше, игуменија. Накрај и таа отишла, се поклонила, ја целивала раката на Богородица – била како кадифе! И Богородица ѝ рекла: „Трпение, трпение, трпение“, и Старицата се разбудила. Значи, ако сакаш да си ученичка или ученик на Христа, ќе се искачиш и ти на Крстот.
Никој светец не барал избавување од Бога. Само трпение да му поради. Ако покажеш трпение, ќе имаш и малку плата, ако, пак, имаш избавување, немаш ништо, нема да имаш плата.
Имав една братучетка на којашто ѝ се разболе мозокот и многу страдаше. По околу дваесет години почина. Верувате ли дека ја видов среде ангелските чинови; заедно со ангелите Ја песнословеше Света Троица! Слушате? За тоа што покажа малку трпение во тагата и жалоста. Не можеше, имаше нешто како парализа и не можеше дури ни за себеси да се погрижи. Но и покрај тоа, поради трпението што го покажа во тоа искушение, што, се разбира, Бог ѝ го даде, колку ја удостоил Бог! Среде ангелските чинови, среде нив и таа. Бре, Василики, си велам, се удостои со таква слава! Заедно со ангелите ја песнословеше Света Троица.
Извадок од книгата: Γέροντας Ἐφραίμ Κατουνακιώτης, ἔκδοση Ἱ. Ἡσυχαστηρίου «Ἅγιος Ἐφραίμ», Κατουνάκια, Ἁγίου Ὄρους 2000, 227-232. Превод од грчки: Братството на Свештената Бигорска Обител.