Без надеж

(според вистински настан)

 

Оваа година се навршуваат 22 г. од еден настан што нема никогаш да го заборавам. Претпоставувам дека некои од вас ќе се зачудат, а други можеби и ќе се потсмеат на ова што ќе го прочитаат зашто ќе им се стори нереално. Но јас верувам дека нема да се малку читателите на кои споделеново ќе им биде од полза.

Пред 22 г. моја многу блиска жена тешко се разболе. Тогаш имаше 50 години.

Лошата вест дојде како гром од ведро небо. Без посебни симптоми, кога осетила само некаква бессилност, отишла на лекар. Ѝ открија истовремено неколку сериозни болести. Најстрашните беа гонартроза, мускулна атрофија и срцева слабост. Првото заболување е поврзано со трошење (распаѓање) на зглобовите на колената. Второто предизвикува целосна немоќ и неподвижност. А третото е неспособност на срцето да го испумпува неопходното количество крв за задоволување на метаболичните потреби на ткивата.

Дијагнозите беа потврдени паралелно од неколку специјалисти. Прогнозите беа најмногу за една година да залегне сосема. Најпрво би ѝ откажале нозете, после целото тело и, на крајот, поради атрофијата и слабото срце, би дошло до летален исход.

Таа беше многу интелигентна, начитана и посветена жена. Родена е во Пловдив, но скоро цел живот живеела во Софија. По професија е хемичарка. Семејна состојба – разведена, со две деца.

Во тоа време работеше во Воената болница во Софија и имаше не само многу познати, туку и солидни врски таму. Затоа, кога сети на каде оди работата, веднаш им се обрати на пријателите за помош и ги искористи сите врски на работа. Покрај тоа, почна да оди и во Александровската и во Окружната болница, како и на една приватна клиника. Со други зборови, ги вложи сите сили за да си го реши здравствениот проблем. Во тек на половина година беше под неверојатен психички и физички притисок. Правеше сè што е можно за да си помогне на каков било начин, но, за жал, без резултат. Наместо тоа, со секоја измината седмица состојбата ѝ се влошуваше сè повеќе и повеќе, од што страдаше не само физички, туку и емоционално. Од жена на позиција, здрава, убава, работоспособна и отворена за светот, брзо се претвораше во жална слика. Колената ја болеа како никогаш, мускулите откажуваа да функционираат, а слабото срце не ѝ дозволуваше да помести дури ни лесна торба за на пазар. Без да осети и наспроти сопствената волја, почна да се движи многу бавно. Веќе не можеше да преминува раскрсница во нужниот момент. Не можеше да се качува и да слегува во превозните средства без нечија помош. А по кратко време не можеше веќе ни да оди без некој да ја придржува. Следната фаза беше уште поужасна – не можеше дури ни да стои исправена повеќе од пет минути… Во овој период, по совет на нејзини пријатели, се сврте кон народни лекари и екстрасенси. Што ли не проба, но одникаде не доби решение на проблемите. Напротив – состојбата ѝ се влошуваше толку брзо, што ги шокираше дури и тие што ја гледаа отстрана. При целото ова здравствено пропаѓање, ако ги споменам и силните болки што ги имаше, беше сосема логично да изгуби секаква верба. Како последица, наполно очекувано ја обзеде апатија.

Според моето мислење, во тој критичен период таа целосно се предаде.

Облеана во солзи, бледа како крпа, завиткана во две ќебиња и растреперена од болка и мака, една вечер сподели со мене дека е очајна до крајна граница и дека веќе не гледа никаква надеж. Јас бев тогаш премногу млад за да реагирам соодветно. Завршував гимназија и се подготвував за приемните испити на Софискиот универзитет. Ми беше навистина тешко, зашто сакав да ја смирам на некаков начин, но не знаев како. Гледав дека многу страда и дека одвај ги трпи болките, и тоа ужасно ме измачуваше. „Штом и покрај сите нејзини солидни контакти никој не може да ѝ помогне, што следува сега? – се прашував во тие дни. – Што повеќе може да се направи?“ И обземен од сострадание и желба да ѝ ги олеснам маките, се осмелив да ѝ предложам нешто различно од корен. Предлогот ми беше да се обиде да тргне по единствениот неиспробан до тој момент пат: патот кон верата. Поточно, ѝ предложив да посети и да замоли за помош еден возрасен монах во кварталот Кнежево, Сергиј Јазаџиев[1], кој денес не е меѓу живите. Тие времиња беа смутни. Луѓето уште беа збркани и немаа речиси никаква претстава за Бога, а црквите за нив беа, просто, едни поинакви згради. Затоа, искрено кажано, не очекував таа да ми го послуша советот. Но нели во животот од правилото секогаш има исклучок, на мое изненадување, таа се согласи.

Кога сега ќе погледнам назад на тоа време, воопшто не можам да бидам сигурен какви биле нејзините мотиви. Но какви и да биле, важното мене тогаш ми беше што таа рече: „Добро.“

И така, едно утро, додека јас целосно ја придржував, таа тргна бавно и неуверено од својот квартал Сухата Река кон Кнежево, каде што живееше споменатиот монах. За да стигнеме кај него, требаше да смениме три превозни средства и да патуваме повеќе од еден час. За неа тоа беше убиствено испитание.

Кога стигнавме, беше толку истоштена, што веднаш се свлечка на подот. Пред вратата на отецот чекаа многу луѓе, кои кога ја видоа, ја пуштија да помине прва. Но таа сакаше да си го дочека редот. Сепак, другите посетители беа поупорни и таа влезе пред нив.

Средбата меѓу неа и отец Сергиј потраја долго. Кога излезе, изгледаше уште така бледа и немоќна, но во очите ѝ се имаше појавено едно зракче, кое ме погоди.

„Треба да се погрижам за душата – ми рече – и после сè ќе си дојде на место.“ Тоа што го направи следните денови, благо речено, ме изненади. Ми кажа дека отец Сергиј ја посоветувал да пости три дена, да се исповеда и после да се причести. Ми беа познати тие практики, но ме зачуди нејзината покорност да ги послуша таквите совети. Кога поминаа трите дни, таа повторно го посети отецот, заедно со мене. Тогаш се исповеда за првпат во животот. А следниот ден, како што ѝ беше препорачано, се причести.

Сведоци на она што се случи со неа од тој ден натаму се сите нејзини роднини, семејството, соседите од Сухата Река, бившите колеги од Воената болница, сите нејзини пријатели, лекарите што ја лекуваа и самиот јас.

На крајно пропаднатата физички, полупарализирана жена која очигледно си заминуваше од овој свет, почна забележливо да ѝ станува подобро. Помина помалку од еден месец од посетата кај монахот, а таа веќе можеше да оди сосема сама. А на изненадување на сите, по два месеца се врати и на работа.

Кога колегите од Воената болница ја видоа како се движи сосема слободно, сама ги искачува скалите и носи различни предмети, се вчудоневидоа, а докторите речиси се шокираа. Ја подложија на сите можни испитувања за да си го разјаснат обратот на нејзината состојба. Резултатите од овие испитувања покажаа неочекувана клиничка слика – жената беше наполно оздравена! Она што се случи со неа беше необјасниво. Во очите на лекарите што ја лекуваа и на другите специјалисти од болницата овој обрат беше нелогичен. И навистина – научно објаснување за ова што се случи немаше, зашто ова беше чудо! Благодарение на кое таа засекогаш си ги промени убедувањата и се претвори во вистинска православна христијанка.

Заклучокот од оваа неверојатна приказна се наложува самиот. Кога здравјето ни е силно нарушено, кога дури и самиот живот ни е доведен во опасност, подобро е место да очајуваме, да црпеме сила од примерот на вакви луѓе.

Свесен сум дека е тешко одеднаш да поверуваме во нешто во кое повеќето од нас никогаш не верувале вистински. Но пред да го фрлиме прочитаното настрана и да ги насочиме погледите кон секојдневието, би било добро барем за момент да се замислиме дека можеби има и друго решение на нашите проблеми, како и дека нема ништо случајно во нашиот живот, а сè што нè снаоѓа има цел и смисла, и да се обидеме да ги откриеме.

Сега, по 22 години, оваа жена е сè уште жива, здрава и независна. Набргу ќе наврши 74 години и сè уште работи и покрај сериозната возраст.

Според потврдените тогаш лекарски дијагнози, таа одамна требаше да е покојна. Но со неа се случи „необјаснивото“ и таа не само што преживеа, туку и денес се радува на спокојна старост. Што точно ја осени тогаш и зошто толку многу и толку добри лекари не успеаја да го објаснат обратот во нејзината клиничка слика – оставам почитуваниот читател да утврди сам.

На крајот само ќе додадам дека таа и до ден-денес редовно оди во блискиот православен храм и длабоко верува дека во оној критичен момент ѝ помогнал не некој друг, туку Самиот Бог.

Оваа жена се вика Марија. Тоа е мојата мајка.

 

[1] Архим. д-р Сергиј Јазаџиев (1924-2008), ерудиран бугарски богослов и писател, доцент на Духовната академија во Софија, духовен собрат на архим. Серафим (Алексиев), авторот  на познатото во нашата средина духовно упатство „Заборавеното лекарство“ (бел. на прев.).

 

Од збирката „Емигрант“ (2014)

Превод: Ирена Кепеска