Големо богатство е да се научиме на Христовото смирение

Во денешно време има малку старци кои вистински ја познаваат љубовта Господова кон нас, кои имаат искуство во борбата со лошите духови и кои знаат дека треба да се победуваат со Христовото смирение.

Господ толку го возљубил човекот што му ги дава даровите од Светиот Дух. Но, душата многу ќе се измачи додека не научи да ја чува благодатта.

Првата година по примањето на благодатта си мислев: Господ ми ги прости гревовите – благодатта сведочи за тоа. Што повеќе ми треба од ова? Но, не треба така да се мисли. Иако ни се простени гревовите, сепак треба да се сеќаваме на нив и да жалиме поради нив. Само така ќе ја сочуваме скрушеноста. Јас не правев така и престанав да се скрушувам, затоа многу претрпев од демоните. Бев во двоумење за тоа што се случува со мене. Од каде дојдоа овие нечисти мисли кога душата моја Го познава Господа и љубовта Негова? Меѓутоа, Господ се сожали на мене и Самиот ме упати како треба да се смирувам: „Држи го својот ум во пеколот и не очајувај“. Ете, со тоа се победува ѓаволот. А кога со умот излегував од огнот, нечистите мисли повторно доаѓаа.

Оној што како мене ќе ја изгуби благодатта, треба храбро да се бори против ѓаволот. Знај дека за сè си самиот виновен: падна во гордост и славољубие и Господ милостиво ти дарува да познаеш што значи да бидеш во Духот Свет, а што во борба со демоните. На тој начин душата преку искуство гледа какво зло донесува гордоста. Тогаш таа бега од славољубие и од човечки пофалби и од помисли. Тогаш душата започнува да заздравува и да се учи да ја чува благодатта. Како ќе знаеме дали душата е здрава или не? Болната душа е горда, додека здравата го сака смирението, како што ја научил Светиот Дух. А ако и тоа не го знае, тогаш таа сепак се смета себеси полоша од секого.

Смирената душа се учи од искуство. И секој ден Господ да ја воздигнува до небото и да и ја покажува сета слава небеска во која Тој пребива и љубовта на серафимите и херувимите и на сите светии, таа ќе вели: „Ми ја покажуваш славата Своја затоа што ги сакаш Своите созданија. Но, Господи, дарувај ми сила и солзи за да Ти благодарам. Тебе Ти припаѓа славата на небото и на земјата, а јас, Господи, треба да плачам заради моите гревови“. Поинаку нема да ја сочуваш благодатта на Светиот Дух која Бог ја дарува без никакви претходни заслуги од наша страна, туку единствено според милоста Своја.

Господ покажа голема милост кон мене и ми даде да разберам дека треба целиот живот да плачам. Таков е патот Господов. Ете, сега пишувам, жалејќи ги луѓето кои се како мене горди, бидејќи поради тоа страдаат. Го пишувам ова за да се научите на смирение и да најдете мир во Бога.

Некои велат дека порано било така, дека тоа сега застарело. Но, при Господа никогаш ништо не ја менува својата вредност. Ние сме тие кои се менуваме, стануваме нечисти и ја губиме благодатта. На оној што Го бара Господ сè му дава и тоа не затоа што заслужил, туку затоа што Бог е милостив и нè сака.

Јас пишувам за ова, бидејќи душата моја Го познава Господа.

Големо богатство е да се научиш на Христовото смирение. Со него е лесно да се живее радосно и тогаш сè му станува мило на срцето. Само на смирените Господ им се открива Себеси преку Духот Свети. Ако не се смириме, нема да Го видиме Господа. Смирението е светлина во која ќе ја видиме Светлината – Бога, како што и се пее во Црквата: „Во светлината Твоја видовме светлина“.


Извадок од книгата: Архимандрит Софрониј, Старец СилуанВелес 2014, 326-327