Мир на твојата душа…!
Зошто така паѓаш со духот? Каде е твојата вера? Зар Господ не ветуваше дека ќе му даде сè што е неопходно на секого кој го бара Божјото Царство и Неговата правдина! Преиспитувај се себеси – дали ти е својствено таквото барање, имаш ли вера во животот по смртта, веруваш ли во учењето на Светата Православна Црква, поточно во учењето на Самиот Господ дека секој ќе ја добие својата плата по смртта, според верата и делата свои?
Веруваш ли во Господовите зборови дека ни влакно од главата не паѓа без волја на Отецот Небесен? Ако веруваш во тоа, ако притоа веруваш дека Господ толку го засакал светот, што Го дал Својот Син, та секој што верува во Него нема да загине, дека Го дал да биде на потсмев и распетие. Тогаш треба без негодување потполно да се предадеш во Божјите раце и да плачеш не поради губење на положбата, туку поради тоа што на Божјата љубов ние одговараме со негодување, маловерие, нетрпение и секакво нарушување на Неговите заповеди. Зар Самиот Господ не рече дека оној кој (Тој) го љуби, него и го казнува и преку маките го отргнува од земја – за да ни олесни да го „имаме срцето горе“ не само за време на Литургија, туку засекогаш. Зар ние имаме право да Му диктираме на Господ што треба Тој да прави со нас! Ако веќе треба да се покоруваме на Господа, тогаш да престанеме да негодуваме и да плачеме за работите од овој свет, но да ги оплакуваме своите гревови – т.е. постојаното нарушувањето на Божјите заповеди, навредите кои ги нанесуваме на Господа со своето маловерие, преку неверување во Неговите зборови и бесчувствителноста наша кон Неговата љубов. Ако, пак, не ги гледаме своите гревови, а плачеме двојно или тројно повеќе, тоа значи дека нашата душа подивела и дека се помрачила и ги изгубила здравите внатрешни очи.
Да Го молиме Господ со големи метании: „Дај ми да ги видам своите прегрешенија“. И кога ќе се очистиме со покајание, ќе видиме дека маките кои ни се праќаат се всушност – јавување на Господовата милост и љубов кон нас, и ќе видиме дека тие ни се повеќе потребни отколку сите земни блага. Единствената во целиот човечки род, почесната од Херувимите и неспоредливо пославната од Серафимите, Мајката на нашиот Господ, претрпела такви жалости, според кои и најголемите твои жалости не се ништо. Притоа, Господ не допушта било какви искушенија и маки над човечките сили. Ти сè уште не си се борела до крај, а ако воопшто си се борела против ѓаволот, не си ги навредувала ближните спротивно на своите страсти, зар не си била груба кон нив, зар не си зборувала напразно, итн. и итн? Завиткај го сиот свој живот со молитва, покај се за сè претходно, искрено, со солзи; дај Му ветување на Господ дека сите сили ќе ги вложиш во борба со гревот, во исполнување на Неговите свети заповеди, потруди се во тоа и набрзо ќе ја видиш Божјата милост кон тебе, и ќе Му благодариш на Господ за испратените неволји. Смирувај се пред Бога и пред луѓето.
Ако не се трудиш да работиш на ова, туку почнеш да грешиш и паѓаш со духот, тогаш без негодување, трпи ги испратените маки, и говори заедно со благоразумниот разбојник: „По делата свои ќе примам“.
Не очајувај, трпи пред Господа, плачи поради своите гревови, поради своето маловерие, поради неверието во Промислата Божја за нас и Господ ќе те утеши.
Прости ми, помоли се за мене. Господ нека те благослови, поучи и утеши.
Извадок од книгата: Игумен Никон Воробјов, Со трпение спасувајте ги своите души, Скопје 2001, стр. 58-59