ГОСПОДИ, ТИ СИ МОЈОТ ЖИВОТ!

Молитвата поради својата благотворност се нарекува царица и ороводец во соборот на добродетелите. Ниту за една добродетел не е зборувано толку многу како за молитвата. Таа претставува вознесување на умот и срцето кон Бога. Преку неа човекот стапува во соборот на Ангелите, станува соучесник на нивното блаженство и се озарува со мудрост. Молитвата е најблаготворен темјан на Бога, мост за преминување на искушенијата, несоборив бедем на верните, безбедно пристаниште, божествена одежда, која душата ја облекува во невидена убавина и достоинство. Молитвата е кислород за душата, нејзина храна и напиток.
Молитвата е мајка на сите добродетели, чуварка на целомудреноста, печат на девственоста, сигурна одбрана од сите лукавства на лукавиот. Невидливите непријатели разбивај ги со името Христово, то ест со молитвата, бидејќи посилно оружје од неа нема ниту на небото ниту на земјата. Молитвата е утврдување на мирот, смилостување на Бога заради нашите гревови, мирно пристаниште, просветлување на умот, секира за очајанието, чекан за жалостите, раѓање на надежта, стивнување на гневот, застапничка на осудените, спасение за изгубените. Таа од китот направи дом за Јона, Езекил го избави од вратата на смртта, на вавилонските момчиња пламенот им го претвори во роса. Со молитвата св. Илија го затвори небото: “и не падна дожд на земјата три години и шест месеци”(Јк. 5,17). Кога дури и самите свети апостоли не можеа да ги истераат нечистите духови, Господ им рече: “Овој род не се истерува со ништо друго освен со молитва и пост” (Мт. 17,21).
Во животот на човекот нема ништо поскапоцено од молитвата, таа и невозможното го чини возможно, тешкотиите ги олеснува, а неудобното го прави удобно. Молитвата е толку неопходна за нашата душа, колку што воздухот е потребен за дишењето како и водата за билките. Молитвата е светлост за душата. Кој не се моли, тој се лишува себе си од заедничарење со Бога и се уподобува на бесплодното дрво, кое се сече и фрла во оган(Мт. 7,19). Кој не се моли, тој не добива благослов од Бога за своите дела, според кажаното: “Ако Господ не го изѕида домот, залудно ќе се трудат оние кои го ѕидаат”(Пс. 126,1). За да се помине цел ден совршено, свето мирно и безгрешно, неопходно е наутро, веднаш по будењето од сон, да се почне со најискрена молитва. Таа во срцето ќе го воведе Христос заедно со Отецот и Светиот Дух и на тој начин ќе и даде моќ и сила на душата против злото. Слепиот е несреќен бидејќи не ја гледа светлината, меѓутоа многу поголема несреќа за христијанинот е да го изгуби расположението за молитва и да ја лиши својата душа од божествената Светлост. Во таквата душа настапува темнина, а по напуштањето на телото нејзиниот удел ќе биде вечна темнина. Некои велат дека не треба да се молиш доколку немаш желба, меѓутоа тоа е лукаво и телесно мудрување. Биди истраен во молитвата и не ја оставај, не му угодувај на телото, бидејќи телото единствено тоа го сака. Царството Небесно се освојува со усрдност и подвижниците го задобиваат. Без самопринудување на добро, нема да се спасиш. Ете, затоа, треба да се молиме, не само кога сме расположени за молитва, туку и кога не сакаме да се молиме, кога сонот, грижите суетата и се останато не оддалечуваат од молитвата. Доколку, без оглед на сето тоа, продолжиме да се молиме, да се подвизуваме, да се принудуваме самите себе, тогаш таквата молитва ќе допре до небесата и ќе излезе пред Престолот на Бога. За време на молитвата сеозлобениот дух со особена сила се крева против оние кои се молат, им причинува многу искушенија и напади. Безбројни се искушенијата на лукавиот за време на молитвата. Тој во тие моменти не потсетува на такви дела, чие извршување го претставува како неопходно и неодложно. Но ти не го слушај и Божјата благодат ќе ти помогне во се, после молитвата. За време на молитвата треба да ги оставиш сите грижи и не треба да им обрнуваш внимание на помислите, кои со особена сила ќе те напаѓаат, туку како добар Христов војник, одбивај ги. Молитвата не претставува механичко дејство, туку стоење пред лицето на Бога и разговор со Него. Молете се смирено, со страв Божји, внимавајте вашата молитва да не биде исмевање над молитвата. Чувајте го умот од секаква љубопитност.
Недостојното причестување, како и недостојната молитва носат немир во душата. Тоа е значи дека Господ не влегува во нашето срце, бидејќи е навреден од нашето неверие и од скаменетото срце, па поради тоа допушта во нашите срца да се вгнездат злобните духови. За почеток на молитвата се смета отфрлањето на помислите при самото нивно појавување. Средина на молитвата е кога помислите не го поткраднуваат нашиот ум, а совршенството претставува вознесување кон Бога со целото наше битие. За време на молитвата треба да имаме смирение и скрушеност поради нашите гревови, бидејќи кој себе не се смета за грешник, него Бог нема да го услиши, како што можеме да видиме од молитвите на митарот и фарисејот. Молитвата, растворена со солзи на покајание и смирение, секако дека ќе биде услишена, а кога се излева од длабочината на душата, таа ги отвора небесата. Не ја оставај молитвата, се додека нејзиниот жар и бањата од солзи сами не си заминат, бидејќи, којзнае, можеби друга можност за прошка на гревовите нема да добиеш, за целиот свој живот. Доколку некои зборови на молитвата ти се засладат, продолжи да ги повторуваш, бидејќи тогаш со тебе заедно се моли твојот Ангел чувар. Убаво е да се молиме, кога Господ ни дарува солзи на умиление. Во тие моменти, најдобро е да се сетиме на жените мироносици и мислено да паднеме пред нозете на Распнатиот. Бесовите постојано настојуваат да ни го приграбат часот за молитва и да не оттргнат со некоја грижа или обврска, но ти не ги слушај, за да не бидеш исмеан од нив. Молејќи го Бога за прошка на гревовите, мораме и ние самите од сето срце да им ги проштеваме навредите на нашите ближни. И најмалата горчина што ја носиме во себе за ближниот, не лишува од правото да се молиме, бидејќи молитвата со горчина за ближниот во срцето, на Бога му е одбивна. Онака како што ќе се однесуваш кон својот ближен, така и Бог ќе се однесува кон тебе. Доколку не сакаш да се молиш за некој, кој го презираш и мразиш, тогаш дотолку повеќе требе да прибегнуваш кон Бога и да Му се молиш, бидејќи и самиот си духовно болен. Моли се Господ да те направи незлобив и трпелив, да те научи да ги љубиш своите непријатели, а не само оние кои ти прават добро. Твојата молитва за непријателите ќе донесе мир во твоето срце.
Зошто нашата искрена молитва, која ја принесуваме едни за други, има толку голема сила? Затоа што за време на молитвата, јас се соединувам со Бога, станувам еден дух со Него, а оние за кои се молам со голема вера и љубов, ги соединувам со себе, и на тој начин, Светиот Дух кој дејствува во мене, истовремено дејствува и во нив, бидејќи Тој исполнува се. Доколку за некоја кавга со некого сметаш дека си во право, и тогаш прв барај помирување. Во своите неволји и жалости, многумина бараат помош во се, освен во Бога, и во моментите кога нема да ја пронајдат, тие Му се обраќаат, меѓутоа поради својата слаба вера, таквите не секогаш го добиваат тоа што го бараат. Ако сакаш преку молитвата да испросиш за себе некое добро од Бога, тогаш пред да се молиш, вооружи се себе со силна вера и истата благовремено искористи ја, како штит против сомнежот и неверието. Не е добро, доколку за време на молитвата, твоето срце се посомнева и не истрае во верата. Тогаш немој ни да помислиш дека ќе го добиеш од Бога, тоа што си го молел, сомневајќи се. Сомнежот е хула на Бога, дрска лага на срцето. Потребно е предметот на нашата молитва да биде конкретно искажан, а нашата желба да биде искажана со соживување. Неопходни и главни правила за молитвата се: потполна предаденост на Божјата волја, искрена желба за поправање на својот грешен живот, а над се – да бидеш незлоблив. Во молитвата потребно е да бидеме трпеливи и силно да веруваме дека ќе го добиеме сето она што е корисно за нас. Колку и да се големи твоите гревови, моли се и не очајувај. Потребно е да плачеме поради нашите гревови, бидејќи тие мали солзи можат да ја угаснат геената огнена. Молитвата, како најголем дар Божји, не се добива брзо и на лесен начин, треба да се потрудиме за тоа. Во молитвата, пред се, треба да му благодариме на Бога за се, а особено за искушенијата. Благодарењето за жалостите е многу поблагопријатно на Бога, отколку благодарењето за материјалните добра. Моли се за прошка на гревовите. Можеме да се молиме и за избавување од неволјите, но исполнувањето на нашите молби треба да ги препуштиме на Божјата промисла, по примерот на Искупителот: “Оче мој, ако е можно, нека ме одмине оваа чаша; но не јас како што сакам, туку како Ти!”(Мт. 26,39). Во случај на некои посебни потреби, по примерот на Спасителот треба да се молиме до три пати, како што се молеше Он во Гетсиманската градина, пред Своите страдања. Колку и да страдаш, не очекувај утеха од луѓето, туку прибегнувај кон Искупителот на нашите души.
Во моментите на голема омраза и злоба во вашите домови, молете и се на Мајката Божја. Таа како Себлага и Семоќна, најумешно од сите, може да ги смири срцата човечки. Мирот и љубовта потекнуваат од Единиот Бог, од неговиот Источник, а нашата Владичица е Едно со Бога, и како Мајка на Христа, ревнува и се моли за сиот свет, а најмногу за христијаните. Пристапувајќи на молитва кон Мајката Божја, пред молитвата биди цврсто уверен, дека нема да си отидеш од Неа, без да добиеш милост. Достојно и праведно е така да мислиме, и така да се надеваме на Неа. Таа е семилостива Мајка на семилостивиот Бог, и за Нејзините неисцрпни и безбројни милости, објавува Црквата Христова низ вековите. Таа навистина е “Бездна на добрината и милосрдието”, како што се пее за Неа во канонот”Одигитрија”.
За време на молитвата, оградувај се правилно со крсниот знак, бидејќи ѓаволот трепери пред Христа, не можејќи да ја поднесе Неговата сила, која го гори како оган. Древните христијани, следејќи го преданието на апостолите, пред секоја работа се оградуваа себе си со крстниот знак: при облекување, палење на оган, при секоја работа итн.. За правилно извршување на молитвата, потребен ни е духовен раководител, пред се, поради нашата склоност кон превознесување, а се со цел, наместо благодатта, да не го примиме духот на прелеста, кој лукаво се преобразува во ангел на светлината. Подобро е да ја имаме молитвата, отколку да читаме духовни книги. Подобро е да бидеме бедни по дух, но да го наследиме царството Божјо, бидејќи и Господ ни вели:”Блажени се бедните по дух бидејќи нивно е царството Божјо”. Бедните по дух, тоа се оние кои го осиромашија својот ум заради спасението, заради непрестајното сеќавање на Бога. А кој непрестајно се моли, Господ го наградува со изобилство на Својата благодат.
“Кога бев студент на духовната академија – кажуваше владиката Теофан – се упативме во Киево-печерската лавра, кај еросхимонахот Партениј, за да добиеме духовна поука. Еве што ни кажа:„Вие, учените монаси, знаете многу правила и закони, но не знаете едно правило, кое ви е особено потребно – а тоа е умот и срцето постојано да ги вознесувате кон Бога. Јас уште како дете се трудев така и сега чувствувам духовно спокојство”. На тој начин и ние треба да постапуваме, целосно да се посветиме на молитвата, бидејќи подобро е да се молиме, отколку да читаме или да седиме без работа. Не пропуштај можност да се молиш за оние кои го бараат тоа од тебе, бидејќи Господ гледа благонаклоно на молитвата, која ја твориме од љубов кон ближните. Моли се за умрените, за и тие, кога ќе бидат во блажениот живот, да се молат за тебе. Бог не е Бог на мртвите, туку на живите, бидејќи во Него сите се живи. Душата на умрениот човек невидливо ги обиколува местата, во кои сакала да претстојува за време на овоземниот живот. Доколку овој свет го напушти окована во грев, во задгробниот живот не ќе може да стори ништо за да се избави од него, па затоа ќе и бидат потребни молитвите од сите луѓе, а особено од Црквата. Затоа да се молиме искрено за умрените, бидејќи тоа е од голема корист за нив. Никогаш не ја оставај молитвата, под изговор дека си болен или изнемоштен. Кога се наоѓаш во недоумица поради нешто, направи три поклони и кажи:”Господи, Ти гледаш, Милостив, душата моја се двоуми, и се плашам да не погрешам. Вразуми ме, Господи!” И првото што ќе ти се појави во душата после молитвата, прифати го како укажување од горе. Откако ќе завршите со утринските и вечерните молитви навикнувајте се со усрдност да поминете неколку мигови во безмолвие(тихување), очекувајќи во вашето срце одговор, вразумување. Тие неколку моменти можат многу да ве научат. Тоа ќе ја зголеми вашата постојана молитва и одрекувањето од својата волја, а исто така ќе ја зголеми желбата за придобивање на Светиот Дух. За време на секојдневните разговори, треба да ја одржуваме молитвата во срцето, и да имаме постојано на ум дека Он, нашиот Отец Небесен, се наоѓа до нас и не набљудува. Никогаш не треба да заборавиме на Божјата сеприсутност. Без молитвата човекот не живее туку умира, и покрај тоа што не забележува. Кога сте на молитва не се брзајте. Секој нејзин збор е свет и не приближува кон Бога. Во текот на молитвата, придржувајте се до правилото дека подобро е да кажеме пет зборови од срце, отколу илјада зборови со јазик. Доколку за време на молитвата, забележиш дека твоето срце е студено и се моли неволно, престани и загреј го со некоја жива претстава, на пр. со својот пад, својата духовна беда и слепило, или пак со големите и непрестајни Божји благослови, со кои постојано не дарува.
“Еве стојам на вратата и чукам”, тоа значи дека Господ е постојано пред портите на нашето срце, затворено и заклучено за Него, поради нашите страсти и гревови. Но вие бидете истрајни и молете се, имајќи на ум дека Он стои пред вашето срце и внимава на секое негово чувство и движење.