Беседа на Богојавление

Во име на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Славејќи го Богојавлението, ние се сеќаваме и дека Бог им се покажа на луѓето како Троица и дека Исус му се јави на светот како Христос. Каде се јави Христос? Каде го започна Своето дело? Дали отиде во голем град и таму се јави во Својата Слава? Или се искачи на висока гора, а маса на мноштво илјадници стоеше долу и Го набљудуваше како некакво чудо? Не! Христос отиде во пустината, на реката Јордан, каде Јован го крштаваше народот. Јован проповедаше покајание и ги повикуваше грешниците, во знак на покајание, да се крстат во Јордан. И ете, како грешник доаѓа и Христос и моли за крштевање. Оној, во Кого немаше грев. Се уплаши Јован. „Ти треба мене да ме крстиш“. „Остави сега“ – одговара Исус – зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда“. Адам со гордоста згреши, сакаше да се возвиси, да стане како Бога, а Христос дојде да ја исполни правдата Божја, гревот на Адамовата гордост да го поправи со смирение. Адам сакаше да се возвиси пред Бога, а Бог се понизи пред човекот. Христос слезе во водата и прими крштение од Својот слуга. Треперејќи, Јован је положи раката на Владетелот и својот Бог, а Христос смирено ја приклони Својата глава пред него. Ова Христово смирение го отвори небото. Тогаш небесата се отворија и се чу гласот на Бога Отца:“Ова е Мојот возљубен Син, који е по Мојата волја. Ова е Мојот Син, Кој Себеси се понизи за да ја изврши Мојата волја, вистинскиот Мој Син, Кој се понижува за да го возвиси човекот“. А Духот Свети слезе од небото на Исуса, потврдувајќи ги зборовите на Отецот. Така со смирението Исус го отвори небото и ја покажа на луѓето тајната на Троичноста на Божеството. Но, зошто Он тоа го изврши точно на водата, а не на некое друго место? Да се сетиме како Бог го создавал светот. Кога Бог го создавал небото и земјата, „земјата беше без обличие и пуста, и Дух Божји лебдеше над водата“. Потоа ги оддели Бог земјата и водата, но така што водата сепак остана на секое место и потребна на сé што е создадено. Човекот не може да живее без вода, ниту било кое друго животинче; постои вода (влага) во воздухот; да земеме од било каде грутка земја – и таму постои водата; постои вода и во каменот, и ако нам ни се чини дека таму ја нема, па сепак, таа постои и таму и, кога Бог посака може да ја ослободи од него, како што тоа го направил за време на Мојсеја. „Господова е земјата и она што ја исполнува вселената и сé што живее во неа, зашто Он ја основа врз морињата, и на реки ја утврди.“ (Пс.23,1-2). „Небесата одамна постојат и земјата беше создадена од водата и преку водата преку Божјото слово“, пишува апостол Петар, „преку кое, тогашниот свет загина, потопен од вода.“ (II Пет. 3,5-6). Кога човекот згреши, го навлече Божјиот гнев не само на себе, туку и на целата природа. Човекот е круна на Божјето создавање; тој е поставен за цар на природата. А кога царот стана непријател на другиот Цар, тогаш и целото негово царство стана непријателско царство. Казната била нaменета не само за човекот, туку и за сé што е створено /тварта/. „Оти знаеме дека сите созданија заедно со нас воздивнуваат и тажат досега“. (Рим. 8,22). Но, „тварта се покори на суетата (не по своја волја, туку по волјата на Оној, Кој ја покори)“ (Рим. 8,21-22). Затоа простувањето на вината го ослободува и создаденото од робувањето на пропадливото. „Уништена ќе биде оваа пропадлива природа и ќе се преобрази во ново небо и нова земја, каде правдата обитава“. (II Пет. 3,12-13). За да се овозможи оваа промена, за природата да се подготви за непропадливоста која ќе настапи после судниот ден, Христос дојде на водите Јордански. Потопувајќи се во Јордан, Христос ја освети не само водата на Јордан, туку и целата водна природа, како што и воскликнува Црквата во своите песни: “Христос се јави за да ја освети водата на Јордан“ (Претпразничен тропар), „Денеска водната природа се осветува“ (Тропар при Исходот на Јордан). А зашто водата насекаде се наоѓа, тогаш осветувајќи ја водата, Христос со тоа го осветил сето создание, целата вселена. Христос ја подготви природата за и таа да ги почувствува добрите последици од жртвата која Он дојде да ја принесе. Но, не само тоа, Тој на водата ú даде моќ да ги измива човечките гревови. Крштението Јованово било само знак на покајание. Христијанското крштение е ново раѓање, опростување на сите гревови. Со вода ги казни Бог гревовите на првиот свет и со вода го уништи во потопот. Со вода сега Бог ги спасува луѓето преку Тајната крштение.
Така Христос на водите Јордански ја уништи главата на змијата, како што тоа се пее во црковните песни, главата на онаа змија што ги измами Адама и Ева, но беше победена со смрението Исусово, – им откри на луѓето дека Бог е Троица – ја освети водата, а со водата го подготви и сето создание за прифаќање на зборовите на прошка и непропадливост.
И тогаш, издржувајќи уште една борба со ѓаволот во пустината, Христос почна да ги подговтвува луѓето за идното царство и ја започна Својата проповед со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царство небесно“ (Мт. 4,17), или како што стои во другото Евангелие: „Времето се исполни и царството Божјо наближи; покајте се и верувајте во Евангелието“ (Мк. 1,15).
До тогаш Јован Крстител проповедаше покајание, го подготвуваше патот за Господа. Сега Самиот Господ им извикува на луѓето:„Покајте се“. Тој глас е наменет не само за луѓето кои живееле во Христово време, туку со тие зборови Христос им се обратил на сите луѓе во сите времиња и векови. И ние сме ги слушале тие зборови од Еевангелието. Додека сеуште не стивнале празничните песни на Богојавление, тие нам нé потсетуваат дека се приближува времето на покајание. Да бидеме внимателни! Тоа не се зборови на пророк или ангел, туку на Самиот Господ. Ќе се покаеме и во постот кој доаѓа, ќе настојуваме да ги победиме нашите страсти и да добиеме прошка на гревовите, за во идниот век да влеземе во непропадливото Царство кое го подготвил Господ. Амин.