Во неделата Месопусна, нашата Црква предвидела да се чита евангелското зачало за идниот суд (Мт. 25,31-46), љубовта како конечен критериум за разделување на луѓето на оние што се оддесно на Судијата и на оние што се одлево, односно за идната судбина на човештвото. Во апостолското зачало (1Кор. 8,8-9,2), апостолот Павле ја претставува љубовта како граница на слободата на христијанинот. Да го погледнеме преводот на текстот:
„Браќа, храната не нè приближува кон Бога. Ниту добиваме нешто ако јадеме, ниту нешто губиме ако не јадеме. Но пазете, пак, таа ваша слобода да не стане на некој начин спрепка за слабите (во верата). Зашто ако некој те види тебе, што имаш ‘знаење’, како седиш на трпеза во идолопоклонички храм, нема ли неговата совест, бидејќи е нејак, да биде поттикната да јаде идолски жртви? И така, твоето ‘знаење’ ќе ја предизвика пропаста на нејакиот, братот за кого умрел Христос. И така, грешејќи против браќата и ранувајќи ја нивната нејака совест, вие грешите против самиот Христос. Затоа, штом храната го соблазнува мојот брат, тогаш нема никогаш да јадам месо, за да не го соблазнувам својот брат.
„Земете пример од мене. Не сум ли јас апостол? Не сум ли јас слободен? Не Го видов ли Исуса Христа, нашиот Господ? Не сте ли вие плод на мојот труд во службата за Господа? Ако за други не сум апостол, за вас во секој случај сум. Бидејќи вие сте печатот на моето апостолство во Господа“ (1Кор. 8,8-9,2).
Првото послание до Коринтјаните е најбогатото послание на апостол Павле по бројот на развиени прашања. Помеѓу овие многубројни теми, за кои Коринтјаните го прашале апостолот, е и прашањето на јадењето или не идолски жртви, односно на месата што биле остаток од животните жртвувани на боговите и што подоцна – бидејќи тие обично биле многубројни – се давале во месарниците или биле оставени за јадење во „требиштата“, во непосредна близина на храмовите. Можност за вакво нешто имало секојдневно (празници, слави, свадби, погреби и сл.), а вообичаените социјални врски на христијаните со нивните сограѓани ги обврзувале да учествуваат во ваквите настани.
Во Коринт постоела една група на слободоумни христијани, кои верувале дека „идолите не претставуваат ништо во светот и дека нема никој друг бог освен Единиот“, како што се вели малку пред зачалово што го испитуваме (1Кор. 8,4) и така, не го сметале за грев своето учествување во вечерите на идолски жртви. Можеби првата фраза од читањето претставувала нивна објава: „храната не нè приближува кон Бога. Ниту добиваме нешто ако јадеме, ниту нешто губиме ако не јадеме“. Овие христијани, исто така, веројатно проповедале дека „сите имаме исправно знаење“, односно знаеме дека боговите на кои им се принесуваат жртвите се непостоечки, доколку само Еден е вистински Бог, па сходно на тоа, идолските жртви не се разликуваат суштински од вообичаените меса и така, христијанинот што јаде од нив не греши.
Апостолот Павле, како највиден апостол на слободата, во суштина го прифаќа од богословски причини ова тврдење на христијаните од Коринт, но како педагог го гледа прашањето пошироко и ја поставува љубовта како брана и граница на слободата, која се објавува како почит кон совеста на браќата. Љубовта за која говори Павле не се исцрпува со едно братско чувство во неговите различни психолошки пројави, но има подлабока богословска содржина: произлегува од пожртвуваната љубов на Христа на крстот. Оваа љубов Христова, која се откри на крстот, претставува основа и извор на љубовта помеѓу браќата.
Секако, проблемот на идолските жртви не постои денес, но одговорот на Павле важи засекогаш. Слободата на христијанинот не е неограничена, туку за своја граница ја има љубовта за братот и почитта кон неговата совест. Павле се плаши дека знаењето и власта што ја има христијанинот може да претставува повод за соблазна на братот што има послаба совест и го смета за грев јадењето на меса што биле жртвувани на идолопоклоничките богови. Во ваков случај, ќе продолжи да јаде идолски жртви во името на слободата и знаењето што го има за непостоењето на идолопоклоничките богови? „Знаењето возгордејува, а љубовта надградува“, веќе одговара во 1Кор. 8,2.
Во сè што пишува, апостолот не мисли на индивидуалниот христијанин, но на заедницата на браќата и совеста на другиот. Во 1Кор. 10,29 јасно вели: „кога зборувам за совеста, не зборувам за совеста твоја, туку на другиот“. Со кое било дело на христијанинот, колку и да е тоа резултат на неговата слобода во Христа, доколку ја соблазнува совеста на послабиот брат, тој го навредува искупителното дело на Христа. „Поради јадење не уривај го делото Божјо“, им пишува тој на Римјаните (14,20), каде што бил соочен со истото прашање. Силните и слабите христијани му припаѓаат на истото Тело Христово. Така, секое дело што е насочено против совеста на братот-член на Телото, има свој одек врз главата на Телото. Павле го повторува зборот брат четири пати во ова зачало, сакајќи да го истакне значењето на заедницата. Недостатокот од почит кон совеста на братот значи нечестие против целото Тело, а особено против главата, против Христа. Таа е и смислата на стихот 12: „грешејќи против браќата и ранувајќи ја нивната нејака совест, вие грешите против самиот Христос“.
Затоа Павле прифаќа да се жртвува слободата врз олтарот на љубовта, отколку слободата да го соблазни братот: „затоа, штом храната го соблазнува мојот брат, тогаш нема никогаш да јадам месо, за да не го соблазнувам својот брат“ (стих 13).
За крај, во последните стихови од читањето (9,1-2), Павле се претставува самиот себе си како пример на жртвување на слободата заради љубовта и откажување од своите права. Повод за ова се наклонетите кон еврејството, кои го осудуваат Павле и, негирајќи го неговото апостолско достоинство, ширеле гласини низ Коринт дека тој не се смета самиот за вистински апостол Христов, зашто не се осмелува да ги прими материјалните приноси од христијаните, кои биле согласни со начелото дека работникот на Евангелието има право да живее од приносите на оние што го слушаат Евангелието, како што заповеда и Стариот Завет. Своето откажување од ова право Павле го основа врз надминувањето на неговата слобода и „власт“ заради љубовта: „Но ние не го користевме тоа право, туку сè трпиме за да не направиме некаква пречка на Христовото Евангелие“ (1Кор. 9,12). Над власта што ја има како апостол се наоѓа љубовта и непреченото исполнување на неговото мисионерско дело.
Сумирајќи го кажаното, можеме да го забележиме следново:
- Храната сама по себе е неутрална и не може да биде наш придружник пред судиштето на праведниот Судија, ниту како бранител, ниту како обвинител. Никаква предност или недостаток немаме од нејзината употреба или неупотреба. Она што е важно е таа да не претставува причина за соблазна на братот, зашто соблазната на братот претставува навреда против Христа.
- Слободата на христијанинот се подредува на ограничувањето од љубовта заради браќата. Ова ограничување не претставува укинување на слободата, туку нејзино потврдување, зашто откажувањето од едно законско право заради избегнување на соблазна на останатите членови на Телото Христово претставува врховно дело на слободата.
- Секое дело на христијанинот ја засега целината на Телото Христово, а особено главата. Случајна незаинтересираност на христијанинот за совеста на братот во името на неговата слобода го разрушува Христовото дело. Надоградувањето на браќата треба да биде двигател и цел за сите дела на христијаните.
*Јоанис Каравидопулос е професор емеритус на Богословскиот факултет при Аристотеловиот универзитет во Солун.