Христијаните во светот – I дел

Христијанинот е Христов избраник. Вистинскиот Христијанин чувствува голема чест и благослов од Бога, бидејќи Го познал Христа и бидејќи е Негов избраник. Се разбира, тој е избран во смисла дека Христос го повикал да стане верник; но, и верникот не помалку, како што вели Мојсеј во своите Повторени закони, Го избрал Христа за свој Бог. Така оние што Го последуваат Христа се нарекуваат „призвани“, „избрани“ и „верни“.

 
Дилемата на Христијанинот

 
Сепак, постојат многу Христијани кои не се задлабочиле во тоа Христово призвание и кои го примаат влијанието на светот, таа занесеност, таа магија на светот со неговиот лажен златен сјај. Навистина светот блеска, но тука станува збор само за златна прашина, не за вистинско злато. Како и да е многу Христијани не го знаат тоа, така што тие стануваат заведени, маѓепсани од светот. Но штом Христијанинот започнува да се занесува по тоа што го предлага светот, тој автоматски се замислува: како јас, Христијанинот, можам да опстојам како Христијанин во еден свет кој што постојано ме привлекува и занесува?


На тој начин се раѓа дилемата во нас. Навистина честопати сме растргнати помеѓу Христос и светот. Многу од нас стасуваат до тој ужасен момент, до таа крајност да бидеме Христијани само на име, додека всушност живееме и постапуваме световно, за жал со длабоко световен поглед на нештата. И добро е познато дека човек кој што има световен поглед не може да се нарече Христијанин. Евангелистот Јован јасно вели: „Не љубете го светот ниту она што е во светот“. Тоа значи да не го љубиме ниту она што е во светот.

И кога велиме „свет“ не мислиме на сите луѓе, ниту пак на вселената, туку ги имаме предвид оние кои што живеат според светот. Што е светот? Колку прекрасно за него се изразува свети Исак Сирин: „Светот е сеопфатен назив на сè она што влече кон страстите“. Истото тоа го објаснува и Евангелистот Јован кој што вели дека во светот има зла похот, житејска гордост итн.


Сеопштото име за страстите

Ако треба сите оние страсти кои го камшикуваат човекот да ги наречеме со едно име, ќе ги наречеме – свет. Ако пак направиме анализа на поимот „свет“, ќе треба да ги спомнеме сите одделни имиња на страстите. Сфаќате ли дека незнаењето на многумина од нас или просто слабоста на нашата волја е она што не тера да се маѓепсуваме од светот, и најпосле во краен случај да си го изгубиме спасението. Тоа е проблемот на Христијаните во секоја епоха. Можеби не толку на древните Христијани, колку што е тоа проблем на нашето време, како што ќе видиме понатаму. Бидејќи тоа кое што сега го нарекуваме „свет“, се исто така  Христијани, но секуларизирани, целосно претворени во „свет“. Сепак, тие се Христијани. Па така, постои разлика помеѓу Христијаните кои имаат ум Христов и Христијаните кои имаат световен ум. Каде сме тука ние?

(Продолжува…)