Добар Рај, возљубена моја мајко!

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено за време на Исходното последование на неговата мајка Живка Фидановска, во сечесниот храм на Св. Вмч. Недела во Битола, на 28 ноември 2023 лето Господово


Високопреосвештен Владико г. Јован,

Возљубени ужалени,

Не изминаа ни четириесет дена откако милостивиот Христос Бог го зеде нашиот драг Боро во Своите Божествени и воскресителни прегратки. Си го зеде Он во Кого тој цврсто веруваше и постојано Му се молеше. И еве, на дваесет и осмиот ден од неговото блажено упокојување, денеска си заминува и нашата драга, возљубена мајка Живка. Ја испраќаме, исто така, во прегратките на Воскресителот Христос Бог, во Татковината на вечно живите.

Живчето, како што сите ние милувавме да ја нарекуваме, беше навистина една голема Мајка. Иако животот ѝ беше исполнет со многу притесненија, со големи премрежија и искушенија, со бројни трудови и недобројни жалости, таа докрај остана верна на својот свештен призив да биде мајка. Мајка во евангелеска смисла на зборот, родител со љубов небесна. И еве, дојде време да си замине во својот заслужен покој. Впрочем, животот човечки е таков, испреплетен со многу таги и по некоја радост. За животот на Христијаните велиме дека е крстовоскресен: има страдања, има распетие, но накрај доаѓа блаженството од воскресението. И затоа кога некој добар Христијанин ќе си замине од овој свет велиме дека се упокои, односно дефинитивно го најде својот покој. Оти, душата човечка е создадена да општи, да другарува во заедница со Христа, со својот Бог и Создател, и во пожртвувана љубов за ближните. И само тогаш го наоѓа својот вистински покој. Знаете од молитвеното искуство дека кога се наоѓаме во некое силно притеснение и кога ни е особено тешко, тогаш прибегнуваме кон усрдна молитва, кон молитвен разговор со нашиот мил Спасител и така нашата душа се успокојува. Всушност, само тогаш таа е суштински спокојна, кога е во разговор и другарување со својот Бог. И затоа велиме дека природната состојба на душата на Христијанинот е молитвата. Сега, пак, душата на нашата мајка Живка се претставува целосно пред Господа, лице в лице; заминува во рацете на преблагиот наш Господ Исус Христос, Кого таа многу Го сакаше, Го љубеше, Кому со посветеност Му служеше. И во Него го наоѓа својот вистински и краен покој.

А ние собрани сме сите тука заедно, за да се помолиме да ѝ се даде тој покој на нејзината душа. Оти, како што чувме од химните на Светата Црква, „нема човек кој ќе живее а да не згреши и единствено Христос Бог е без грев и Неговата правда останува за навек“. Па така, знаејќи според емпиријата на Црквата дека во првите дена душата на покојникот, заедно со својот ангел пазител, е присутна меѓу ближните, како и на погребението, ѝ се обраќаме сега на нашата возљубена Живка:

„Мила наша мама Живче, од името на твоите синови Партениј и Иле и на првиот твој син Боби, на твоите внуци, снаи, роднини и пријатели, кои сме собрани да се молиме за твое спасение, бараме прошка од тебе доколку со нешто во овој живот ти згрешивме, те нажаливме, те огорчивме; те молиме  да ни простиш, бидејќи ти знаеш дека љубовта помеѓу нас беше над сѐ и секогаш победуваше. Христос Животодарителот да те прими во Своите Божествени прегратки, да ти даде спокој, да ја одмори твојата добра и страдална душа! А нам на сите да ни даде силна вера, стремеж за Царството небесно, молитва за заминатите од нас. Те молиме, исто така, да ни го поздравиш и татко Боро, кого сите многу го љубиме. Да ја поздравиш и мајка Светлана, чиешто дело ти прекрасно го доврши. Оти, кога јас и мојот брат останавме без мајка, ти најмногу му помогна на татко Боро во светото дело на мајчинството“. Затоа самиот тој често ни велеше: „Никогаш нема да ја оставам Живчето! Ќе бидам секогаш до неа, со неа, ќе ја придржувам, ќе ѝ помагам, затоа што ми помогна кога беше најтешко, кога требаше да им се најде добра мајка на децата“. И бездруго, од примерот со мајка Живка, од нејзината пожртвувана мајчинска љубов, од нејзиниот самозаборав да им послужи на другите, научив дека она што е скршено во овој живот, ако Бог го состави – составено е. Навистина, во нејзините прегратки, во нејзината родителска заштита, никогаш не почувствуваме дека сме без мајка. Беше секогаш подготвена да направи сѐ за нас. Ја сфатив нејзината жртва и самозаборав заради нас особено кога од некои показатели научив дека таа не ни е биолошка мајка. А почнав да го разбирам кога увидов дека таа три различни жени ги ословува како свои мајки. Така, во нашиот дом имаше фотографија од нејзината покојна биолошка мајка, којашто се упокоила кога Живчето имала четири години – мајка Велика. Јас како дете ја прашував: „Чија е оваа слика, мамо?“ „Од мајка ми“, одговараше, „се упокои кога јас имав само четири години“. Во меѓувреме, одржеше многу добар и присен контакт со баба ми Таса, мајката на мајка Светлана. Живчето и за неа велеше дека ѝ е мајка. Така и ѝ се обраќаше, а и таа нејзе ја нарекуваше ќерко. Потоа, заедно често одевме нагости кај нејзината помајка Косара, втората жена на дедо Димко, којашто исто ја почитуваше како родител, па така како мал гледав и трета нејзина мајка. За баба Велика и баба Косара ми беше јасно, но не можев да сфатам како и баба Таса ѝ е мајка. Па еднаш ја прашав: „Мамо, како може ти да имаш три мајки?“ И таа ми одговори: „Ех, чедо, животот мој таков е. Баба Таса ми стана мајка на чудесен начин и еден ден кога ќе пораснеш ќе дознаеш. Важно е дека сега јас ви сум мајка и дека ве сакам бескрајно“. И подоцна, откако ги склопив работите и дознаев сѐ што се случило, како дете знаев понекогаш дури и да ја искушам во љубовта; да видам дали, со оглед на тоа што не ми е биолошка мајка, ќе постапи со истата љубов, дали ќе го даде подоброто за нас, без да насети дека јас веќе знам. И секогаш, без исклучок, за нас го даваше најдоброто. Во сѐ постапуваше така: било во нејзиниот однос, било во нештата што ги правеше за нас. Дури и во храната се гледаше тоа – најдоброто од ручекот што ќе го зготвеше секогаш ни го даваше мене и на брат ми. Во ништо не заостануваше од физичка мајка, па дури и отповеќе се трудеше. Поседуваше навистина голем дар за мајчинство. Знаеше да почитува, да благодари и да љуби и затоа Бог ѝ го даде тој свештен дар.

Вечен спомен и добар ти рај, мамо!