Испраќање на баба Живка во небесниот Ерусалим

Проштално слово на монасите од Бигорски и монахињите од Рајчица, Пречиста и Кнежино, при Исходното последование на новопретставената слугинка Божја Живка Фидановска, мајката на Епископот Антаниски г. Партениј, на 28 ноември 2023 лето Господово

Мила и сакана наша баба Живка, утехо на срцата наши и мајчинска прегратко на душите монашки,

Како што во твое присуство секогаш се чувствуваме сакани, слободни и сигурни, како деца на една грижлива мајка, така и сега, кога физички си заминуваш од нас, ти не нѐ лишуваш од својот мајчински покров, туку повторно нѐ собираш под него, како што го правеше тоа со голема нежност и посветеност и при монашењата на сите нас. Нема никогаш да ги заборавиме тие осветени и вечни мигови кога секого од нас го испраќаше кон светиот олтар, пред Христа, како сопствена рожба, како свое родено чедо. Та, ти така постојано и нѐ нарекуваше: деца мои, чеда мои. И во тој твој умилен мајчински глас навистина имаше бездна на љубов и сострадание, на надеж, ободрување и спокојствие.

Затоа сега, со таговна радост во срцата и со длабока благодарност и почит, се сеќаваме на заедничките моменти поминати со тебе – моменти на родителска поткрепа и грижа. И ете, спомнувајќи си за нив, пред нас како да се открива тајната на благодатното дејствување на Мајката над сите мајки, Пресветата Владичица наша, Којашто ти особено ја сакаше и почитуваше и секогаш Нејзе ѝ се молеше. Сега гледаме дека, всушност, Самата Таа мистично делуваше преку тебе, бидејќи ти си го направила своето срце нејзино живеалиште. И сега сфаќаме во целост што значат зборовите на Старецот наш свет, Епископот г. Партениј, кој често ни повторуваше дека токму од тебе научил дека родителската љубов не е само биолошка категорија, туку пред сѐ, љубов до самозаборав која оди напред во жртва за сите. Оти, објаснува тој, иако ти не си го родила физички, сепак си била вистинска мајка, со самопожртвувана љубов за децата што ти ги довери Бог. О, таа света твоја евангелска љубов! Љубов којашто ни го исхрани и воспита нашиот духовен татко во Христа и Старец на множество монаси и монахињи! Блажена и триблажена е твојата нежна ангелска душа, која во овој суров свет остави бесценет пример дека вистинската љубов е не само можна, туку и неопходна и единствено плодотворна и исцелителна! Љубов, којашто себеси се заборава за доброто и радоста на другите! О, благословена наша баба Живка! Ти која го носиш името на Животот, животот на многумина им олесни и разубави преку твојата свештена љубов! Ти на дело му покажа на светот дека жив е Господ и живо е Евангелието Негово. Божјиот печат што ти си го врежала во срцето на нашиот Старец утеши и израдува безброј души. Еднаш еден наш брат го слушна Старецот како утешува едно свое духовно чедо, девојка, којашто со солзи му се жалеше дека еднаш скршената чаша не може да биде залепена повеќе. А Старецот со сигурност и утеха ѝ одговори: „Не, чедо мое, не е така кај Бога. Јас познавам еден човек, кому кога беше мало дете му почина мајка му. Но, Бог наскоро му испрати втора мајка, којашто во ништо не се покажа подолу од вистинска биолошка мајка, па дури се потруди и повеќе. Значи, кога Бог ќе залепи нешто скршено, тоа станува ново и уште поцврсто“. Се разбира, тоа момче беше самиот тој, а неговата втора мајка беше токму ти.

И така, возљубена наша баба Живче, твојот живот беше свештен епитом на мајчинство, на сострадание, на неуморно трудољубие и работиловост, на молитва, на духовна ревност, на љубов кон Царицата Мајка – нешта што ни ги остави како непроценливо наследство за сите нас. Ти беше таа којашто мајчински го закрилуваше нашето братство, ги поткрепуваше браќата монаси, ги подучуваше во домаќинското работење, им готвеше, им месеше, им чистеше, и најважното – непрестајно се молеше за нив.

Ти беше мајка со необична сила и грациозност, со „срце ширини широко и длабини длабоко“, коешто беше секогаш отворено за оние кои беа во неволја или имаа потреба. Твојата способност да сослушаш, да сострадуваш и да споделиш болка човечка беше скапоцен дар од Бога. Во моменти на тага или радост, ти знаеше како да тагуваш со тажните и да се радуваш со радосните, а беше и извор на добро расположение и на ведрина. Со својата, пак, посветеност кон молитвата и служењето на другите, ти беше пример за христијанското живеење во неговата најчиста форма. Секогаш подготвена да послужиш, да се молиш, да сакаш без услови, ти беше олицетворение на Божјата љубов во човечки облик.

И сега, испраќајќи те со солзи во очите, но и со благодарност во срцата, го благословуваме и почитуваме твојот живот, твоето свето наследство на добрина и љубов. Макар и физички отсутна, твојот дух останува со нас како вечен пример за тоа што значи да се живее во мајчинска љубов и сочувство. Те испраќаме кај твојот возљубен Боро, твојата љубов, твојата радост и живот, со кого „ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни влас­ти­те, ни сегашноста, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ни­ту, пак, кое било друго создание не можеше да ве оддели од љубовта Божја во Христа Исуса, вашиот и наш Господ“. Одете сега кај Него, во небесниот Ерусалим, во Градот на живиот Бог, кај Мајката Божја, кај Ангелите и Светиите и спомнувајте си за вашето духовно наследство на земјата. И да знаете дека вашиот живот и уште повеќе – вашето заедничко упокоение во неразделна и света меѓусебна љубов, ќе останат за нас светлина и сила, благослов и светост, поттик и воздвиг. Оти, без сомнение, вашиот светол живот и блажен крај испишаа пред нас едно ново Житие Свјатих.

Достојно блажени и секогаш спомнувани дедо Боро и баба Живка, вечен ви спомен!

Со ужалени и среќни срца ве испраќаат во Христовите прегратки вашиот син, Епископот Антаниски Партениј и вашите внуци: монасите од Бигорски и монахињите од Рајчица, Пречиста и Кнежино.