Искушенија и заблуди

 

Не е чист оној кој не го познава злото, туку оној
кој против него постојано се бори
(преподобен Исак Сирин)

Ако си решен да ја оставиш својата сопствена волја и да ја следиш волјата Божја, тогаш од самиот почеток биди подготвен на тешка борба. Во твојата внатрешност ќе се подигнат безбројни желби. Секоја од твоите сили ќе постави барање, не водејќи сметка за Божјата волја. Заради твојата цел, ќе мораш да ги скротиш сите твои страсни желби, секогаш да се спротивставуваш на сè што е лошо и да се принудуваш на добро; постојано да се бориш против себе и против сè друго што ги поддржува твоето самоволие, твоите желби и барања. Ваквата борба со непријателот во твојата сопствена внатрешност е најтешка од сите. Мора да научиш како да започнеш борба против злото во своето срце, да му пружиш отпор на демонот преку многу твои победи и порази, и во духот да тежнееш кон Бога. Затоа победата и умртвувањето на твојата самоволна алчност е најпрекрасна од сите победи (старец Никодим).

Почеток и предуслов на сите внатрешни победи е кршењето на твојата волја при предавањето на Бога. Овде, водечка духовна борбена сила е презирањето на алчноста на природата; без таа сила, непријателот и без борба носи победа. Нашата највнатрешна сила – духот – стои во центарот на таа борба. Свеста и самоопределувањето се одлучиле за доброто и, поддржувани од благодатта, се гнасат од секоја страсна желба и нечистотија. Всушност, во тоа и почива преобразбата. Важните оружја овде даваат внатрешна собраност и самопознание, при неограниченото осудување на сопствените недостатоци и слабости, нескршливо спротивставување на грешните помисли, навики и страсни желби. Страсните желби од своја страна стремат токму духот, свеста и слободата да ги потчинат на себе. Сè додека нашето самоопределување стои на страната на доброто, победата и кај најсилните искушенија е наша. Сепак, таа не зависи само од нас; нашиот дух претставува само една потпорна точка на оваа борба. Победничка и уништувачка сила за страстите е Божјата благодат. Со помош на нашата свест и самоопределување, таа уништува сè што е лошо во нас, а воспоставува добро. Горделивите залудно фантазираат со сопствена сила да ги совладаат страсните движења. Човечката слобода оди само дотаму да се труди да се оддалечува од гревот; таа не може без Бога да ги уништи страстите во нашата внатрешност (свети Теофан Затвореник).

Од тоа следува овој закон на борбата: Бори се со сета сила, сепак не се надевај на себе, туку на живиот Бог.

Без помош на благодатта ти не си во состојба да победиш ниту една единствена страст, ниту една единствена страсна желба. Значи, секогаш треба да се молиш за Христова помош. Токму затоа Он дојде во светот, страдаше и умре и воскресна од мртвите, за да нè ослободи од насилната власт на гревот и на страстите, да ја исчисти нашата душа, да нè зацврсти и смири во добро со силата на Светиот Дух. Како што грешиш секој час, така секој час повикувај Го Спасителот и ќе бидеш спасен. Он, всушност, заради тоа и дојде, за да ја обрати душата, да ја преобрази и целосно да ја обнови, да ја разреши во Светиот Дух, да ѝ дарува нов ум, нови очи и уши, нов духовен говор. – Кој навистина тежнее кон Бог, Му ја принесува целата своја љубов, ја врзува целата волја за Него… Тој се принудува себеси на добро, на љубов. Ако сè уште не поседува љубов, се принудува себеси на благост и на милост, трудејќи се никого да не осудува и секакво непочитување и презир кон себе – без роптање да поднесе. Се принудува себеси на молитва. Кога Бог ќе види како човекот се труди и се принудува против својата волја, тогаш Он му дарува вистинска молитва, чиста љубов и добрина и го исполнува со плодови на Духот (свети Јован Кронштатски).