Ова што ќе ви го кажам се случи во 1985 година. Олга, 10-годишно девојче со тумор на мозокот беше подложена на радиоактивна терапија со цел да се намали растењето на ракот. Оваа болест се манифестираше со ужасни болки и несвестици. Нејзините родители беа едноставни, обични луѓе од Атина. Докторите во Грција уште од самиот почеток ја утврдија незгодната положба на туморот во главата. Единствена надеж за исцеление преостануваше само Бог и можеби интензивен медицински третман во Америка. Еден од нивните роднини живееше во Бостон и ги покани да дојдат во овој град каде што се наоѓаше најдобрата детска болница во светот. Семејството си ги уреди сите работи и се упати кон последното место каде сè уште имаше надеж за исцеление на нивната ќерка.
Во нивната животна приказна немаше ништо освен страдања и трауми. Како може Бог да дозволи такво нешто? Претходно, 7 години наназад жената не можеше да забремени. Тогаш живееја како едно обично семејство без некое посебно познавање за верата. Кога исчезнаа сите нивните надежи да добијат дете, Господ им даде девојче. Тие Го прославија Бога за овој дар и сиот свој живот го уредија околу дарот што им беше даден. Кога девојчето достигна возраст од 10 години, тоа започна да покажува некакви чудни симптоми како тешки, силни главоболки и страв. Започнаа со серии на тестирања и проблемот беше дијагностициран, но, таа дијагноза беше страшна, толку што на човек му се пресекуваат нозете кога ќе ја чуе. Оваа дијагноза им ја потресе душата и раскина срцето.
Со оваа трагична дијагноза сопружниците ги напуштија своите работни места во Атина и тројцата заминаа за Америка. Тргнувајќи на ова неизвесно патување, не можеа да знаат ни кога, ни како ниту дали воопшто ќе се вратат дома. Но, нивен придружник беше едноставната вистинска и силна вера. Година и пол пред тоа, тие имаа добиено цела дузина аудио касети. Тоа беа касети со проповеди кои во целост им го променија погледот на животот. Овие беседи ги исполнија со вера, вера која што извира од најскриените длабочини на една личност.
И кој беше одговорот Божји на тоа?
Кога овој пар не одеше во Црква, им се случи раѓањето на Олга. Но, штом се обратија кон верата, ракот си го покажа својот гнасен лик! Зошто Господ ги прави овие работи? Зошто никој не се осмелува да си го каже своето мислење онака како што би сакал? Можно ли е, во краен случај, да веруваме во некаков си Бог Кој не постои, а да не Го познаваме вистинскиот Бог? Можеби треба да се трудиме да спознаеме кој е Он вистински , а не Кој би сакале ние да биде?
Олга многу добро соработуваше со екипата на доктор Џон Шилито во Бостонската болница. Тој беше можеби најдобриот онколог во детската болница во Бостон. И сите негови соработници се вложија максимално во духот на љубовта да му помогнат на девојчето. Ја лекуваа како да е единствениот пациент што го имаат. Наодите и резултатите на прв поглед се чинеа надежни сè додека во еден миг Олга не падна во кома. Редицата тестирања што следеа покажаа дека туморот интензивно се проширил во мозокот. Тие ставија крај на сета надеж. Преостануваше само да се известат родителите. Родителите требаше да знаат за да одлучат дали би сакале детето да остане во Бостон до моментот кога после смртта телото ќе треба да се пренесе во Грција, или можеби ќе сакаат да ја однесат во Грција пред да се упокои. Ако родителите се одлучат за второто, ќе мора да сфатат дека има меѓународни закони кои го регулираат преносот на смртно болни пациенти. Докторот на болницата мора да гарантира дека пациентот нема да умре за време на патувањето.
Сето ова се случуваше во неделата, 28 април 1985 година, Неделата на Мироносиците. На родителите до овој момент не им беше кажано ништо. Тие беа во агонија, очекувајќи го најлошото. Тој ден, доктор Шилито требаше најпосле да разговара со нив за можниот исход, но, никој од грчко-американските волонтери во болницата не сакаше да им го преведе на родителите она што докторот требаше да им го каже. Сите одбија зошто навистина е тешко да му се каже на родителот дека неговото дете нема никакви шанси за преживување и умира.
Најпосле, одговорноста да им се каже на родителите падна на мене. Имав слушнато за ситуацијата, но ги немав сретнато ни детето, ниту родителите. Во никој случај не можев да ја одбијам одговорноста да ги известам. Се согласив да го подигнам заедно со нив овој навистина неподнослив товар. Тоа беше нешто што едноставно тешко можеше да се истрпи.
Се качив на осмиот кат каде што беа сместени децата болни од рак. Ми беше многу тешко, се почувствував толку стегнато, слабо и непријатно кога влегов во ходникот. Но вистинската вознемиреност настапи кога ме внесоа во собата каде што имаше 3 деца во колички, приклучени на апарати за хемотерапија. Некои од децата беа гологлави и гласно смеејќи се, гледаа цртани на телевизија. На едната страна од собата имаше мало девојче седнато на двоседот. Таа имаше 13-14 години и беше замислена. Седеше така загубена во некој свој свет. Очите и беа исполнети со болка. Ме пронижа со длабокиот продорен поглед на нејзините очи. Зошто овие деца да страдаат? Зошто наместо да бидат исполнети со сладоста на иднината, сега ги вкусуваат горчините на болницата, страдањето и тагата на неизвесноста? Зошто е ова вака, мил Боже? Пред само неколку минути, пред да влезам во болницата, поминав низ еден локален парк во којшто си играа мали дечиња. Тие беа тотално несвесни за она што се случуваше во болницата и заедно со своите сакани родители се смееја гласно додека си играа. Каква огромна разлика, каква неправда, каква неискажлива неспоредливост со она што се случуваше во болницата!
Тогаш, ме одведоа кај тројца луѓе кои зборуваа грчки. Имаше двајца мажи и една жена. Несомнено, двајца од нив беа родителите на Олга а третиот беше нејзиниот чичко. Им пристапив и се запознавме. Тие ми се заблагодарија што сум овде и уште пред да можеме да размениме збор-два, ме повикаа во канцеларијата на доктор Шилито. Влегувајќи во канцеларијата, погледот ми го привлече рамката со 3 слики што стоеше на бирото. Тоа беа ќерките на докторот. Тие беа три прекрасни девојчиња што ја осветлуваа канцеларијата и веројатно тој многу ги сакаше. Но, тука немаше ништо чудно, беше тоа една сосема природна и благословена манифестација на љубовта на докторот. Олга беше во соседната просторија, нејзиниот лик се беше променил поради борбата со смртта. Родителите беа скршени.
Докторот, после краткиот вовед премина директно на темата заради која бевме повикани.
,,Како што знаете, Олга има тумор на најнепристапното место во мозокот, кое не може да се оперира. Се обидовме да го намалиме со зрачење. Прво, Олга реагираше многу добро, толку добро што имавме големи надежи за неа. Но, за жал, завчера таа падна во кома од која како што покажуваат тестовите, нема никогаш да стане.‘‘ Родителите го слушаа внимателно секој збор. Слушајќи ја веста, таткото започна силно да липа. Но, мајката ги задржа своите чувства.
— Со други зборови, докторе, кажете ни искрено.
— Заклучив дека Олга нема да оздрави, таа полека умира.
— Што значи тоа полека умира, докторе?, се осмелив да прашам.
— Тоа значи дека за неколку часа, можеби и во текот на ноќта, таа ќе умре. Верувам, без никакво сомневање дека нема ни да ја преживее ноќта. Теоретски, можам да ви дадам некаков рок – најдоцна до рано наутро.
— Со други зборови, докторе, само чудо може да ја спаси, рече мајката.
— Да, само чудо, повтори докторот.
Таткото продолжи да плаче неконтролирано.
— Докторе, сакаме да ви заблагодариме многу за се што направивте за Олга целото ова време, рече мајката. – Ние можеби, човечки гледано, ја губиме битката, но се подготвуваме за чудо. Или, наспроти вашите прогнози нашата ќерка ќе стане подобро, или пак, таа ќе стане мало ангелче крај Престолот Божји. Нели е и тоа едно мало чудо? Гледате ли колку добро девојче е таа? Се разбира, ние се молиме со сета сила за првата опција. Тоа само покажува колку мала вера имаме. Но, ако Господ допушти и второто нешто да се случи, тогаш и тоа ќе го примиме како дар. Едноставно кажано, сега мора сето наше внимание да го насочиме кон Бога. Наша грешка е што можеби ова требаше да го направиме од самиот почеток. Знаете, прво верувавме на вас, докторите а потоа на Бога.
— Така стојат работите, вашата вера е она што ќе ви помогне сега, рече докторот.
— Не, докторе. Верата не помага. Верата е човечка, таа е нешто наше. Единствениот Кој може да помогне сега е Самиот Господ.‘‘
Во сите овие работи што се случуваа јас бев само еден преведувач и запрепастен слушател. Каква сила, каква вера имаше оваа жена! И почувствувавме дека сето она што таа ни го кажуваше не беше само израз на нејзините психолошки чувства, ниту беше некаква проповед. Тоа едноставно спонтано извираше од неа. Однатре, како некоја неискажлива радост. И ни беше толку едноставно и успокојувачко за нас бидејќи беше одраз на чистотата на нејзиниот внатрешен свет. Она што излегуваше од нејзината уста беше достоинство, мир, љубезност, самоконтрола и вистина. Истата таа вистина извираше и од нејзините очи, кои за целото време имаа израз на надеж и не пролеаја ниту една солза.
Излеговме од канцеларијата и седнавме заедно за подобро да се запознаеме. Во вакви мигови, луѓето се поврзуваат многу понепосредно и силно. Но, сега пред мене имав нешто кое беше неверојатно длабоко. Оваа жена беше отворена и искрена со нас а сепак криеше несогледливи длабочини. Зборовите кои излегуваа од нејзината уста ја имаа силата и убедливоста на таа скриена реалност во нејзиното срце. Повеќе од сè ѝ се восхитував на таа нејзина сила.
Се разделивме со голема топлина. Мораше да заминам, бидејќи имав закажана средба. Но, требаше да ги посетам истата вечер во 22 часот, надевајќи се дека ќе ја најдам Олга сè уште жива. Од време на време се јавував во болницата за да дознам како е таа. Веќе дојде 22 и 30 часот а Олга беше сè уште жива. Господин Костас и госпоѓа Марија, овие извонредни родители, спокојно се подготвуваа за секаков исход, но се надеваа и молеа за мало чудо, како што велат луѓето. Господ беше Оној Кој ја донесе Олга во нивниот свет, зарем тоа не е големо чудо – не можеше ли и сега да ја заштити? Со смирени зборови тие проблемот го припишаа на нивните гревови.
Еден час подоцна персоналот на болницата веќе носеше монтажни кревети, перници и чаршафи за родителите кои решија да останат со својата ќерка. Оваа болница е навистина чудесна. Социјалните служби се подготвени за секаква ситуација. Политиката на болницата е самите родители да можат да ја поминат ноќта со своите деца ако така сакаат. Но, родителите на Олга не можеа да заспијат, наместо тоа разговараа тивко и се молеа. Нели докторот рече дека Олга нема да ја преживее ноќта? Нивната вера беше неискажлива. Тие зборуваа за чудо како да е тоа нешто најнормално и природно. Разговараа за вечноста како што ние разговараме за секојдневниот живот. Веруваа дека волјата Божја, каква и да е таа, ќе им биде голем благослов. Искрено, од една страна, би почувствувале неискажлива радост доколку таа преживее. Но, од друга страна, ќе им биде радост да ја примат вистината каква и да е таа. Ова второто, беше најтешко но и најочекувано. Она првото, пак, најпосакуваното.
Останав со нив до 1 и 30 ноќта и не можев да се донаситам од дружбата со нив. Секоја следна средба уште појасно ми покажуваше колку силни во верата се овие луѓе. До тогаш немав сретнато таква вера. Оваа вера не само што дава сила човек да продолжи после смртта на љубениот, туку дејствува и на другите околу, давајќи им утеха. Исто оваа вера ќе блесне силно во мигот пред да го видат последниот здив на своето единствено дете. Морав да признаам дека секој миг со нив ми беше поука. Веднаш до нас беше неподвижната Олга, во длабока кома. Таа немаше никаков контакт со светот околу неа. Можеби комуницираше со другиот свет ,којшто ни беше непознат во тие моменти. Од време на време, родителите ќе упатеа кроток поглед кон безживотното тело на нивната ќерка со болен сомнеж на неоправдана надеж.
Олга сепак ја преживеа ноќта. Значи, крајниот рок на докторот за нејзината смрт се покажа погрешен. Кој знае? Можеби медицинскиот став на докторот ќе потфрли. Колку е прекрасно кога понекогаш науката ќе се покаже погрешна!
Следното утро, повикав некои жени и ги споделив со нив моите длабоки впечатоци за семејството. Ги замолив да ја посетат Олга за на нејзиното семејство да им ја дадат својата поддршка, а и самите да се поткрепат од ова искуство на жива вера.
Олга издржа и во понеделникот. Таа ноќ, враќајќи се од работа, повторно ја посетив фамилијата. Родителите одлучиле да се вратат во Грција со Олга и да и овозможат таму да се упокои. Во текот на понеделникот, тие ги направија сите подготовки за патувањето. Најпосле уредија Олга, доколку сè уште е жива, да тргне од Њујорк во средата, на 1 мај 1985 година. Повторно останав со нив до доцна во ноќта, хранејќи се од благодатта на овие неверојатни луѓе. Го очекував заминувањето на Олга или на авион за Грција, или со ангелите во нејзиниот вечен дом. Тоа беа навистина силни мигови, силни и многу реални за светот на живата вера од огромни размери.
Беше вторник утрото, 30 април. Телефонот заѕвони. Една од трите жени со коишто разговарав претходниот ден зборувала со својот духовен отец, добро познатиот старец Порфириј. Тој имаше дар на прозорливост и беше познат како свет човек, гледаше таму каде што човечкиот вид не можеше да продре. Тој кажа дека ќе се моли за Олга, но и тие исто така треба да се молат заедно со него и Господ ќе го направи Своето чудо. Крајниот заклучок беше дека сепак има надеж.
— Те молам – и реков – не брзај да им кажеш нешто вакво. Ја знаеш ситуацијата. Ги знаеш параметрите на овој проблем, девојчето умира. Се чудам што уште е жива. И ти самата го виде со свои очи. Подобро е да не кажуваме многу – и реков – подобро е вака отколку да им даваме надеж а потоа ништо да не се случи.
Олга преживеа и во вторникот. Околу 22 часот таа вечер пристигнав на мојата вообичаена посета за поткрепа на верата кај семејството. Влегов во собата и видов сцена крајно невообичаена за една американска болница. Олга беше во својот кревет, во својата мирна благословеност. Господин Костас седеше недалеку од неа, а госпоѓа Марија, мајката, беше со госпоѓица Василија, една извонредна грчко-американска волонтерка. Таа им беше навистина како мајка на сите овие деца. Двете заедно кажуваа зборови од една непозната молитвена служба. Овие молитви не ми беа познати. Имаа запалено темјан, свеќа, ставено икона од Пресветата Мајка над детето и двете беа задлабочени во тивка молитва. Седнав веднаш до вратата. Всушност седев делумно внатре а делумно надвор од собата. Сестрата пристапи и ме праша:
— Што прават? Што е тоа што го горат и што мириса вака? Да не припаѓаат на некаква си чудна секта?‘‘
— Тие припаѓаат на источно-православната христијанска црква – и одговорив лаконски,
мислејќи дека таа има некакво познавање за нашата источна култура. Таа ја напушти собата а ние другите останавме внатре. Знаев многу молитви но молитвите кои ги читаа ги слушав за прв пат. По 15 минути тие завршија со молитвата. Имаа донесено малку маслиново масло од кандилото од познатиот храм на Пресвета Богородица на Тинос, во Грција и од Пресветата Богородица Канала. Со двете масленца Ја помазаа Олга на нејзиното чело, на градите и на десната и левата рака, правејќи го знакот на крстот. Детето беше неподвижно, но, кога го осенија со крст нејзиното лево стапало, Олга ја подигна ногата и ја спушти а потоа го повтори ова движење уште еднаш. Немаше друго движење. Двете жени извикаа молитвено: ,,Пресвета Мајко, направи ѝ чудо‘‘, и постојано правеа крстови, бакнувајќи ја Олга на челото. Олга остана потоната во својот свет.
Некое време детето беше без никакво движење. По кратко, мајката му пристапи и шепна:
— Олга, мила моја, ме слушаш ли?
Олга кимна потврдно.
— Отвори ги очите, мое мило чедо.
Малечката се обиде неуспешно да ги отвори очите.
— Испрати и бакнеж на госпоѓица Василија.
Со ритмичко движење, таа ги придвижи усните. Мојата логика работеше со полна пара. Си велам ми се причинува. Сигурно сме виделе некаков несвесен рефлекс на телото, некаква механичка реакција. Ја прашав Деби, медицинската сестра, дали ѝ се подготвени сите информации за сестрата што доаѓа во следната смена. Смената на сестрите се случи во 23 часот и сите можни индикации наговестуваа дека за кратко време детето ќе умре.
Времето минуваше. Олга пребиваше во својата претходна состојба. Таа беше тивка и неподвижна и немаше никаков осет за комуникација со светот околу неа. Никој не се осмели да ја вознемири. Полека врвеше полноќ. Госпоѓа Марија, не можејќи повеќе да се контролира, се наведна и почна нежно да ја бакнува својата ќерка на челото. Во тој миг, не знаеше дали и се причинува или не, девојчето како да реагираше на нејзиниот допир. Сега веќе жените беа уверени дека нешто се променило. Господин Костас емотивно и со сомнеж го следеше тоа што се случуваше. Јас, пак, повторно дозволив логиката да ме победи. Не можев да го извадам од глава тоа дека во најдобар случај зборуваме за некакви минорни промени, дека детето всушност е готово, немам ни најмала надеж за исцеление. Госпоѓа Василија ми рече дека немам вера. Којзнае, можеби беше во право што рече така.
Прогнозата на докторот беше дека Олга ќе умре во неделата вечер. Веќе беше среда а детето, иако одвај, сè уште покажуваше знаци на живот и комуникација. Се поделивме на две групи: оние кои веруваат во нејзиното исцеление и оние кои беа скептични и го очекуваа мигот на смртта. Јас бев среде студенилото на втората група, имајќи ја логиката за свој сопатник. Топло се збогував со семејството што си замина за Грција. Едно посебно амбулантно возило го однесе детето во Њујорк во истата состојба што ја опишавме. Детето беше проследено од медицинска сестра и патуваше за Грција во кревет. Се очекуваше дека таму ќе умре.
Следниот петок, се јавивме на еден број во Грција што ни го беа дале за да дознаеме што се случува со детето. Ни кажаа дека Олга постепено закрепнува, но сè уште е летаргична. Едноставно кажано, комуницира на некаков свој начин. Следниот ден требаше да се направат повеќе тестови. Се договоривме да се слушнеме на телефон во вторникот. Тоа беше десеттиот ден после дадената дијагноза и прогнозата за нејзината блиска смрт. Многу пати се обидовме да им се јавиме, немаше одговор. Заклучивме дека Олга веројатно умрела и нејзините родители ја однеле во селото за да ја погребат, па не сакавме повеќе да ги вознемирувме. По две недели најдовме свештеник во Бостон и направивме молитва за упокоени. Тоа беше една искрена молитвена воздишка од нашите срца.
Помина мај а потоа и јуни и веќе настапи јули. Немавме добиено никакви нови вести и веќе за нас беше продолжило секојдневието во Бостон. Во болницата пристигнуваа други деца од Грција и го живеевме секојдневниот трауматичен спој на болка и радост. На 8 јули, пристигнувајќи во Атина од Лондон, решив веднаш да направам неколку телефонски повици. Им се јавив на госпоѓа Марија и господин Костас. Можеби веќе се беа вратиле од селото.
— Кој е на телефон? – слушнав мало детско гласче од другата страна на линијата.
— А која си ти? – прашав јас запрепастено.
— Јас сум Олга – одговори детското гласче.
— Ти си Олга? Која Олга? – прашав, сега веќе засрамено.
Ми го кажа целото име и со чувство на возбуда го изрази своето мислење за тоа кој сум јас. Потоа рече:
— Пресветата Мајка го направи Своето чудо.
Олга ме покани дома за да разговараме на тема географија, аритметика и така натаму. Таа ме покани мене, човекот што побрза да направи заупокоена служба за нејзината душа. Ја побарав мајка ѝ на телефон.
— Колку голем Бог е нашиот Бог! – ми рече госпоѓа Марија од дното на срцето.
Набрзина го завршив разговорот и веднаш тргнав кон нивниот дом. Кога стигнав таму, прекрасно мало девојче ми ја отвори вратата. Нејзината коса веќе беше почнала да расте. Беше малку хиперактивна, емотивна и полна со живот. Ѝ ги поставив прашањата што се вртеа во мојата глава и таа ми одговори со радост. За кратко време веќе си игравме заедно. Се почувствував изневерен од сопствената логика. Не можев да верувам што гледам. А претходно поверував во она што не го имав видено. Животот на Олга за мене е најсилниот шамар што некогаш сум го добил заради своето неверие.
Од тогаш поминаа 25 години. Олга заврши факултет и е голема радост и среќа за своите родители. Сега има и помала сестра и стана вистинска млада дама. Ова девојче ги направи лажговци најголемите научници на светот. Ја раскина на парчиња логиката на докажаните статистики. На сите ни покажа дека каде што сака Бог се надминуваат законите на природата и дека навистина Бог на боговите живее и во наше време. Чудесен е Бог во Своите Светии! Амин!