Единствено што нѐ привлекува е Христос, Неговата Личност. И должни сме да Го живееме Христа како мера на секое естество, божествено и човечко. Во Христа Го имаме својот Бог Создател. Во Христа го имаме примерот, откровението на Планот Божји за човекот. Љубовта Христова треба секогаш да го исполнува нашето срце. Во Бога не живееме со интелектуално размислување. Бог ни се открива со своите енергии. Го живееме Христа како наш личен живот, а не како некого кој ќе го познаеме надворешно.
Христос рече: Јас сум патот. Ако е Он патот должни сме да го следиме не надворешно, туку внатрешно. И, да помниме оти на Голгота и во Гетсиманската градина се бореше против сите. Сам!
Понекогаш кога љубовта Христова нè допира, ја чувствуваме вечноста. Тоа не може да биде разбирливо со разумот. Бог дејствува на Негов начин, кој е недофатлив за логиката. Во нашиот христијански живот, не треба да се потпираме единствено на својот разум.
Постојат надворешни показатели кои ни овозможуваат да пресметаме на која оддалеченост се наоѓаме од Бога: го следиме ли словото на Евангелието? Го достигнавме ли совршенството, односно љубовта за целиот свет без да правиме разлика помеѓу непријателите и пријателите?
Не постои разлика помеѓу заповедите Христови и животот на Самиот Бог.
Пазејќи ги Неговите заповеди, стануваме органски слични со Христа.
Како да го поминеме денот без грев, или со други зборови, свето? Еве го нашиот секојдневен проблем. Како да ги преобразиме нашето битие, умот, чувствата, самите наши природни реакции, така што да не сториме грев против нашиот Небесен Отец, против Христа, против Светиот Дух, против човековата ипостас, против нашиот брат и против секое нешто во овој живот?
Удостој нѐ, Господи, во овој ден да се сочуваме од грев. Многупати ја повторував оваа молитва на Црквата. Нашиот безгрешен живот на земјата, ни ја отвора вратата на Небото. Тоа што го спасува човекот не е богатството на знаењето. Животот без грев е тоа што нè подготвува за живот со Бога во идниот век. Благодатта на Светиот Дух нè поучува на вечните вистини по мерата на нашето живеење согласно со заповедите: Возљуби го твојот Бог и твојот Создател со целото твое битие и возљуби го твојот ближен како самиот себе си. Да, држете ги секогаш овие заповеди.
Останете во молитва, останете во подвиг, да го поминеме денот без грев. Сè останато ќе ни биде дадено од Самиот Бог.
За да ја сочуваме благодатта на Светиот Дух должни сме да се држиме подалеку од секоја помисла која не му е угодна на Бога – ни вели Старец Силуан. Ова е нашето дело. Ова е нашето духовно восовршување. Но, бидејќи станува збор за спасение во вечноста ова восовршување не завршува никогаш. Почнуваме и повторно почнуваме, без крај.
Не можеме да го вообличиме внатре во нас образот Христов, освен ако не сме навистина соединети помеѓу себе како што тоа Христос го бараше од Своите ученици. Љубете се еден со друг за да познае светот дека сте Христови.
Животот на другите за мене има поголема вредност од самиот мене, од самиот мој живот. Кога ќе го разберете ова помеѓу вас повеќе не ќе постојат судрувања. Решението на еден проблем или на една расправа не зависи од некаква посебна постапка, ниту пак од начинот на однесување туку од одлуката да претрпиме сè. Секој од нас должен е да има за другите љубов каква што ја има мајката.
Должни сме да бидеме крајно чувствителни за потребите на другите. Тогаш ќе бидеме едно, и благословот Божји ќе останува секогаш со нас. Неисцрпен!
Треба да ја имаме свеста на Христос, Којшто го носи во Себе Си целиот свет; во ова се состои соборноста на човековата ипостас (личност). Словото Христово не се врзува, нема граници.
Ако, како што исповедаме во Символот на верата, Христос е вистински Бог, Спасител на светот, Творец на сè создадено – низ Кого сè постана – како можеме да ја восогласиме оваа теорија со идејата на национализмот, на местото, на времето… ?
Не познавам Христос, грчки, руски, англиски, арапски… Христос за мене е сè, натсветско Битие.
Во Писмото често се наведува дека Христос умре за целиот свет, заради гревовите на сите луѓе. Доколку ја ограничиме личноста Христова, доколку ја спуштиме на рамниште на нациите, губиме сè и се внурнуваме во темнина. Тогаш се отвора патот кон омразата меѓу народите, кон непријателство меѓу општествените групи.
Читајте го Свети Силуан. За него секој човек во светов има свое дело: еден е цар, друг патријарх, професор или работник. Тоа не е важно. За Свети Силуан не постои никаква разлика ако некој е цар или работник. Оној, пак, кој Го љуби Христа ги вподобува и ги носи внатре во себе чувствата кои ги имаше Исус Христос, го живее човештвото како едниот Адам, се моли за Адам серодителот. Еве го вистинското Христијанство.
Христос е неограничен Бог. Не се распна само за верните, но за сите луѓе од Адама до последниот што ќе се роди од жена. Да Го следи некој Христа, значи да страда заради исцелување и спасение на целото човештво. Не може да биде поинаку.
Извадок од книгата: Архимандрит Софрониј (Сахаров), За Духот и Животот, Скопје 1996, 21-26.