Живеејќи во светот и во нашево време, гледајќи ги настаните што се случуваат денес, сведочејќи за вознемиреноста, за немирот, за несигурноста коишто постојат, ми доаѓа на ум едно прашање, многу пати во моите мисли и во моето срце – какво семејство, всушност, сакаме денес и какво семејство би требало да сакаме?
И тоа, набљудувајќи од она што го живееме, од она што ни се случува, од проблемите што ги имаме во нашите домови, од тешкотиите што ги среќаваме во нашите меѓучовечки односи во нашето семејство, од тешкотиите на комуникацијата што честопати ги има во самиот дом, од тешките односи што често ги доживува еден пар, од тешкотиите во комуникацијата најчесто со нашите деца. И прашањето на крајот е: какво семејство сакаме? За какво семејство се трудиме? И дали сме размислувале како ќе стасаме до него? Но, ајде да ги видиме работите од почеток.
Семејството се темели во светата тајна Брак, тоа е реалноста којашто ја живееме во Црквата. Двајца кои се сакаат доаѓаат, за да ја накалемат својата човечка љубов на Божјиот калем. За животот на Црквата, Бракот е тајна на љубовта. Чија љубов? Љубовта на Бог кон човекот, љубовта на мажот кон жената и на жената кон мажот, љубовниот однос на личностите.
Таму каде што негувањето на нивната меѓусебна љубов и верност станува „да“ на благородноста кон Христа Дародавецот. Но, ајде да ги изанализираме малку овие работи, љубовта на Бог кон човекот. Тоа е љубовта којашто го создава човекот. Тоа е љубовта на Бога, којашто доаѓа да ги спои двајцата луѓе. Тоа е љубовта на Бога, којашто го доведува човекот до целосност. Ќе го видиме за скоро овој збор. Љубовта на Бога што се нуди да стане кохезивна врска во односот меѓу двајца луѓе.
Божјата љубов, којашто на светата тајна Брак доаѓа да му го принесе едниот на другиот, за секој да стане венец и слава на другиот. Божјата љубов која е присутна, и треба секогаш да биде присутна во животот на сопружниците.
Сега за љубовта на човекот кон Бога. За љубовта на човекот кон Бога општо. Затоа што таа е референца на човекот, таа е неговиот идеал, таа е изворот на неговиот живот. На Божјата љубов која го создава човекот, човекот одговара со својата љубов кон Бога, бидејќи сака Неговата благодат да го одржува целото негово човечко суштествување, да му дава смисла на животот и да разубави сè во животот. Љубовта на човекот кон Бога, која е природна референца на неговиот живот кон неговиот почеток, кон прототипот.
Љубовта на мажот кон жената и на жената кон мажот. Не може да има брак без оваа љубов, без овој ерос на едниот кон другиот. Оваа желба на секого да живее и да го сподели својот живот со другиот. Важно е оваа љубов да биде вистинска. Важно е да не биде само впечаток на моментот. Важно е да не биде егоизам на местото на љубовта. Љубов која го води секого да излезе од себе, за да се сретне со другиот. Која го наведува секого да се испразни од своето постоење, за да се наполни со присуството на другиот. Оваа љубов којашто станува причина едниот да биде радост на другиот, а не пекол.
Љубовната врска на личностите е темелот на вистинскиот брак. Оваа љубовна врска доаѓа да ја прими Светиот Дух и да ја накалеми на Христовиот живот и да им понуди, не љубов како човечко чувство, туку љубов како прв плод на Светиот Дух. Односно да го земе смртното и распадливото и да го накалеми на Богочовечкото и бесмртното. За да стане љубовта на личностите цврста како смрт и во оваа перспектива врската се отвора кон Светата Троица. Затоа што за оној кој го прифаќа другиот како дар од Бога, тогаш нивната меѓусебна верност и љубов станува „да“ на благодарноста кон Дародавецот Христос. Тоа е реалноста. Таква е природата на нештата.
Која е целта на бракот? Едноставно би рекле дека таа е негување и продлабочување на таинството на љубовта. Бракот не е нешто моментно, ниту дадено. Тој е цел. Започнуваат, за да стасаат до полнотата на врската, врска која најпосле се комплетира во Царството Божјо. Во богослужбата на светата тајна Брак се молиме за сопружниците и за нивното спасение. Ова спасение има две димензии, вертикална и хоризонтална. Глаголот се спасувам значи станувам запазен, станувам целовит.
Човекот е создаден од Бога како машко и женско.
Многу е важна реченицата: „го сотвори според образот Божји “ – во еднина, човек, „машко и женско ги сотвори“. Ова едно се дели на две. Човечката природа е андрогина (машко-женска), во заедницата на двајцата се состои целовитоста на човечката природа, онака како што беше создадена од Бога. Во оваа заедница на бракот, секој го бара другиот, оној преку кого се комплетира. Станува целосен, станува здрав, повторно ја наоѓа својата изгубена целосност. Не е случајно тоа што остана во историјата на нашиот народ фразата „другата половина“. И така, двете половини прават цело, човек со својата андрогина природа.
Од друга страна постои вертикалната димензија, човекот станува целосен и полн кога е во заедница со изворот на својот живот – со Бога. Богочовечката природа е целосна, бидејќи е во заедницата со Бога, создаденото преку заедништвото со Несоздадениот ја надминува својата создаденост. Смртното, заедничарејќи со Бесмртниот ја надминува својата смртност. Така, во таинството на бракот, во љубовта на Бога за човекот, и на човек за човек, на мажот за жената, човекот ја стекнува можноста да достигне до оваа целосност, и хоризонталната и вертикалната целосност.
Тие не се независни една од друга, туку едната произлегува од другата, едната е инспирирана од другата. Човечката љубов е инспирирана од Божјата љубов. И кога човекот инсистира и се бори да го гледа другиот човек како икона Божја, како дар од Бога, тогаш оваа целосност во двете димензии е онаа што се доживува во семејството, во врската на сопружниците.
(од книгата: „Проблеми во воспитанието“)