Дон Жуан, синоним за непромислен, сладострасен, заводнички живот, навистина постоел. Вистинското име му било Дон Мигел де Мањара (Miguel Mañara Vicentelo de Leca). Се родил 1632, а умрел 1679 година, како калуѓер во манастирот „Санта Каридад“, во Севилја.
Дон Мигел бил истакнат севилски благородник, прочуен со својата распуштеност и со голем број љубовни авантури.
Најпосле решил да освои и заведе „свршеница на Христа“, една млада, убава и мошне побожна калуѓерка. Во судбоносната ноќ, влегол во женскиот манастир, каде што живеела таа; чекајќи да го реализира својот план во згоден момент, заспал на камената клупа, во паркот на манастирот. Го разбудило пеењето на некоја погребална поворка, составена од калуѓерки. Тие носеле факли, а на крајот, осум од нив носеле мртовечки ковчег.
– Кого го погребувате во овие доцни часови? – прашал Дон Жуан.
Го погребуваме Дон Мигел де Мањара одговорила некоја жена од поворката.
Дон Мигел – Дон Жуан се доближил до мртовечкиот ковчег, го подигнал капакот и се видел самиот себе како мртовец.
Тој шок претставувал пресвртница во неговиот живот. Се покајал, го напуштил светот и станал калуѓер. Кога влегол в манастир имал 36 години и во него останал уште цели 11 години, испостувајќи го своето тело на најразлични можни начини. Се владеел толку примерно и побожно што бил избран и за старешина на манастирот, а потоа двојно ги зголемил своите испоснички подвизи.
Пред смртта напишал нешто слично на тестамент. Во тој документ уште еднаш признал дека во текот на најголемиот дел од својот живот му служел на „Вавилон и на неговиот кнез Сатаната“. Побарал да го погребат под црковниот праг, за да можат верниците да газат по него, бидејќи „не постоел грев, дури и најлош, што не го направил“. Сам си го напишал надгробниот натпис, кој гласи:
„Овде почиваат коските и правот на најголемиот грешник што живеел кога и да е”.
Ете, тоа е крајот на Дон Жуан – Дон Мигел де Мањара, кој послужи за подлога на многу литературни соблазнителни драми и романи.