Младиот монах

Ти благодарам Боже, што денес ми го испрати Својот раб, еден млад монах. Неговото име ќе го премолчам, за да не се возгордее и со тоа да си го уништи својот свет живот.

Разговарајќи со мене за љубовта, младиот монах ми рече дека за овие триесет години од својот живот никогаш никого нема навредено. Го погледнав и мојата душа се смири пред него до земјата.

Уште од детство го засакал Бога. Согледувајќи Го Господа со духот, не се осудувал никого да разжалости и затоа Господ го сочувал од грев.

Мислам дека заради вакви луѓе, Бог го чува овој свет, затоа што тие Му се многу мили на Бога. Бог секогаш ги слуша Своите смирени слуги и поради нивните молитви, на сите нас ни е добро.

Ти благодарам, Господи, што ми го покажа Својот слуга. Колку многу светии има за кои не знаеме, а сепак ги препознаваме по духот кога ќе ни се приближат. Тогаш ние се исполнуваме со смирениот Христов Дух. Светиот Дух живее во светиите и душата го чувствува Неговото доаѓање.

О, Господи, дај да бидат сите луѓе слични на овој млад монах. Целиот свет би бил украсен со слава, затоа што благодатта Божја би била изобилна во светот. Светиот Дух и дава на душата да ја познае љубовта Божја и љубовта кон луѓето. Он ја учи душата на кротост и смирение, и таа е спокојна во Бога и ги заборава сите жалости од овој свет, зашто Духот Свет и дава утеха. Душите на светиите Го вкусуваат Светиот Дух уште на земјата. Тоа и е „Царство Божјо“ кое е „внатре во нас“, – како што рече Христос.

Денес со отецот… зборувавме за благородноста на душата.

Таа е навистина благородна, зашто самиот Господ ја украси со таа особина затоа што ја сака. Неа треба да ја чуваме. Таа се чува самата со себе. Нејзе Господ и даде душа.Господ по Воскресението им се јави на учениците. Обраќајќи му се на апостолот Петар, Он не го укори поради неговото одрекување, туку благо го праша: „Дали Ме љубиш?“ (Јован 21,15). Тие мили зборови на татковската љубов Божја ни ги упатува и нам, и ние така да постапуваме со луѓето кога нè навредуваат. Во тоа се состои и благодарноста Христова, која е неискажлива за човекот, а се познава преку Светиот Дух.

Слава на Господа и Неговото милосрдие на кое нè поучува Светиот Дух, зашто, инаку, не би знаеле каков е нашиот Господ.


Извадок од книгата: Архимандрид Софрониј, Старец Силуан, Велес 2014, 502-503