Разговор со децата

Милите деца трчаат по полињата, берат цвеќиња, пеат и се радуваат, затоа што ги весели благодатта Божја. Но, кога здогледоа монах, тие рекоа:

Погледни, Господ го украси небото со ѕвезди и земјата со реки и полиња. Орлите високо летаат под облаците и се насладуваат со природната убавина. Птиците радосно пеат во шумите и по полињата, а ти, калуѓеру, седиш во ќелијата и не ја гледаш сета таа убавина Божја. Седиш и плачеш. Зошто плачеш во својата мала ќелија, кога сонцето свети, каде светот е толку убав и кога секаде на земјата владее радост?

Така децата го запрашаа монахот. Тој им одговори:

– Деца вие не ги разбирате моите солзи. Мојата душа плаче за вас, зашто не Го знаете Бога, Кој ја создаде сета оваа убавина. Мојата душа Го познава и тоа исто ви го посакува и вам. Затоа тагувам до солзи и Му се молам на Бога за вас, и вие да Го познаете Бог Светиот Дух.

– Што значи тоа да Го познаеме Бог Светиот Дух?

– Деца, со умот не може да се познае Господ. Но, читајте го Светото Писмо во кое живее благодатта и таа ќе ве радува и ќе Го познаете Господа и ќе Му служите ден и ноќ. Кога ќе Го познаете Господа, ќе исчезне желбата да го гледате овој свет, и душата ќе тежнее да ја види славата Господова на небото.

– Но, нам ни се допаѓа цвеќето, и сакаме да се шетаме и да се смееме.

– Сакате да се шетате и да берете цвеќе, да пеете и да ги слушате песните на птиците, но на небото е уште поубаво од сето ова. Таму живее Господ со Своите ангели и светителите. И таму има радост, и таму се пеат песни, но поинакви, поубави. Ако еднаш ги слушнеш, тогаш не можеш повеќе да ги заборавиш. Тогаш душата не ја привлекуваат световните песни.

– Сепак, ние сакаме да пееме.

– Деца, пејте Му на Бог Светиот Дух. Пејте Му во смирение и љубов.

– Но, ние не разбираме зошто плачеш.

– Плачам поради вас, деца. Гледајќи ве вас, жал ми е и Му се молам на Господ вас да ве чува, за да Го познаете својот Создател и Господ. Ве гледам вас, и гледај, вие сте слични на Младенецот Христос и би сакал никогаш да не ја изгубите благодатта Божја, која сега ја имате во себе, за да не се случи, кога ќе пораснете, да станете слични на сатаната, поради нечистите мисли. Сакам секогаш да бидете слични на Синот на Пречистата Мајка Божја. Тоа вам ви го посакува мојата душа. Затоа Му се молам на Бога. Жал ми е за сите деца на светот и затоа плачам за сите невини деца и за сите сирачиња. Плачам, деца, за светот и тагувам за сите Господови народи.

– Господи, испрати ја Својата милост на децата на земјата која ја сакаш, и дај им да Те познаат преку Светиот Дух и научи ги да Те слават.

Со солзи Те молам, услиши ја мојата молитва и дај им на сите да ја познаат славата на Твојот Свет Дух”.

– Деца, љубете Го Бога, како што Го сакаат небеските војски.

– Никогаш не сме Го виделе Бога. Како, тогаш, можеме да Го сакаме?

– Деца мои мили, мислете секогаш на Бог, сеќавајте се дека Он секогаш ве сака и дека ви дарува живот за да можете вечно да живеете со Него и да се насладувате со љубовта Негова.

– Како ќе знаеме дека Он нас нè сака?

– По плодовите, деца, ќе ја познаете љубовта: кога сме во љубовта Божја, се плашиме од гревот и душата е мирна и радосна. Тогаш посакуваме цело време да мислиме на Бога и да Му се молиме, и во душата преовладуваат добри мисли.

– Како ќе знаеме какви мисли живеат во нас и кои се добри, а кои се нечисти?

– За да можете да ги распознавате добрите мисли од нечистите, треба умот да ви е чист во Бога.

– Не разбираме како можеме да го држиме умот во Бога, кога никогаш Го немаме видено Бог и не Го познаваме. Што значи – чист ум?

– Деца, мислете дека Бог вас ве гледа, иако вие не Го гледате. Така секогаш ќе одите пред лицето Господово. Тоа е мала љубов, но вас ќе ве доведе до поголема, ако го исполнувате овој мој совет. Тогаш, преку Светиот Дух ќе ви стане јасно за сè што ви говорам, а што ви е сега нејасно.


Извадок од книгата: Архимандрит Софрониј, Старец Силуан, Велес 2014, 504-506