Вторник од Петта седмица на Великиот Пост – За безгневието и кротоста

Св. Јован Лествичник

Почеток на безгневието е молчење на устата кога срцето е возбудено. Средината е молчење на мислите при мало вознемирување на душата. А врвот, пак, непоколеблив мир и покрај тоа што дуваат нечисти ветрови.

Ако знак на најдлабока кротост е тоа што во присуство на оној кој нѐ предизвикува ќе го сочуваме мирот во срцето и љубовта кон него, тогаш знак на крајна гневливост е секако, кога самите себе со зборови и со движења се караме и гневиме на оној што нѐ навредил.

Видов тројца монаси кои истовремено претрпеа иста навреда. Првиот се навреди, но премолчи. Вториот се зарадува заради себе, а нажали поради оној кој му нанесе навреда. А третиот, замислувајќи ја штетата што ближниот на таков начин си ја нанесе, заплака со врели солзи. Така заедно можеа да се видат подвижникот на стравот, наградата и љубовта.

Прв степен на блажена трпеливост е во тоа да се поднесува понижувањето, макар и со горчина и болка во душата. Средината е да се најдеш во такви околности без да пројавиш тага. А крајот (ако може да има крај) е да ја сметаш навредата за пофалба. Првиот нека се радува, вториот нека биде среќен, а третиот нека ликува оти е блажен во Господа.

Ако Светиот Дух се нарекува и е мир на душата, а гневот е и се нарекува вознемирување на срцето тогаш ништо толку не го попречува доаѓањето на Светиот Дух кај нас, како што го прави тоа лутењето.

Кротоста е непоклатна состојба на душата, која не се менува, без разлика дали трпи разновидни понижувања или, пак, слуша пофалби.

За среброљубието

Оној кој го вкусил небесното, лесно го презира земното. А кој не го вкусил небесното, се радува на стекнувањето на земни богатства.

Среброљубието е и се нарекува корен на сите зла. Тоа доведува до омраза, кражба и завист, до раздвојување и непријателства, до судири и злопамтења, до суровост и убиства.

За лагата

Лагата е исчезнување на љубовта и производ на многуглаголивоста и шегите.

На оној којшто стекнал страв Господов, лагата му станува туѓа, бидејќи за неподмитлив судија ја има својата совест.

Еден е судот за оној којшто лаже во страв од маките, а друг за оној којшто лаже без никаква реална опасност. Некој лаже поради развеселување, друг поради сластољубие; Некој за да им приреди забава на присутните, а друг за на ближниот да му сплете мрежа и нанесе зло.

Мало дете не знае за лага, не знае за неа ни душата која во себе нема лукавство.