Важно е да влеземе во Црквата, да се соединиме со нашите ближни, со радостите и со тагите на сите. Да ги чувствуваме како свои, да се молиме за сите, до болка да го посакуваме нивното спасение, да се заборавиме себеси. Да правиме сè за нив, какошто и Христос прави сè за нас. Во Црквата стануваме едно со секој несреќен, напатен и грешен човек…
За да го сочуваме нашето единство, ние ќе треба да ѝ бидеме послушни на Црквата, на нејзините епископи. Кога сме ѝ послушни на Црквата, ние сме му послушни на Самиот Христос. Христос сака да бидеме едно стадо со еден пастир.
Да сочувствуваме и страдаме за Црквата, и многу да ја љубиме. Не треба да прифаќаме кога ги осудуваат нејзините претставници. Духот што го научив на Света Гора беше православен, длабок, свет, молчалив, без расправии, без кавги и без осудувања. Да не им веруваме на оние што ги осудуваат свештениците. И со свои очи да видиме нешто негативно од страна на некој свештеник, ние не треба да веруваме, ниту да мислиме на тоа, ниту да го пренесуваме на други луѓе. Истото важи и за лаиците во Црквата и за секој човек. Сите сме Црква. Оние кои ја обвинуваат Црквата поради грешките на нејзините претставници, наводно со цел да помогнат за поправање, прават голема грешка. Тие не ја љубат Црквата, а се разбира, не го љубат ниту Христос. Црквата ја љубиме кога со нашата молитва го прегрнуваме секој нејзин член и го правиме она што го прави Христос. Се жртвуваме, бдееме, правиме сè, како што прави и Он, којшто „навредуван не возвраќаше со навреда, страдајќи не се закануваше“.
Да внимаваме и на типикот. Треба да живееме со Светите Тајни, а особено со Светата Тајна на Божествената Причест. Во нив се наоѓа Православието. Христос ѝ се принесува на Црквата со Светите Тајни, а главно со Причеста. Ќе ви кажам за една Божја посета на мене ништожниот, за да ја увидите благодатта на Светите Тајни.
Уште од порано на грбот имав еден мал израсток, којшто премногу ме болеше. Беше многу мал, како глава од игла. Болката се простираше на голем дел од левата страна на грбот. Беше неподнослива. Во мојата ќелија во Милеси направивме Света Тајна Маслосвет. Додека имав болки, го помазаа израстокот со осветениот елеј и болката веднаш згасна. Толку бев радосен поради оваа Божја посета, што на секој што доаѓаше му велев:
– Земи од овој осветен елеј. Каква болка и да имаш, од ова да ставаш.
Простете што го кажувам ова, но го кажувам во слава Божја.
Извадок од книгата: „Животот и словата на старец Порфириј Кавсокаливит“