Почитувана…!
Ми напиша дека си плачела три дена по добивањето на моето писмо. Се радувам дека си плачела, ако твојот плач е по Бога, а не од навреда, од самољубие. Од сета душа ти посакувам да ги видиш своите прегрешенија и да плачеш за нив не три дена, туку низ целиот свој живот се до смртта, за да не плачеш вечно по смртта… кога ќе не изведат пред непристрасниот Судија, Кој знае што има скриено во нас и каква одлука ќе ни следува? Со што ќе се оправдаме пред Него? Постои едно единствено средство – а тоа е, додека си жива, да бидеш свесна за својата недостојност пред Бога и пред луѓето и да почувствуваш дека ние луѓето сме расипани и бескорисни, исто така, да забележиш дека имаме ненадоместлив долг пред Бога и дека немаме право што било да бараме од луѓето, тоа да го забележиме, и плачејќи да молиме уште овде на земјата за помилување, за простување на ненадоместливиот долг. Да плачеме затоа што развратно сме ги уништиле духовните и телесни сили, и затоа што непрестајно ја отфрламе љубовта Божја, а треба и да се молиме Господ да не ги споменува гревовите и неправдите наши по смртта, туку да ме прими во својот дом, како што го примил блудниот син. Секој ден пред спиење треба да се проверуваме себеси, и да се понизуваме по нарушувањето на заповедите кои тој ден сме ги прекршиле. И треба да се потсетуваме на целиот претходен живот и да се каеме за сè и да не отстапуваме од покајание, додека не почувствуваме дека Господ не ни ги простил сите наши претходни гревови. Треба при тоа од сè срце да го молиме Господа да ни помогне во иднина да не грешиме, и со новите нарушувања да не ја навредиме Неговата света волја, изразена во заповедите. Секако потребно е да се плашиме да не го навредиме својот ближен, бидејќи е полесно да се смириш со Бога отколку со ближниот… Смирувај се пред сите, труди се еднакво на силите да им служиш на сите, никого не укорувај, не суди, не осудувај. Помири се со сите, на сите прости им, инаку самата нема да добиеш простување од Господа. Тој услов го поставил самиот Господ: „Бидејќи, ако им ги простите на луѓето грешките нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец Небесен. Ако, пак, не им ги простите грешките на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите грешки.“ (Мт. 6; 14 -15).
Со доаѓањето на светиот Пост направи сè да е во ред, смири се со луѓето и со Бога. Биди понизна и плачи поради својата недостојност и пропаст која ти се заканува, и тогаш ќе примиш проштевање и надеж за спасение. „Срце смирено и понизно Бог нема да отфрли“, а без Него никаква жртва и милостина нема да ти помогне. „Да треба жртва, Бог би ти дал, но жртва паленица не е потребна. Жртвата за Бога е духот скрушен.“
Моли Го усрдно Господа за најголемиот и најпотребниот од сите дарови – да ги видиш своите гревови и да плачеш за нив. Тој што го има тој дар, има сè.
Господ нека те вразуми и благослови! Поздрав и благословот Божји со сите.
Извадок од книгата: Игумен Никон Воробјов, Со трпение спасувајте ги своите души, Скопје 2001, стр. 29-30