Напредок – од еден друг поглед

Постои една шега за Источната Православна Црква, која гласи вака: „Колку Православни се потребни за да се промени една светилка?“ Одговорот е едноставен: „Да се промени?!

Православието е често обвинувано дека не се менува и усогласува со текот на времето. Една единствена посета на Православната Црква – нејзините светилишта насликани со икони, со мирис на темјан и запалени свеќи и клирот облечен во древни одежди, го потврдува стереотипот дека Православниот народ не е многу склон кон промени. Споредено со шик Американското мега Христијанство, со LCD проектори, осветлени сцени и рок музика, Православната Црква изгледа повеќе антипрогресивна.

Оваа традиција на обожување (на која и јас самиот припаѓам) постои уште од раната Црква и е пренесена од една уште постара традиција, Еврејската литургија. Православието бара прибежиште во носталгичен традиционализам, или има нешто што се случува повеќе намерно? Јас би расправал дека суштината на Православието, со својата очигледна непроменливост, е всушност, промената. Антониј Блум, Православен писател и богослов, ја опишува древната литургија како „училиште за духовност: тоа е ситуација и средба со Бога и светот во Бога. Има своја сопствена спонтаност која ја надминува актуелната спонтаност на секој еден од нејзините членови. Таа е светата спонтаност на општеството веќе исполнета и во Бога.“ Литургијата, полна со ектении  и молитви, кои се сочувале со векови, е како изгрејсонце – променливо и непроменливо, константно и прекрасно спорадично – во сите работи спонтано, сепак не хаотично.

Свети Максим Исповедник, Свети Григориј Палама и Блажени Августин Иппониски се едни од многуте великани на раната Црква на чии рамена ние, како џуџиња, почиваме, учејќи за призивот кој продолжува и после гробот. Рускиот богослов, свети Теофан Затворник рекол: „Погледни на небото и измери го секој чекор од твојот живот за да биде чекор кон него.“ Не се заблудувајте од оваа очигледна метафора; ако секој миг од нашите животи е претставен со целта и насоката – небо – целосно ќе го живееме секој миг во неговата полнота. Да се има беспрекорен поглед кон Небото значи да се преобрази секој постоечки миг во тоа што е вистински и во суштина напредно – тоа е, насочено кон вечноста.

Лажен напредок, пак, е движењето кое само изгледа дека го прави животот подобар. Шоу-бизнисот,  на пример, „напредуваше“ кон многу повеќе слобода на изразување уште од тогаш кога разиграните колкови на Елвис Присли ја нарушија питомата поп-култура на средниот 20ти век. Насилството, суровиот промискуитет и вулгарно непочитување на рок ѕвездите го зеде и својот праведен дел од вниманието на јавноста. Дали е ова напредок или, пак, го води човештвото назад кон него во еден затворен круг? За напредокот да биде вистински, неговата насока мора да биде кон Бога, бидејќи преобразувањето се намалува од движењето назад кон себе. Источната Црква би рекла дека целосност на човечкиот живот е да се промени од својата падната состојба, кон преобразена личност, која станува како Бога – како што Он постана човек – и, доволно иронично, да стане повеќе човек отколку порано. Целиот свет паѓа под чадорот на ова воплотувачко преображение.

Ништо не може да го збуни повеќе човечкиот ум отколку тајната на Христовото воплотување. Тоа што Бог Самиот посака да го земе паднатиот човечки образ – оној кој Он го создаде – е премногу страшно, универзално единствено и некако чудесно утешувачки.

Во Писмата читаме за воплотувањето, го слушаме изразено во беседи, го примаме неговото охрабрувачко ветување, но дали го гледаме? Како гледаме Бог, кој дојде во облик на новороденче? Новороденчињата, се разбира, можат да бидат опишани, да се говори за нив, да бидат видени. Родителите праќаат објавување за нивното раѓање со нивна слика и опис на новороденото – символи, кои  не ја допираат суштината на ова чудесно ново човечко суштество, но сепак, ни дозволуваат да ја делиме радоста на родителите и да го славиме со нив овој настан. Но, што е со Исуса Христа – може ли Он да биде опишан? Може ли да се опише и сега?

Иконите ја исполнуваат оваа улога во Православното богопочитување – тие ни дозволуваат да Го видиме. Една конкретна песна во Православната Црква, која се вика „кондак“ прекрасно го објаснува ова велико и восхитувачко таинство:

Неописливото Слово на Отецот стана описливо, земајќи тело од тебе, Богородице, и го обнови осквернетиот образ во неговата древна слава, исполнувајќи го со божествена убавина. Ова, нашето спасение, во дела и зборови го исповедаме, и го сликаме во светите икони.

Сите имаме право, претпоставувам, кога зборуваме за  напредокот. Но, мора да одредиме точно. Кога ја ставам сликата на забрзаната урбана култура, покрај онаа на мирната стабилност на еден полжав и се запрашам кој прави повеќе напредок, мора да побарам правец. Во кој случај културата се преобразува? Во кој случај луѓето се преобразуваат? Дали културата станува подобра култура со нејзината несмирена потрага по успех? Или полжавот станува подобар полжав, само за тоа што е добар полжав?

Ако небото е границата, тогаш заедничкиот напор на човекот кон небото и небото кон човекот ќе диктира сѐ: од политика до екологија, од врска до космологија и сѐ друго што е под сонцето. Ако го гледаме светот како икона, тогаш патешествието на напредокот постанува многу појасно. Сите учиме по нешто со едноставно застанување за да си го провериме правецот и да го потврдиме крајот на нашето патешествие.

Можеби таа шега би требало да гласи: „Колку Православни се потребни за да се промени една светилка?“; со овој поправен одговор: „Да се промени? Промената е добра, но само доколку се заврти во вистинскиот правец, за на крај да го осветлува целиот свет“.


Michael Tishel Отец Мајкл Тишел
Отец Мајкл Тишел

Отец Мајкл Тишел, родум од Бостон, Масачусетс, служи како помошен свештеник во Грчката православна црква Преображение во Мариета, Џорџија. Познат е по својата посветена работа со младите во православното христијанство, претходно како директор на летниот институт CrossRoad и како предавач и координатор на програмата во Хеленик колеџот Светиот Крст. Отец Мајкл има диплома по споредбена историска теологија од колеџот Гордон и магистрирал на Аристотеловиот универзитет во Солун, каде завршил и докторат фокусиран на свети Јован Златоуст. Својата љубов кон теологијата ја комбинира со страста за млади, семејство и креативни иницијативи во црковната мисија.