Нашите страсти ни ги имаат затворено нашите духовни очи, така што, не гледаме

Многу се израдував заради твојата желба да се погрижиш за својата душа. И јас сум жеден да се грижам за секој брат што бара да се спаси. Значи, возљубен и мил брате мој, отвори си ги ушите.

Предопределеноста на човекот, откако веќе ќе се роди во овој живот е да Го најде Бога. Сепак, не ќе може да Го најде, ако најпрвин Бог него не го најде. ‘Во Него живееме и се движиме’, но, нашите страсти ни ги имаат затворено нашите духовни очи, така што, не гледаме. Кога пак, добриот наш Бог ќе ги насочи Своите очи кон нас, тогаш како од сон се будиме и се обидуваме да го бараме нашето спасение.

Да почнам со твоето прво прашање. Сега те виде Бог, те просветли и те води. Таму каде што си, работи! Молитвата кажувај ја непрестајно со устата и со умот. Кога устата ќе се замори, нека продолжи умот и повторно, кога на умот ќе му натежни, нека почне устата. Само не престанувај! Прави многу метании! Бдеј и ноќе, колку што можеш! Ако се запали огнот во твоето срце за Бога, та бараш молитвено тихување, така што, не можеш да се снајдеш во светот од восприеманата внатрешна молитва, тогаш пиши ми и јас ќе те насочам што да правиш. Ако пак, благодатта не подејствува така, како кажаното, туку ревноста се задржува врз исполнувањето на заповедите Господови кон ближниот, тогаш мирувај, не барај ништо повеќе. Разликата меѓу триесет, шеесет и сто ќе ја најдеш кога ќе го прочиташ ‘Евергетинон’. Таму ќе најдеш и други полезни нешта. А сега да ти одговорам и на другите твои прашања.

Молитвата треба да се кажува со внатрешното слово, но бидејќи, на почетокот умот се нема навикнато на неа, ја заборава. Заради тоа ја кажуваме некогаш со уста, а некогаш со ум. Тоа се случува се дотогаш, додека не се засити умот, така што, молитвата станува енергија. Енергија имаш тогаш, кога кажувајќи ја молитвата, во себе чувствуваш радост и желба постојано да ја повторуваш. Значи, кога умот ќе ја преземе молитвата, така што, ќе стане како што ти пишувам – радост, тогаш ќе се кажува внатре во тебе, непрестајно, без твој напор. Ова се вика чувство – енергија, бидејќи благодатта дејствува без волјата на човекот. Јаде, оди, спие, се буди, а внатре му тече молитвата, има мир, радост.

Што се однесува за времето на молитвата, бидејќи живееш во светот и имаш најразлични грижи, секогаш кога ќе најдеш време, моли се! Но, присилувај се себеси, за да не паднеш во негрижа. Созерцанието, пак, бара апсолутно тихување! Духовната состојба се разделува на три степени и соодветно на тоа дејствува и благодатта кај човекот. Првата состојба се нарекува очистителна, којашто го чисти човекот. Неа ти сега ја имаш и се нарекува благодат очистителна. Таа го води човекот кон покајание. Секоја усрдност, желба за духовен живот, се должи на таа благодат. Твое нема ништо! Таа таинствено седејствува. Оваа благодат, кога се подвизуваш останува кај тебе неколку години. А ако, човекот напредува преку умствената молитва, добива друга благодат, многу поразлична. Првата, како што рековме, се нарекува чувство – енергија и таа е очистителна, бидејќи оној што се моли чувствува Божествено движење – енергија внатре во себе. А другата се нарекува просветлувачка. Со неа се добива светлина на познанието, човекот се воздигнува кон созерцание на Бога. Не светла, не фантазии, не слики, туку бистрина на умот, чистота на помислите, длабочина на значенијата. За да се појави оваа состојба, оној што се моли треба да има тишина, мир и непрелестен патеводител. И третата состојба е осенувањето на благодатта. Благодат којашто восовршува е голем дар.

Нема сега да ти го објаснувам ова, бидејќи нема ни потреба. Ако пак, сакаш да дознаеш кога се случуваат овие дејства, иако сум неписмен, своерачно имам напишано книжуле: „Духопридвижна труба“. Побарај ја и ќе ја најдеш! Пронајди го Свети Макариј и авва Исаак од книжарницата на Схина, многу ќе ти користат. За секоја промена што ќе ја забележиш пиши ми, и јас ќе ти одговорам со многу усрдност. Се трудам, на оние што ми поставуваат прашања да им одговорам подробно. Оваа година имав посетители од Германија само за да ја научат умствената молитва. Ми пишуваат и од Америка со голема усрдност. И од Париз ги има многумина коишто се интересираат со голема жар. А ние овде не се грижиме. Не е копање повикувањето на Името Христово да не помилува? На крајот и една затемнета идеја на лукавиот се вкоренила, дека ако некој ја кажува молитвата, постои опасност да се опрелести. Всушност токму ова тврдење е прелест. Кој сака, нека се обиде, а кога ќе се задржи енергијата на молитвата внатре во него ќе се создаде рај, така што, ќе се ослободи од страстите и ќе стане друг човек. Ако ова пак, се случува во пустина, о-х-о, не се искажуваат добрата создадени од молитвата.


Извадок од книгата: Исихастички сведоштва, Старец Јосиф, Струмица : Манастир Свети Леонтиј – Водоча, 1999 стр: 35-38