Не очајувајте во несреќите и не бидете малодушни

1962 г.

Почитувана…!

Ви благодарам за поздравот. Ја паметам исто така молбата (од)… Многу ми е жал за него. Понекогаш со љубов се потсетувам и му посакувам да се ослободи од ѓаволските канџи. Тој не траба да го бара она што го изгубил во философијата и науката, туку со напор на волјата, „не гледајќи, да поверува“ и да го изгради својот живот доследно на верата. Тогаш ќе му дојде помош од Небото, ќе го истера од себе непријателскиот мрак и ќе ја посведочи вистинитоста на Христијанство со таква семоќна сила и убедливост што тој од сè срце ќе воскликне: „Господе, подготвен сум да одам на било какви мачења, само не отфрлај ме од Себе!“ Тоа го искусиле сите кои Го бараат Бога.

„Барајте и ќе најдете, молете и ќе ви се даде, тропајте и ќе ви се отвори… Кој од вас е таков, ако синот му побара леб, да му подаде камен, или ако бара риба да му даде змија! Ако вие, иако сте злобни, умеете добри дела да правите, колку повеќе добра Отецот ваш Небесен ќе им даде на оние кои Му бараат?!

Зошто тој сега се храни со свинска храна и зошто ги отфрлил отците? Зар сите биле измамници, според неговото мислење? Ако барем еден зборувал вистина, тогаш и целото Христијанство е вистинито. А со какви страдања сведочеле мачениците за вистината која ја познале! Природно, нему му е потребен личен опит. Нека моли и неизбежно ќе го добие.

Не очајувајте во неволјите и не кревајте раце од сè. Почесто читајте го Евангелието. Исус Христос им проштавал на сите кои се каеле, но и предупредувал: „Оди си и не греши повеќе“. Почесто прибегнувајте кон Него, бидете свесни за своите недела, молете за помош, принудете се секогаш, како гласно, така и во себе, да ја повторувате Исусовата молитва.

Господ нека Ве вразуми и сочува од секое зло. Ако планирате да му пишете, напишете дека му се поклонувам, исто така напишете му дека светите отци неверието го ставаат на исто рамниште како што се блудот, суетата, гордоста и останатото. Овде дејствува повеќе непријателот, отколку човекот. Неопходно е да се бориме со неверието како и со останатите страсти – не расудувајќи и разговарајќи со помислите, исфрлувајќи ги од себе со напор (велејќи) („не се согласувам“) и со молитва, особено Исусовата молитва, по можност непрестано, молејќи од сè срце за помилување. Од тоа свето Име, пред Кое се поклонува секое колено небесно, земно и подземно (од пеколот), ќе ослаби непријателското дејство и во срцето ќе влезе мир, надеж, вера и умилност… и ќе помине секое искушение. А колку човек да чита научни, философски книги и разни апологии, ќе потоне уште подлабоко. Сето тоа треба да го отфрли и да се приближи кон Оној Кој е Пат, Вистина и Живот.

Господ нека му помогне! Ова го пишувам како брат, а не како учител.