Некој свештеник од 20-от век

Го видов ненадејно во одајата со 65-70 кревети, среде еуфоријата која ја прават 70 луѓе кога се собираат и се стискаат во еден мал простор. Од големите прозорци оградени со железна ограда влегуваше многу светлина.

Беше утро, околу 9 часот, кога се отвори тешката надворешна врата и влеговме, новата група од десет студенти, во одделот за токсикологија и одвикнување во Дафни.

Многу лица се движеа неодредено низ широкиот ходник, оставајќи ги своите кревети. Луѓе од сите краишта на татковината, па дури и од подалеку. Секој со својот карактеристичен нагласок, Ларисјани или Критјани и островјани, ниски, високи, темни, светли, слаби, дебели, паталци – сиот свет собран да живее заедно.

Внатре во оваа поплава од луѓе стоеше еден висок рус човек, облечен во црни алишта и со бел колар на вратот, кратка руса брада, со господски став и непоколеблива смиреност среде сиот тој смут. Сфатив дека се работи за свештеник. За среќа, си реков во себе, католички свештеник во одделот за токсикологија. Среќа што не е православен, па да се срамиме пред лекарите и пред колегите. Среќа!

Се поделивме на две групи и ги облековме лекарските мантили, па заедно со одговорниот лекар се упативме кон креветот на првиот пациент. Одговорниот го повика да се одвои од друштвото и кога дојде видовме дека е еден мал мангуп од Лариса, разговорлив, но мангуп. Не се сеќавам ништо од тој прв час, ниту зошто пациентот бил таму, ниту какви лекови примал, туку само неговите зборови. Рече:

„Го имаме попот да ни помага и си поминуваме многу добро. Јас требаше да си одам за три месеци, но благодарение на него, ќе си одам за еден и пол месец.“

Тогаш ме смути помислата како е можно еден католички поп со костум да му помогне на овој овде. Невозможно!

При нашата прва средба ништо не направив и покрај мојот социјален карактер. Си отидов веднаш кога заврши моето задолжително време на присуство. При втората посета следната седмица, повторно се случи истото, друг пациент и ново откровение:

„Среќа што го имаме попот и ни помага, особено навечер, кога остануваме сами. Нѐ утешува, нѐ укрепува. Тој е наш, православен поп!“

Една студена струја ме помина и сѐ се сруши. Мојата благочестивост не можеше да прифати еден православен свештеник да биде пијаница, да има потреба од одвикнување и да се наоѓа зад решетките, заедно со злосторници, пијаници и наркомани. Ниту во некој приватен центар за одвикнување. Сликата која ја имав за неосквернетата Црква и која се должеше на мојата младост, нагло се помрачи.

Му се приближив додека стоеше и разговараше со еден друг пациент, чии раце трепереа. Буквално за ништо не разговараа, другиот го слушаше, му ги кажуваше проблемите говорејќи брзо, а попот гледаше во него и го слушаше со особена посветеност и љубов. Имаше чист лик, морско сини очи, на возраст од отприлика 55 години, бели раце, долги прсти. Како и да е, сѐ во врска со него беше господско. Му одговори тивко со малку англиски нагласок. Беше странец. Православен поп странец. Веднаш штом заврши со пациентот, се сврти кон мене и ме праша:

„How are you?“

Дознав дека е Грк роден во странство – неговите родители отишле во Америка, но подоцна го испратиле кај неговите баба и дедо во Катерини, каде што научил грчки и се поврзал со месните обичаи. Веќе почнав да се чувствувам опуштено, како да се познаваме со години, а сите мои предрасуди ме напуштија.

„Што сакате од мене?“, ме праша.

„Сакам да знам зошто сте на ова место, сакам да Ве запознам.“

„Дојдете во мојата соба.“

Да, среде тој хаос имаше една мала соба, тесна собичка со еден кревет, северен прозор, превисоки четири метарски ѕидови, една маса за пишување, дваесет руски икони, кандило, бројаница, кадилница, епитрахил, лекови и книги. Тоа беше една мала калуѓерска ќелија, среде седумдесетте штитеници на психијатријата. Таму започна откровението на божјата благодат. Името му беше Николај, православен свештеник од Американската архиепископија, професор на Харвард, на катедрата за исихастички студии и пастирска психологија. Професор на најголемиот американски универзитет, а сега штитеник на психијатриското одделение во Дафни, во одделот за одвикнување.

„Отче, како стигнавте овде?“

„Бевме едно друштво, пријатели кои ја завршивме школата на Чесниот Крст во Бостон. Се оженивме, родивме деца и станавме свештеници. Најдобриот помеѓу нас почина ненадејно пред околу десет години. Го погребавме и се вративме дома. Тогаш ме опфати дух на жалост и оттогаш почнав да пијам. Било како било, за кратко време станав зависен од алкохолот и доколку не пиев, се тресев. Не можев да си ги исполнам обврските. Во почетокот го криев тоа од жена ми и децата. Не се пијанев, но пиев, постојано бев со чаша во раката. Ми се оштети црниот дроб.“

Сева оваа работа беше предизвик за моето лекарско знаење – ништо од погорното не се согласуваше со непорочноста, господството и недостигот на нервоза кај овој човек. Беше дошол часот да си одиме. Побарав благослов да му донесам нешто за утеха помеѓу овие ѕидови.

„Една книга од Романидис“ – ми рече – „Романидис ми беше професор.“

При следната наша средба, следната седмица, во своите раце ја држев книгата на Романидис „Римјани или Ромеи отци на Црквата“. Ги искачив скалите трчајќи, за да го сретнам мојот Николај, мојот пациент. Го најдов во неговата соба, седнат на мала фотелја, со мала бројаничка во раката. Му ја дадов книгата која имаше тврда, црвена корица. Ја разгледа со љубов, ги прочита поглавјата и се израдува како мало дете.

„Овде сум повеќе од три месеци, излегувам ретко и никој не ми донел подарок. Многу се радувам. Овој човек му донесе живот на православието, ја скрши схоластиката на германската идеологија и го покажа нашето богатство! Сѐ што ни кажуваше старец Јосиф, овој го внесе во универзитетите.“

„Кој старец Јосиф?“

„Исихастот, старецот спилеот. Го запознав во 1960 година. Кога одев на Света Гора, во Неа Скити, секогаш ме примаше во својата ќелија. Тој светлоносен, сладок и строг старец ме научи да се молам со часови на својата бројаница. Велеше дека е потребно внимание на умот, зашто прво доаѓа нападот, потоа разговор со помислата и на крај согласувањето со неа. Согласувањето е смрт, почеток на гревот, кој е отровен заб на смртта. Потребно е внимание и будност, а не разговор со помислата. Сето тоа што го кажуваше старецот, емпириски го пренесе Романидис, го запиша и светоотечки го поткрепи, за да го испрати до краиштата на светот и да имаме радост дури и ние во Америка.

Кога станав свештеник, од првата плата му купив подарок на старец Јосиф – монашко расо, ништо особено, го завиткав во хартија, ја напишав адресата и го испратив. После пет години го посетив во неговата ќелија и во еден агол го видов мојот подарок недопрен. Моето лице веднаш се намурти и му реков:

‘Старче, ти пратив подарок од мојата прва плата, а ти не си го ни допрел!’, а тој ми одговори:

‘Отче Николае, чедо мое, ништо не ми недостига, зашто Го имам Христа. Не ми недостига ништо. Твојот подарок го видов, скинав едно крајче и го видов, но го оставив овде со години, помислата да ми вели отвори го, а јас да го заборавам, но да се сеќавам на тебе. Можев и да го подарам на некој од многуте кои доаѓаат овде, но го оставив заради тебе. Отче Николае, дојди да запееме шести глас, да се утешиш.’

Ме научи да се молам со бројаницата за целиот свет. Сите служби, освен Литургијата, ги правеше на бројаница.“

„Отче, не ми е јасно како Вие, кој сте запознале еден таков свет старец, сте дошле да паднете на оваа страст на алкохолизмот. Зарем молитвата не Ве заштити, зарем не Ви помогна да се избавите од такво искушение?“

„Евангеле, не го заборавај она ‘Доста ти е Мојата благодат’ на апостолот Павле.“

„Знаете… на почетокот ме соблазни вашата состојба.“

„Те соблазни или те исплаши сознанието за кршливоста на нашата природа? Самодоволен си во својата замислена чистота и се плашиш да не ја расипеш, да не направиш некоја грешка и да го изгубиш добриот глас за себе и за другите. Те интересира што ќе каже светот. Брате мој и пријателе мој, младоста е лош советник за тебе, како што некогаш беше и за мене. Искуството на животот и доживувањето на благодатта ме научи дека, каков и да сум, што и да правам, врзан сум за Христа и повикувам ‘Помилуј ме, Боже, помилуј ме, Господи, како што знаеш и како што сакаш, спаси ме.’ И си велам во себеси дека сите се спасуваат, само јас гинам. Се надевам на Христа и на Богородица. Се надевам на милоста на Бога, Кој го дарува рајот на оние кои веруваат дека се недостојни за рајот.“

И повторно помина нашето време.

„Отче, сакате да Ви донесам нешто и при нашата следна средба?“

„Да, сакам, зашто имам четири дечиња дома и ми се нажалило срцето за нив. Те молам, земи некое мало дете и викни ме да излезам на прозорот и да го видам низ решетките, та да се утешам малку.“

Го зедов моето крштениче Сотирис во раце и се вратив назад. Откако го викнав, отец Николај излезе низ прозорот, ги рашири рацете, се насмевна и така разговаравме. Се израдува многу, зашто се сети на сопствените деца. Не му беше горчлив спомен, но носталгија за неговиот рај. Нѐ благослови и си отидовме.

„Отче, Америка е позната по своите центри за одвикнување. Како дојдовте во овие ужасни услови?“

„Евангеле, пред многу месеци излезе конкурс за едно место по исихастички студии на Атинскиот универзитет. Дојдов и јас, откако зедов дозвола од мојот универзитет во Харвард, да аплицирам за таа катедра. Месеците минуваа и не биваше ништо друго освен професорски интриги, состаноци врз состаноците… Мојата катедра во Харвард пред мене ја држеше отец Георгиј Флоровски. Тој е многу голем теолог и мој старец.“

Од изненадување во изненадување.

„Тој великан е Ваш старец?“

„Да, и навистина е голем и духовен теолог и човек на самопожртвуваност. Вешт во пастирска психијатрија и психолошко соочување со зависниците од супстанци и алкохол. Сето тоа го работеше со особена љубов и трпение. За да ја сфатиш големината на тој човек, ќе ти кажам една приказна чиј сведок бев јас лично. Едно семејство го донесе своето осумнаесет годишно дете кое страдаше од хебефрена схизофренија. Состојбата беше значително тешка и болеста неизлечива, но го молеа да го прими и да го преземе неговото лекување. Навистина го зеде и го одведе во една куќа надвор од градот, каде имаше голем посед и многу брези. Отидоа обајцата сами, отец Георгиј и детето, и ја заклучија вратата. По три дена излегоа и тој им го предаде на родителите детето потполно здраво и разумно. Детето студираше и од тогаш е здрав и сега дури е и епископ на црквата. Кога го прашав отец Георгиј како стана сето тоа, ми кажа:

‘Го зедов детето и му реков: ‘Чедо, јас ќе седам кај оваа бреза, а целиот простор е твој, прави што сакаш и кога ќе посакаш, дојди да поразговараме.’ Три дни и три ноќи правеше што сакаше. Го уништи фрижидерот, библиотеката, цвеќињата и кога сакаше, доаѓаше и си говоревме. Јас седев покрај брезата и чекав, без да се колебам за тоа што станува и три дена не станав, не јадев и не пиев вода. Третиот ден детето дојде смирено и ми ја бакна раката, ме подигна и ми помогна да одам, зашто бев како умрен, ја отворивме вратата и го предадов на неговите родители, облечен и разумен.’

‘Отче Георгие, како ги извршувавте основните потреби во текот на тие три дена?’

‘Ги извршував на тоа место, воопшто не се поместив, сакав да ги принесам моето трпение и моите секојдневни навики како жртва на Бога за него. Не е ништо особено во споредба со тоа што Бог му подари здравје на човекот и преку тоа ми даде предвкус на Неговото Царство.’

Таков човек беше тој вистински теолог и човек на литургијата, дури и повеќе од тоа. Секогаш велеше: ‘Дај ни да имаме потполно учество во невечерниот ден на Твоето Царство.’“

Разговор за животот на свештеникот во неговата мала соба

Од разговорите кои ги водевме, ќе изнесам неколку.

„Внимавај, свештенику, на себе и не заборавај да Го гледаш Бога. Си се заколнал да го држиш својот ум во спасението – толку твоето, колку и на другите. Секое време е благопријатно за да крстиш или да причестиш, бидејќи секое време е благопријатно за смртта. Да се сеќаваш дека човекот може да Му рече ‘не’ на Бога, но Бог не може да му рече ‘не’ на човекот. Ние сме свештеници на Тој Бог, Кој му дозволува на своето создание да каже ‘не, нека не биде Твојата волја’, односно да го роди пеколот. На луѓето можеш да им кажеш дека Христос се симна до адот и дека таму нѐ чека. Колку е подлабок адот, толку подлабоко е Христос. Болката е лебот кој Бог го дели заедно со човекот и затоа и неговиот слуга, свештеникот, е должен да го споделува со другите луѓе. Бог на крстот застана на страната на луѓето, наспроти сите замисли кои некогаш луѓето ги имаа за Бога.

Бог стана човек – тоа ја покажува Неговата љубов и ја бара нашата љубов, а нѐ ослободува од секаков долг. Нашата борба се состои во внимавањето на духовниот извор на злото, кој не доаѓа од природата, но се изградува во духот. Оној кој го видел својот грев е поголем од оние кои запознале ангели. Тогаш од бездната на своите гревови, човекот се издигнува кон бездната на благодатта. Напредокот во твоето осветување се гледа тогаш кога твоето смирено срце застанува и процутува во благоутробие, не може да суди никому, го подига сето зло од светот, ја поминува Гетсиманија и сѐ покрива со наметката на љубовта.

Евангеле, ако некогаш станеш свештеник, да се сеќаваш дека тоа што ги соблазнува неверните не се светите, туку апсолутниот факт дека не сите се светители. Состојбата на светот прилега на онаа пред Константин Велики и полоша, бидејќи луѓето тогаш биле идолопоклоници, а сега се безбожници. Така, наместо Црквата да го суди светот, Црквата е судена од светот, зашто светот ја има можноста да ја обвини дека во текот на толку многу векови ја има изгубено „магијата“ да го поправи светот. Црквата од свршеница Христова стана религиозна заедница. Да, Евангелието прави востание, но не ги менува основите на светот, туку основите на човечкиот дух, внесувајќи го во него Христа.

Стекни го внатрешниот мир и мноштво на луѓе ќе го најдат мирот покрај тебе. Вистинска вештина е да знаеш да му се приближиш на современиот човек. Суштинското е да се ставиш на негово место, да се исклучиш себе си и да Го оставиш Христа да говори. Сета твоја теологија што си ја научил се руши како кула од карти пред еден злосторник, еден мртовец, еден осамен. Но, живата топлота на твојата дланка може да направи луѓе кои се угаснати, извалкани и грди, да засветлат ненадејно со зраците на светлината и да го извлечеш на површина заспаното во нив – општењето.“

„Отче Николае, знам дека си човек божји и те молам, кажи ми која е твојата тајна работа, што криеш од мене?“

„Евангеле, мислам дека дојде часот да научиш сѐ за мене, како завет од учител на ученик. Не сум болен, барем не страдам од алкохолизам. Помеѓу моите студиски интереси е и психологијата на зависниците. Откако дојдов во Атина и ги поднесов документите, времето поминуваше и откако поразговарав со директорот на оваа клиника, кој е мој пријател од Америка, му кажав за американските програми, каде лекарот живее заедно со пациентите во текот на целата програма и тоа дава одлични резултати. Така, ја набљудувам програмата и до сега сите кои си отишле, не паднале повторно во искушение.“

„Што велите, зарем се продадовте себеси како роб овде? Не ги гледате ниту сопствените деца, ја трпите лудоста на секого?“

„Да, но ја имам мојата соба, мојата молитва, мојата вера, го имам моето огледало – сите мои затворени браќа. Тоа што ми ја раскинуваше утробата е тоа што не можев да богослужам. Сега земам дозвола за излез како сите други и одам во едно блиско манастирче и таму богослужам, па се враќам.“

„Зарем не полудувате, толку месеци затворен овде без причина?“

„Бев притиснат, зашто ова е гробно искуство, но ги запознав сите најмали Христови пријатели. Тие кои веруваат дека се недостојни за рајот, застанав покрај нив, ги слушнав, им дадов малку вода, малку вера и пак останав непотребен слуга. Се грижам за часот на мојата смрт и се надевам на милоста Божја и на Неговата Црква.“

„Отче Николае, Вие сте многу млад, ниту 53 години…“

Беше среда од првата седмица на Великиот пост кога го водевме овој срдечен разговор.

„Во петок ќе земам дозвола и ќе одам во тоа манастирче за кое ти кажував и ќе служам Акатист, а во недела ќе служам Литургија. Дојдете и вие да се видиме. Јавете се во сабота за да видиме кое време ќе биде Литургијата во недела.“

Јас телефонирав во саботата.

„Ве молам, би сакал да разговарам со отец Николај.“

„Не може“, ми рече.

„А, кога да се јавам?“

„Отец Николај пред малку ја заврши светата Литургија, ја употреби причеста и се упокои пред светата Трпеза, во моментот кога ја целиваше за да излезе. Клисарот го нашол на колена, но без здив. Дојде полицијата, ќе го носат телото на испитување и ќе го испратат во Америка.“

„Што велите, отец?! Јас говорев со него завчера. Се чувствуваше одлично. Не може да е тој истиот.“

„Не, тој е. Така сакал Бог.“

Така заврши Николај, тајниот работник на заповедите Христови, мојот кратковремен пријател, вистински пастир кој ги остави деведесет и деветте овци за едната, кој се продаде себеси во ропство како оној епископ од старечникот, свештеникот на измамничкиот дваесетти век, чии очи не се измамија, но чисто го гледаше светот без прелест.

Да го имаме неговиот благослов.